Универзитетските професори Борче Мурговски и Марина Малиш Саздовска, како и поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, даваат свое видување за соработката на нашата земја со меѓународните полициски институции и за потребата од поголема проактивност, но и за недостигот од кадри и профили на експерти со кои овие соработки би можеле да се продлабочат
КАКВА Е СОРАБОТКАТА НА МАКЕДОНИЈА СО МЕЃУНАРОДНИТЕ ПОЛИЦИСКИ ИНСТИТУЦИИ
Последниот пример со исчезнувањето па враќањето на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков ја отвора темата колку нашата земја соработува со меѓународните полициски институции.
Универзитетските професори и познавачи на безбедносните состојби со кои се консултиравме велат дека блиските врски со меѓународните полициски институции се клуч за испораката на македонските бегалци пред правдата, но ако сакаме да го забрзаме овој процес, нам ни е неопходно збогатување на нашите полициски тела со професионалци, кои ќе раководат подобро со овие процеси.
Универзитетскиот професор Борче Мурговски вели дека безбедносните механизми на сите светски држави во поновата историја се еволуирани и свртени кон соработка едни со други.
– Па, во тој правец нашите институции може да имаат корист од соработките со меѓународните безбедносни организации како Интерпол, Европол и Септа, Селек, но и редица други полициски организации што потекнуваат од САД и од Канада – вели Мурговски.
Професорот забележува дека за успешно враќање на бегалците по кои Македонија има издадено потерници е неопходна ефикасна и кредибилна, па дури и персонална соработка меѓу преставниците на домашните институции и меѓународните.
– За жал, во одредени моменти во земјава низ годините имаме недостиг од вистински професионални кадри и профили на експерти што овие соработки би можеле да ги продлабочат и со кои Македонија би можела да ја постигне саканата цел – вели професорот.
Универзитетската професорка Марина Малиш Саздовска, пак, вели дека Македонија како членка на Интерпол и Европол ги има сите неопходни институционални и легислативни предуслови да соработува со меѓународните полициски организации.
– Во нашата земја во рамките на институциите постојат и канцеларии на Интерпол и Европол, а истовремено имаме и наши аташирани лица распоредени во централите на овие две меѓународни безбедносни организации. Па, оттука, како земја-членка на овие институции ние ги имаме сите неопходни институционални, легислативни и организациски предуслови за соработка кога станува збор за испорачување на лицата по кои се трага со потерници во Македонија – вели професорката.
Таа подвлекува дека, според досегашната практика на соработка, Македонија има добри искуства во овие процеси и канали на проток на информации 24/7 за одредени теми, но додава дека истите тие секако може и да се подобрат во иднина.
Професорката објаснува дека нашата земја честопати кога се сузбива меѓународниот организиран криминал има и блиски врски со меѓународните полиции, без разлика дали станува збор за потрага за бегалци, за спречување мигранти, трговија со дрога и слични случувања.
Таа резимира дека, сепак, се добива чуство дека е неопходна е дополнителна проактивност за како земја повеќе да се етаблираме во соработката со меѓународните полициски истраги.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, смета дека Македонија, освен што соработува со големите меѓународни полициски организации, како Интерпол и Европол, исто така соработува и со разузнавачката заедница на сојузничките држави од НАТО и оние со кои имаме склучено билатерални договори од оваа област.
– Од формален аспект, институциите како Интерпол и Европол може нам да ни помогнат во смисла на експедитивност на испорака на бегалци, бидејќи тие се само сервис за испорачување на овие луѓе кон лицето на правдата во Македонија. Но она што е посуштинско за нас, како во случаите на пример со бившиот премиерот Никола Груевски, е нашата соработка со разузнавачката заедница на пријателските земји.
Имено, службите се тие што влијаат пред тамошните влади кое лице да се испорача во Македонија, а кое не. Доколку тие проценат дека одредени бегалци од висок профил поседуваат одредени информации на пример од безбедносен карактер, што би оделе во полза на нивниот национален интерес, тогаш разузнавачките организации ретко кога дозволуваат бегалците да се испорачаат кон Македонија – вели Трајанов.
Оттука, поранешниот прв човек на МВР, советува дека ако навистина сакаме да си ја подобриме состојбата со бегалците по кои се трага од македонските судови или затвори, тогаш земјата треба да ја зголеми динамиката на соработката со разузнавачките заедници од Европа и светот.