Привремена комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.
Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.
– Дадени се задолженија на денот на гласањето покрај редовните да има и дополнителни дежурства, со цел навремено делување ако има евентуални кривични дела, изјави за медиумите јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, додавајќи дека со тоа се покрива целата територија на државата
Тој посочи дека е воспоставена комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР, кои ќе бидат на терен и ако има некое кривично дело да ги известат за да можат да делуваат навремено да собираат докази.
Целта на ЈОРМ е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
Јавното обвинителство на Република Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организизирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса: [email protected].
Канцеларијата на Хелсиншки отворена за граѓаните за приговори за референдумот
Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ќе биде отворена со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување.
Комитетот, како што се наведува во нивното соопштение, ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, што се наоѓа на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. Доколку на граѓаните им е потребна мапа за локацијата на Комитетот може да ја најдат на следната веб-страница.
Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до просториите на Хелсиншки комитет, случаите на повреда на избирачкото право можат да ги пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436.
Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на хелкомЖмхц.орг.мк. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.
Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност.
Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Комитетот и истите нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните кои ја пријавиле повредата, се наведува во соопштението од Хелсиншки комитет.
Народен правобранител: Беслатни телефонски линии за повреда на гласачкото право
Во канцеларијата на Народниот правобранител денеска од 7 до 19 часот ќе функционира беслатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на гласачкото право на слободно изразување на нивното мислење и став по однос на референдумското прашање.
Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.
Покрај лично во канцелариите како и на бесплатната линија граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви:Тетово 044 344-082, Струмица 034 329 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.
Народниот правобранител во соопштение до медиумите потсетува на исклучителната важност од остварувањето на правото на непосредно изјаснување, и смета дека изјаснувањето на граѓаните и нивниот став по однос на ова референдумско прашање, е и нивна обврска и активен придонес за иднината на општеството.
Народниот правобранител, истовремено ги потсетува и апелира до сите чинители во општеството, да не ги попречуваат граѓаните во остварувањето на нивното загарантирано право на излегување и лично изјаснување, а ги охрабрува граѓаните секое евентуално влијание да го пријават.