Печатените медиуми со својот професионален интегритет, знаење, традиција и искуство не само што информираат, анализираат разни појави и случувања во државата туку и едуцираат, медиумски описменуваат, поттикнуваат општествена дебата итн.Токму поради оваа важна улога, многу поразвиени земји од нашата за време на пандемијата, но и пред неа активно и силно ги поддржуваат традиционалните медиуми, а особено весниците, со програми од финансиска природа, за одржување и поттикнување на нивната мисија, бидејќи се во целосна функција на граѓаните и јавниот интерес

РЕГИОНАЛНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА НАПЛАТА НА СОДРЖИНИТЕ НА ИНТЕРНЕТ

Пандемијата на коронавирусот ги промени условите и начинот на кој функционираат медиумите во светот и во Македонија, сериозно погодувајќи го нивното финансиско опстојување и одржливост.
Оттука, таканареченото „ново нормално“ во услови на здравствено-економска криза стана уште потешко за печатените медиуми во земјата и во регионот.
Во своја информација на оваа тема, балканскиот сервис на „Ал џезеира“ неодамна поттикна иницијатива печатените медиуми во регионот да започнат да наплатуваат за содржините на своите електронски изданија. Медиумот ваквата иницијатива ја темели врз фактот дека од година на година се намалува бројот на печатените медиуми поради тешките економски состојби, па весниците и магазините во Хрватска од неодамна започнуваат да ги наплатуваат своите услуги на порталите.
Главниот уредник на загрепскиот весник „Јутарњи лист“, Горан Оруглиќ, тврди дека нивните анализи покажале дека е-читателската публика е подготвена да одвои одредена сума да ги прочита содржините на интернет.
Тој истакнува дека овој новитет има потенцијал да се користи од повеќе медиуми во земјата, но и во регионот. Оруглиќ додава дека до овој момент сѐ уште не јасно колкава би можела да биде платежната состојба што читателската публика би била подготвена да ја плати за разлистување на содржините на весниците на интернет.
Освен во регионот, вакви и слични чекори се преземаат и во светот. Имено, британскиот весник „Гардијан“, од почетокот на пандемијата досега формирал разгранета мрежа на финансирање од повеќе извори од претплата, реклами, па дури и електронски донации од е-читатели. Слични чекори најавува и медиумскиот магнат Би-би-си.

Од македонска перспектива битно е да се напомене дека традиционалните медиуми во земјата, особено печатените, исто како и во регионот, се силно погодени од последиците на кризата предизвикани од пандемијата.
Како мерки за ублажување на последиците од коронавирусот, од почетокот на пандемијата властите во земјата во медиумскиот бизнис по разни основи обезбедија финансиска помош во висина од околу три милиони евра. Дел од помошта за печатените и електронски медиуми во земјата беше обезбеден со субвенции, дел како ослободување од плаќањето на некои обврски кон државните фондови за здравствено и пензиско осигурување, а исто така Владата ги вметна и медиумите во мерката за помош за исплата на плати до 14.500 денари по вработен, која е воведена за сите компании во земјава.
Во контекст на актуелните случувања битно е да се напомене и дека традиционалните медиуми, како што се весниците, отсекогаш имале огромно значење во интерес на јавноста и со тоа додадена вредност како медиум. Преку нив граѓаните добиваат проверени и веродостојни информации и анализи, кои се особено важни за демократијата во една држава. Печатените медиуми со својот професионален интегритет, знаење, традиција и искуство не само што информираат, анализираат разни појави и случувања во државата туку и едуцираат, медиумски описменуваат, поттикнуваат општествена дебата итн.
Токму поради оваа важна улога многу поразвиени земји од нашата за време на пандемијата, но и пред неа, активно и силно ги поддржуваат традиционалните медиуми, а особено весниците, со програми од финансиска природа, за одржување и поттикнување на нивната мисија, бидејќи се во целосна функција на граѓаните и јавниот интерес.

Претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми, Лирим Дулови, смета дека секоја можност што ќе биде понудена за да се одржат во живот и во бизнис печатените професионални медиуми во земјава треба да биде искористена.
– Ние како Асоцијација на печатени медиуми мораме да се бориме за опстојување на нашата фела во делот на печатот, бидејќи и со актуелните мерки што ги презеде Владата тешко можеме да ја надминеме состојбата. Ние се обративме да побараме и дополнителна помош, особено во делот на минималната плата, бидејќи за печатените медиуми има дополнителни ограничувања во овој процес додека се конкурира за оваа мерка. Дополнително, се обративме до Владата и за да ја забрза и порано да ја реализира активната програма за помош на печатените медиуми поради објективните причини поврзани со кризата. Но барем засега сѐ уште немаме позитивен повратен одговор – вели Дулови.
Според претседателот на асоцијацијата, печатените медиуми сега треба да се борат да осигурат опстојување за да не отидат курбан во овие состојби.