Фото: Дарко Андоновски

За разлика од македонските политичари, странските државници се екстремно активни на Интернет, а преку социјалните мрежи дури и неколкупати на ден, во зависност од политичките случувања, ги истакнуваат своите размислувања по одредени проблематики

Колку македонските политичари во својата работа активно го користат потенцијалот на социјалните мрежи и дали домашните политички елити во однос на комуникацијата на Интернет функционираат или барем потсетуваат на своите колеги од Западна Европа и светот.

Оваа дилема во моментов е особено актуелна, кога во земјава се случуваат редица исклучително битни политички настани што го засегаат целокупното општество и во чиј развој јавноста чувствува потреба константно да биде информирана и да го слуша ставот на државните функционери од власта и од опозицијата.

Во меѓувреме политичката сцена во земјава изминативе две недели беше обележена со три долги лидерски средби, на кои водечките политичари преговараа со часови за клучни прашања, а во јавноста се добиваше впечаток дека (тие) политичарите функционираат со застарени методи и во најголем дел известуваат за средбите преку прес-конференции со класични изјави, без притоа со поголема брзина истото тоа да го соопштат преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Притоа, како најчесто застапен и највообичаен метод на комуницирање со јавноста кај нас остануваат партиските соопштенија. Од друга страна, светските лидери и европските политичари многу повеќе ги користат социјалните мрежи за испраќање пораки до граѓаните. Тука се издвојува американскиот претседател Трамп, кој е секогаш актуелен на Твитер, но и редица други државници од Европа и еврокомесари. Со задоцнување од еден ден по завршување на лидерската средба на Фејсбук се огласи премиерот Заев.
Тој преку Фејсбук порача дека татковината ќе ја биде, а Македонија ќе стане членка на ЕУ и на НАТО.

– Вечно ќе бидеме Македонци и вечно ќе зборуваме македонски јазик – напиша Заев.
За разлика од македонските политичари, во светот овие работи функционираат поинаку, многу побрзо, странските државници се екстремно активни на Интернет, а преку социјалните мрежи дури и неколкупати на ден, во зависност од политичките случувања, светските политичари ги истакнуваат своите размислувања по одредени проблематики.

Во тој контекст, на оваа тема дали политичарите ја користат социјалната мрежа Твитер и за тоа колку тие се активни, американската ПР-консултантска фирма „Барсон – Марстелер“ публикува истражување, насловено „Твипломаси“.
Според резултатите од студијата, во овој момент на Твитер постојат 856 твитер-профили на шефови на држави и влади и на министри за надворешни работи во 178 држави, што е 92 проценти од членките на ОН, со 356 милиони следбеници.

– Покрај официјалниот профил, значаен дел светски политичари имаат и свој личен профил – стои во истражувањето.
Според студијата, по бројот на следбеници, на прво место се наоѓа Доналд Трамп со 53.2 милиони следбеници и е државник што е најпопуларен на Твитер. Зад Трамп на светско ниво на второ и трето место се папата Франциск и индискиот премиер Нарендра Моди.

Според „Твипломаси“, папата Франциск има профили на девет јазици и со тоа тој ја пренесува својата порака пошироко, во споредба со Трамп, кој ја користи социјалната мрежа за пренесувањето на американските владини политики и изнесувањето лични ставови.

Во Европа, пак, на Твитер најдобро котира британската премиерка Тереза Меј, со пет милиони следбеници, а на второ место на листата е францускиот претседател Емануел Макрон, кој има три милиони следбеници.

Од друга страна, чисто за споредба, македонските политичари на Твитер функционираат многу поскромно од светските државници. Македонскиот премиер Зоран Заев има 11.000 следбеници, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски има 1.500, додека официјалниот профил на Владата на Р. Македонија има околу 7.500 следбеници.
Од друга страна, на социјалната мрежа Фејсбук, пак, премиерот Заев, покрај фан-страницата, и има личен профил. Тој на фан-страницата е следен од приближно 211 илјади следбеници. Слично на него, на оваа социјална мрежа функционира и неговиот ривал Мицковски, кого на фан-страницата го следат помалку луѓе, или околу 29 илјади посетители.

На слична тема во изјава за телевизијата 1ТВ, Бојан Кордалов, специјалист за ПР и нови медиуми, истакнува дека во Собранието, 112 од 120 пратеници користат социјални мрежи, поточно Фејсбук.
Како што вели Кордалов, анализата не е толку детална колку што е ветер во грб на самите политичари за да се поттикнат да ги користат повеќе заради интерес на граѓаните.

Политичарите и носителите на јавна функција, според Кордалов, мора да сфатат дека не може просто да отворат своја страница или профил и да бидат активни само за време на кампања, туку треба да градат однос со гласачите.
Тој апелира политичарите да бидат професионални во пристапот и постојано да ги користат социјалните медиуми и да бидат достапни за граѓаните.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ја состојбата во Македонија, на ова поле вели дека политичарите во поголема мера се поактивни на Фејсбук за разлика од Твитер.

Според Стефаноски, од друга страна, на Твитер се присутни домашните политичари од релативно помладиот бран (Антонио Милошоски, Илија Димовски, Стефен Богоев, Филип Петровски, Стево Пендаровски и др.), како и министри од Владата (Дамјан Манчевски, Мила Царовска, Бујар Османи, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска), претседателот Иванов исто така е присутен на Твитер, иако неговите објави се поретки во споредба, на пример, со премиерот Заев, кој има мошне активен твитер-профил.

– Според мене, во Македонија не се обрнува доволно внимание на политичката комуникација преку социјалните мрежи, а дебатите во најголем дел на Интернет се одвиваат преку анонимни корисници, кои често вршат злоупотреби во истакнувањето на ставовите на партиите, вршат клеветење и спроведуваат ниско ниво на комуникација. Светските искуства се различни од нашето локално, па на пример истражувањата покажуваат дека Доналд Трамп со своите лични твитови често успева да ја диктира програмската рамка на американските и светските медиуми и да креира имиџ на нетипичен политичар близок до обичниот темпераментен корисник на социјалните мрежи, со што ја засилува поддршката за своите политики и ја зголемува својата популарност. Исто така, во светски рамки дебатите се спроведуваат јавно и со вистински профили на политичарите. Исто така во позитивна насока чест е и случајот кога политичари, на пример од рангот на пример на Жан Клод Јункер, одговараат директно на прашањата на социјалните мрежи на нивните следбеници што се обични граѓани – вели аналитичарот.


Нова алатка за политичари

Дигиталната медиумска платформа за блогирање „Машабл“ на оваа тема информира дека откако во светот стана повеќе од јасно дека социјалните мрежи се извонреден ресурс за водење на политичките кампањи, очекувано беше дека ова поле на политичка борба уште повеќе ќе се развива.

Според „Машабл“, првиот чекор во таа насока го направи „Микрософт“, кој на крајот од минатата и на почетокот од оваа година започна да работи на оформување нова социјална мрежа наменета исклучиво за политичари, која е насловена Товнхол (градско собрание).

– Оваа социјална мрежа е развиена за да им послужи на потребите на луѓето од политиката и нивните поддржувачи побрзо и полесно да ги споделуваат своите информации и размислувања – пишува „Машабл“.

Социјалната мрежа Товнхол е дел од групата алатки на компанијата „Микрософт“, именувани како „Кампејн реди “, која е целосно посветена на олеснување на политичките активности. Новата социјална мрежа, меѓу другото, овозможува спроведување анкети, поставување и одговарање на прашања на поддржувачите и слични активности, кои ќе бидат наградувани со беџови, по принципот на социјалната мрежа Форсквер, која е наменета за угостителите.

– Засега, Товнхол е во демо-верзија (пробна) и останува да го почекаме и официјалното почнување со работа, за да видиме дали политичарите ќе умеат да го искористат максимумот од новата платформа и дали тоа ќе влијае позитивно врз нивото на политичката комуникација – истакнува „Машабл“.