Колку дигиталната енциклопедија Википедија и сличните на неа дигитални интернет-платформи се ефикасни за ширење на вистината за македонскиот јазик и историја и за промовирање на македонското општество и култура? Ваквата дилема стана актуелна откога деновиве во јавноста се лиферува информацијата дека една држава во регионот е на врвот на светот по внесување податоци за својата национална историја, историски личности и настани и други податоци во електронската платформа на дигиталната енциклопедија Википедија.
Тоа го отвори и прашањето за активностите на нашата држава, нашите институции, како и за поединците за користењето на оваа алатка, преку која низ светот ќе се шират вистината и фактите за Македонија, јазикот, историјата и нацијата, особено во време кога Македонија е константно под опсада на негации, уцени и барања од различни страни и на удар од регионалните и светските центри на моќ.
Србија прва, а ние трети во светот по внесување информации
на Википедија
Медиумите од регионот на ова тема информираат дека Србија годинава станала лидер во светот по внесување информации на дигиталната енциклопедија. Нашата земја, пак, се наоѓа на високото трето место во светот.
Во свој прилог на темава белградската телевизија Н1 информира дека тим од вкупно 31 уредник на Википедија на српски јазик годинава успеал во енциклопедијата да внесе точно 17.112 текста и референци што се однесуваат на Србија, со што оваа земја го зазела првото место во светот по пополнување на содржините.
Во глобалното рангирање на Википедија следуваат Полска со 4.376 референци и Македонија, која е на третото место во светот, со внесени вкупно 3.526 интернет-референци.
Македонскиот тим на уредници има макотрпна работа за филтрирање, уредување и надградување на содржините
Експертите со кои се консултиравме оценуваат дека високото рангирање на Македонија во светската листа за 2021 година за пополнувањето на интернет-референците во Википедија за нашиот, јазик, култура, општество тврдат дека навистина сме многу активни на ова поле.
Кирил Симеоновски, долгогодишен уредник и администратор на Википедија на македонски јазик, вели дека пополнувањето на интернет-референците во дигиталната алатка, иако се однесуваат на македонскиот јазик, култура, спорт и општество, е процес што не може да се поврзува со нашата држава дури ни во овие турбулентни времиња во политиката.
Тој објаснува дека тимот на уредници има макотрпна работа во делот на филтрирање, уредување и надградување на содржините што се на македонски јазик и се закачени на страниците на енциклопедијата.
Симеоновски истакнува дека она што е специфично за пополнувањето на податоците на македонски јазик, за разлика од некои други странци на Википедија на други јазици, е фактот дека сето се врши автентично, без притоа да се користат дополнителни помагала „ботови“, кои се вештачки инструменти во овој правец.
– Секоја содржина е проверена во смисла на изворот од каде потекнува. Ако потекнува од кредибилен извор на нашиот јазик, се публикува, но ако тоа е извршено од извор што не е македонски, тогаш ја отстрануваме таа содржина или оставаме да биде пополнета на јазиците на другите народи од каде што потекнува сето тоа – вели уредникот.
Бугарските уредници опструираат
Администраторот на Википедија Симеоновски истакнува дека во правец на овие релации имало одредени проблематични активности, конкретно од бугарска страна.
– Во минатите години, особено во периодот меѓу 2008 и 2012 година, имаше наплив на информации што не соодветствуваат со нашите на македонски јазик. Но по години на т.н. „битка“ на спротивставување на аргументите, бугарските измени на Википедија на македонски јазик спласнаа, а нивните содржини си се публикуваат на страницата на бугарски јазик на оваа интернет-енциклопедија – вели Симеоновски.
Уредникот објаснува дека заедницата на Википедија на македонски јазик ја сочинуваат нешто повеќе од десетина многу активни уредници, кои секојдневно ја збогатуваат со нови содржини и се грижат за веродостојноста на информациите достапни во статиите.
Со оглед на тоа што овие уредници, според Симеоновски, се јадрото на заедницата, тие се во можност да постигнат согласност за менување на уредувачката политика, воведување новини во уредувањето и постигнување консензус за одредени теми на Википедија на македонски јазик.
Комуникологот Бојан Кордалов, кој е специјалист за нови медиуми, вели дека логичен заклучок на животот во денешницата, особено на оној за време на пандемијата, е дека сите податоци што нам ни се неопходни во секојдневието ги бараме на интернет, па оттука може да се сфати колку е битна алатката на македонски јазик на енциклопедијата Википедија и на другите што се слични на неа, како Британика, Енкарта и слично.
Тој истакнува дека придобивките од интернет-просторот се несомнени, па оттука и промовирањето на вредностите на една држава како Македонија, нејзиниот јазик, историја, општество и економија се бесконечни.
– Во овие времиња треба да се обидеме да ги анулираме негативните информации на темата поврзана со политичките судири на Балканот, кои ги имало и очигледно ќе ги има. Затоа верувам дека е важно да се грижиме за податоците што се објавуваат на дигиталните платформи, особено во ерата на интернет, за да може од нив да профитираат и нашата економија и нашето општество – вели Кордалов.
Најголемата предност во информациите на македонски јазик на Википедија, комуникологот ја наоѓа во потенцијалот земјата во постпандемискиот период да биде уште попримамлива за странските туристи, но и да биде врска што ќе ги зближува економски домашните компании со странските пазари и ќе го брендира сето она што потекнува од Македонија.