Дали јавното „дипломатско“ поздравување на сѐ уште необјавена (и неправосилна) судска пресуда е директно мешање во независноста на македонскиот правосуден систем или, пак, стимул за поддршка на реформите во една суверена држава?! На ова прашање добивме три различни видувања
Министерството за правда одобрува, француската амбасада не коментира, од американската амбасада молчат
Дали коментирањето и поздравувањето од страна на странски дипломати на неправосилната и сѐ уште необјавена пресуда за затворската казна изречена на поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски е мешање во независноста на судството или, пак, е стимул за поддршка на реформите во правната држава?! Овие дилеми се актуелни во домашната јавност откога Амбасадата на САД во објава на Твитер му честита на судoт за првостепената пресуда, која во моментот на „честитањето“ не беше ниту официјално писмено објавена. Уште повеќе, пресудата ниту е правосилна, односно за неа сѐ уште не е завршена ниту жалбената постапка. Во содржината на честитката се вели дека е „позитивен чекор напред во барањето одговорност за оние што се обвинети за поткопување на судската независност“.
Француската амбасада не коментира неправосилни судски пресуди
„Нова Македонија“ побара став од дел на дипломатскиот кор во државава, но и од државните институции како гледаат на оваа појава.
Од Министерството за правда велат дека клучни стратегиски партнери во реформите на правосудството во целокупниот изминат период беа и остануваат и понатаму Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД.
– Нивната помош беше експертска при подготовката на законски решенија, но и при воспоставувањето функционални институции. Сите критики, укажувања, пофалби и охрабрувања што доаѓаа и доаѓаат од стратегиските партнери од меѓународната заедница за нас се добронамерна поддршка на патот на градење независно, непристрасно и ефикасно судство и јавно обвинителство, чија крајна цел е воспоставување на владеење на правото и остварување на правдата – објаснуваат од Министерството.
Од друга страна, пак, од француската амбасада во државата, односно од земјата што инсистира дека на патот кон членство во ЕУ Македонија треба да го подобри владеењето на правото и функционирањето на правната држава, во контекст на актуелните случувања кратко ни одговорија дека Франција не коментира првостепени пресуди.
Во меѓувреме, од Амбасадата на САД во Македонија веќе неколку дена, но и до затворањето на денешното издание на весникот, не добивме одговор кој беше мотивот дипломатското претставништво да ја поздрави пресудата што не е правосилна и дали ваквиот начин на дејствување може да се окарактеризира како мешање во независноста на судството во земјата.
Каков е ставот на домашните правни експерти и професори
Правни експерти во свој осврт и анализа на случајот недвосмислено порачаа дека какво било коментирање или оцена на необјавена и неправосилна судска одлука, во период кога за неа претстои и жалбена постапка, во најмала рака е недипломатски потег и грубо мешање во работата на правосудниот систем во државата. Дотолку повеќе што токму странски дипломати и меѓународната заедница со години укажуваат на неопходноста од независност на судската власт и немешање на политиката во правосудството, како клучен критериум за наше приближување кон ЕУ.