Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент токму бавноста на истрагите и неказнивоста на обвинителите се посочени како една од забелешките за судскиот систем во земјава, кој постојано е на удар поради неефикасност и политизираност. Во таков контекст, бавноста на постапките отвора можност политичко-партиските центри да влијаат врз истрагите на разни начини и да притискаат крајниот епилог да се случи во пресрет на избори или во одреден момент во кој тие би имале најголема политичко-партиска бенефиција
Стејт департментот со забелешки за бавните истраги на обвинителите
Обвинители ги пречекоруваат роковите за истраги и не преземаат никакви последици за тоа… Од друга страна, токму долгите постапки отвораат можност за политизирање на целиот процес и негово користење за меѓупартиска пресметка.
Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент, токму бавноста на истрагите и неказнивоста на обвинителите се посочени како една од забелешките за судскиот систем во земјава, кој постојано е на удар поради неефикасност и политизираност.
– Законот предвидува рокови за да се избегнат долги кривични постапки. Генерално, обвинителите треба да ги завршат истрагите во рок од шест месеци, иако тие може да се одолжат на 12 месеци во посложените случаи и на 18 во случаите со организиран криминал во координација со претпоставениот. Во практика, обвинителите често ги надминуваат овие рокови и не преземаат последици за нивно неисполнување – се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Какви (скриени) можности отвораат бавноста и неефикасноста на судските постапки
Бавноста на постапките отвора можност политичките структури да влијаат врз истрагите на разни начини и да притискаат крајниот епилог најчесто да се случува во пресрет на избори или во одреден политички момент што би им бил од полза.
Потврда за тоа се многубројните притвори и пресуди изминатите речиси 30 години, темпирани во погоден политички момент важен за некоја политичка гарнитура. Секоја партија кога ќе дојде на власт ги користи истрагите и подоцна пресудите да му се одмазди на политичкиот опонент, или, пак, да ја дефокусира јавноста од разни политички афери што во моментот би можеле да ѝ наштетат.
– Сè додека постои можност да се експлоатираат рокови што не се стриктни, сè додека има можност за штитење на одредени однесувања и неповедување одговорност, се случува судството и обвинителството да бидат помагач или алатка за борба меѓу политичките опоненти – вели Сузана Јошевска, адвокатка.
Сличен став има и нејзината колешка Натали Петровска, која смета дека одолжувањето на судските постапки отвора можност за политизација.
– Тоа се случуваше и порано, а продолжува да се случува и сега. Три истраги од 19 на поранешното СЈО се процесирани, односно се завршени со обвинителни акти. Впрочем, и она што беше постапување во поглед на некои од предметите кога беа изречени мерки притвор, некогаш се случува многу згодно да се случат овие дејства во постапките наспроти сите општествени контексти и случувања во државата – вели Петровска.
Професор Калајџиев: Тоа е јавна тајна
Универзитетскиот професор по казнено право Гордан Калајџиев не исклучува можност одолувањето на истрагите некој да го користи за политички цели.
– Општо е познато дека на сите истраги се извлекуваат политички потези со надеж дека ќе се измолат да не ги гонат. Тоа не е спорно. Може да ги рекетираат, може да им бараат политички услуги, како што беше случајот со пратениците кога требаше да се гласа за промена на името на државата во Собрание. Тоа е јавна тајна. Дали истрагите се навистина бавни или намерно се одолжуваат, мислам дека повеќе е првото, ама и во тоа има политичка одлука, затоа што се отвораат постапки и се почнува со мерки без да се имаат доволно докази за тоа – вели Калајџиев.
Според него, развлекувањето на постапката е злоупотреба само по себе, бидејќи тоа во најмодерните држави се смета за проблем на постапката.
– Тоа во најразвиените демократии може да доведе до запирање на постапката бидејќи се смета дека обвинителството или нема доволно докази или нема одговорен пристап. Замислете, ако најголемите моќници можат да бидат малтретирани во долги постапки, тогаш што останува за обичните луѓе. Тие ќе бидат заборавени – нагласува Калајџиев.
Тој додава дека новиот концепт форсира фер судење и човекови права што во модерните демократии, особено во некои развиени држави како Холандија, има рокови – ако за две години не се заврши истрагата, врз основа на барањата за разумен рок или брзо судење, се губи правото да се гони. Слични рокови имаат и многу сојузни држави во САД.
Во однос на довербата во институциите, македонските граѓани и натаму најмалку доверба имаат во судството (13 отсто) и обвинителството (14 проценти), покажува најновото истражување на „Евротинк“.