Фото: Маја Јаневска-Илиева

Впечаток во јавноста е дека по инсистирањето за брзо одржување на парламентарните избори, за добивање функционални институции (пред сѐ функционално собрание), сега работите се оставаат за решавање до последниот рок, а понекогаш се бараат изговори и за нивно одложување. Експертите се едногласни дека составувањето на Владата ќе биде комплицирано, а веројатно и изборот на новиот претседател на Собранието, и сето тоа е причина за чекање до последен момент за свикување на новиот собраниски состав

НОВИОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ ПОД ДВОЕН ПРИТИСОК

 

По одржувањето на парламентарните избори на 15 јули, интересот на јавноста и на политичките субјекти најмногу е насочен кон опциите за составување влада и партиско коалицирање за обезбедување стабилно мнозинство. Но таквите постизборни анализи и комбинаторики како да ја пренебрегнуваат уставно-законската неопходност за конституирање на Собранието и за верификација на мандатите на пратениците како предуслов за добивање мандат за формирање влада. Рокот за конституирање на парламентот е 20 дена од одржувањето на изборите, што значи дека тој истекува на 4 август.
Условите на пандемија во кои функционира земјава (и светот) во последниве пет месеци, а во кои се одржаа и изборите, го диктираат и начинот на понатамошно функционирање на парламентот. Во Собранието веќе се прават технички подготовки за одржување на конститутивната седница на новиот пратенички состав, која наместо како досега да се случува во големата сала, ќе се одржи во салата на покривот на Собранието, која се наоѓа под куполата. Веќе се поставени клупи на кои пратениците ќе седат на пропишана дистанца поради мерките за заштита, наместо како досега збиени еден до друг. Покривот на оваа сала е во стакло, па се има впечаток дека се под ведро небо. Најверојатно во оваа сала ќе се држат и следните седници, додека не бидат донесени нови мерки.

Освен создавањето просторно-технички предуслови за почитување на мерките за здравствена заштита од пандемијата, одржувањето на конститутивната седница сѐ уште е во неизвесност, поради здравствената состојба на последниот парламентарен спикер, Талат Џафери, кој треба да ја закаже седницата. Имено, Џафери веќе извесен период е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје и иако има негативни тестови на коронавирусот, здравствената состојба сепак му е чувствителна, па не се знае дали ќе биде во можност да ја одржи конститутивната седница.
– Конститутивната седницата секако треба да биде закажана во законски определениот рок. Доколку претседателот на Собранието од претходниот состав не е во можност да ја закаже и да ја води седницата, тоа може да го стори најстариот пратеник, што лесно може да се утврди кој е… Или пратениците едноставно да се соберат во Собранието на последниот ден од истекот на рокот за конститутивна седница… Навистина, свикувањето на седницата не е прецизно законски решено, но таа мора да се одржи затоа што пратениците веќе се избрани и мандатите им се потврдени од ДИК. Нема потреба да се губи време за работи што се логични – вели Стојан Андов, првиот претседател на парламентот во независна Македонија.

Андов смета дека проблематизирањето на „логичните работи“ во парламентарната процедура само дополнително ќе ги одложува и комплицира и така сложените партиски преговори за составување на влада, но веројатно и за избор на нов претседател на Собранието.
– Составувањето на Владата ќе биде комплицирано, а веројатно и изборот на новиот претседател на Собранието, но сите тие прашања ќе дојдат на ред откако ќе бидат верификувани мандатите на пратениците на собраниска седница од верификациската комисија – вели Стојан Андов.
Впечаток во јавноста е дека по инсистирањето за брзо одржување на парламентарните избори, за добивање функционални институции (пред сѐ функционално собрание), сега работите се оставаат за решавање до последниот рок, а понекогаш се бараат изговори и за нивно одложување. Додека политички се маневрира со роковите и процедурите, се зголемуваат предизвиците (бројноста на заболените) за справување со пандемијата, но и се стеснува времето за соочување на државата со предизвиците на некои геополитички разврски во регионот што се очекуваат есенва, а секако тука се условите за започнување преговори за членство во ЕУ. За сите овие прашања се неопходни функционални институции, стабилизирани и запознаени со работата и процесите што ја очекуваат Македонија.

– За жал, како што стојат работите со изборните резултати, Македонија се чини дека нема да биде институционално подготвена за сите предизвици што ја очекуваат во блиска иднина. Како прво, нѐ очекува лоша есен на здравствен план со предвидувањето за ново разгорување на пандемијата, која се покажа дека здравствените институции не можат да ја контролираат. Веќе ќе ги чувствуваме и реперкусиите од економската криза што всушност ја живееме веќе пет месеци, а на геополитички план ќе ги гледаме резултатите од опасната политичка авантура во која е влезена Македонија. Во таков амбиент, кој и да ја предводи Владата, која и да биде коалициската комбинација на партии во неа, бројките на мандатите и односите меѓу можните партнери укажуваат дека таа (Владата) нема да биде стабилна и силна за да се носи со сите тие предизвици. Дури и да се состави коалицијата, таа ќе „чкрипи“ при функционирањето, а ризикот да „падне“ е голем со излегување на еден од помалите, но клучни коалициски партнери, кој по сѐ изгледа ќе биде ДУИ – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.


Џафери ја закажа седницата за вторник

Претседателот на Собранието од претходниот парламентарен состав, Tалат Џафери, вчера попладне (29 јули) го потпиша Решението за свикување на првата – конститутивна седница на новиот парламент. Конститутивната седница ќе се одржи на 4.8.2020 година (вторник), со почеток во 12 часот, односно на самиот истек од предвидениот рок.