Фото: Илустрација / Архива

Во македонската јавност и понатаму не стивнува впечатокот дека продуцирањето комисиска историја претставува своевиден политички диктат врз науката, кој нема да придонесе ниту за позитивен развој на општеството, ниту, пак, за подобрување на меѓународните билатерални односи со соседите

Како што е предвидено во една од одредбите на спогодбата од Мала Преспа (членот 8, точка 5), во рок од еден месец по нејзиното потпишување беше формирана заедничка интердисциплинарна комисија од експерти за историски, археолошки и образовни прашања, која ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди… Комитетот ќе разгледа и, доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали, како што се карти, историски атласи, наставни упатства што се користат кај секоја од страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа…

Покрај сите политички мотивирани и аргументирани одредби во спогодбата со Грција, овој член имплицира и некакво научно усогласување и на образованието во двете општества. Барем во спогодбата е наведено дека работата на комисијата и комитетот ќе биде поставена на рамноправна и реципрочна основа. Сепак, во македонската научна јавност самото формирање научни комисии со политичка мотивираност и предумисла предизвикува сомничави и недоверливи реакции, пред сѐ поради фактот што науката и политиката функционираат според различни принципи и методологии. Во политиката најчесто доминира прагмата, додека науката се темели на аргументи и докази.

– Политиката и науката некако не одат заедно. Вообичаено, политиката е добра кога сите се согласуваат, а кон науката се пристапува кога ќе се јават несогласувања – вели историчарката Наташа Котлар.

Сепак, заедничката интердисциплинарна комисија од експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу Македонија и Грција веќе е формирана и ја започна својата работа, одржувајќи еден состанок во Солун, на кој се поставени правилата за постапување при понатамошната работа. Слична комисија е формирана и за усогласување на историјата во учебниците, меѓу Македонија и Бугарија, во согласност со билатералниот договор за добрососедство и соработка, која има одржано повеќе средби. И во политичката и во научната јавност постои голема резервираност во поглед на целите за формирање на овие комисии, за кои се верува дека постојат пред сѐ за ревидирање на историскиот наратив и географските обележја во македонските учебници.

Всушност, уште пред да биде формирана македонско-грчката експертска комисија, од грчката страна се пласираа изјави на грчки научници и академици дека во нивните учебници нема што да се коригира, како и дека постои подолг список со забелешки за македонските учебници. Со такво предупредување започна работата на комисијата, а македонската седумчлена експертска делегација ја предводи поранешниот амбасадор Виктор Габер. Иако работата на македонско-грчката комисија е сѐ уште речиси на конститутивно ниво (одржана една средба и утврдени принципи на работа), во македонските медиуми се пласирани информации дека постои опасност од блокада на нејзината работа, „откако грчките членови на комисијата ги добиле македонските барања за промена во грчките учебници и историски книги“. Наводно, овие барања ги скандализирале грчките членови на комисијата и тие барања биле испратени до грчкиот премиер Ципрас, за да го реши тоа политички со македонскиот премиер Заев.
– Сето ова се шпекулации и небулози, кои не ѝ одат во прилог на работата на комисијата. Пред сѐ, сѐ уште не сме влегле во таква фаза на работата да поднесуваме барања и предлози. На таа прва средба во Солун само беа поставени правилата за постапување при работата, ги разменивме учебниците што треба да се разгледуваат и начелно е договорена наредна средба по два месеца од првиот состанок – вели амбасадорот Виктор Габер, како предводник на македонскиот дел од заедничката македонско-грчка експертска комисија.

Од друга страна, во македонската јавност и понатаму не стивнува впечатокот дека продуцирањено комисиска историја претставува своевиден политички диктат врз науката, кој нема да придонесе ниту за позитивен развој на општеството, ниту пак за подобрување на меѓународните билатерални односи со соседите.

– Ваквата комисиски конструирана историја ќе живее колку што политиката ќе притиска да живее. Старата максима дека „победниците ја пишуваат историјата“ ја има „побиено“ Борхес во своето дело „Историја на вечноста“, во кое вели дека постои и друга историја, која ја пишуваат луѓето од занает. Така што таквата комисиска историја, создадена поради една неусвоена билатерална политичка спогодба, не е нешто повеќе од политички диктат. Во средниот век тоа се нарекувало инквизиција. Навистина, инквизицијата во одреден период го има забавено развојот на науката, но таа продолжила да се развива. Историјата го определува нашиот општествен идентитет. А нашата, македонската историја е токму историја на обиди за менување на националниот идентитет – вели историчарката Наташа Котлар.