Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувањето покажува дека меѓу земјите-членки на ЕУ, најдолг работен век имале Шведска (42 години), Холандија (41 година) и Данска (40 години), додека најкраток Италија (31,2 година), следена од Грција и Хрватска (двете 32,8 години). Какви се состојбите во Македонија?

ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ЕВРОСТАТ“

Просечниот работен век во земјите од Европската Унија (ЕУ) е за неколку години подолг од оној на работниците во нашата држава. Ова го покажуваат податоците на канцеларијата за статистика на ЕУ, „Евростат“, која пресметала дека просечниот работен век во Унијата бил 35,7 години. Во Македонија, пак, просечниот работен век е најмалку пет години помал од просекот во Унијата.
Истражувањето покажува дека меѓу земјите-членки на ЕУ, најдолг работен век имале Шведска (42 години), Холандија (41 година) и Данска (40 години), Естонија (39,2 години), Германија (39,1 години) и Финска (38,8 години).
Од друга страна, „Евростат“ го забележа најкраткиот работен век во Италија (31,2 година), следена од Грција и Хрватска (двете 32,8 години), Белгија (33,4 години) и Бугарија (33,5 години), што е најблиску до статистичките информации за Македонија, која не е земја-членка на Унијата, но каде што работниот век на нашите работници е 31,7 година.
Во меѓувреме, ова е првпат од 2000 година оваа институција да забележи пад на очекуваниот работен век, што веројатно се должи и на корона-кризата.
Како што се додава во истражувањето, кога станува збор за разликата во половите, таа полека но стабилно се намалува на ниво на ЕУ помеѓу 2000 и 2020 година од 7,1 години во 2000 година на 4,8 години во 2020 година. Очекуваниот работен век на жените се зголемил за 4,5 години, а кај мажите се зголемил за само 2,2 години во истиот период.

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите на синдикалните организации во земјата, кои честопати предупредуваат дека македонските работници се истрошени од обемните работни обврски, со што тие се и повеќе амортизирани од работниците во Европа. Синдикалците информираат дека работите одат дотаму што поради лошата економска клима и неплаќањето на издатоците од компаниите, многу работници имаат проблеми и со стекнување пензии. За поголема истрошеност и амортизираност на македонските работници секако придонесуваат и послабата развиеност и технолошка опременост на домашните капацитети во споредба со оние во Европа, каде што процесите се повеќе автоматизирани.
Економистот Зоран Кочоски вели дека два фактора доведуваат до тоа македонските работници да работат пократко. Според него, сето тоа најпрво се должи на периодот колку време им е потребно на граѓаните за првпат да се вработат, а втор фактор е кога и како ќе се пензионираат работниците.

– Во Европа по дипломирањето, во рок од три до шест месеци, младите наоѓаат работа и не чекаат долго до првото вработување. Во повеќето земји во Западна Европа, младите мораат да одат и на стручна практика, која им се смета како стаж. Старосната граница за пензионирање во многу земји од ЕУ е 67 години. Во Македонија, пак, се чека подолго за вработување, така што првата работа младите ја наоѓаат во период од 24 до 31 година, и оттука произлегуваат разликите – објаснува Кочоски.
Поранешниот синдикалец Ванчо Муратовски тврди дека застојот во добивањето пензија на работниците се должи во практика на неисполнети обврски на работодавците, но и на некомплетни документации, кои најчесто некои работници и не ги поседуваат.
Поранешниот долгогодишен синдикалец тврди дека за да се подобрат состојбите на терен е неопходно државата да ги заштити пред сѐ работниците, но и да ги провери работодавците дали ги почитуваат неопходните законски процедури.
Тој советува дека во моменти кога партиите лицитираат со висини на плати за време на изборите можеби е време и да се погрижат да видат дали актуелните вработени навистина во целост ги добиваат своите месечни редовни примања.

а[email protected]