Годинашното неоддавање почит на гробот на Гоце Делчев од страна на највисоките државни функционери, и од власта и од опозицијата, остава впечаток на маргинализација и деградација на македонската историја и минато. Своевидна потврда како Македонија да се откажува од историјата и ликот на Гоце Делчев е и неврачувањето на истоимената награда оваа година.
Откажувајќи се од историјата, Македонија е во опасност да се откаже од себе, тврдат академиците и историчарите, кои како пример како треба да се однесуваме ги посочуваат Британија, Франција и другите земји што беа на страната на победниците. Македонија, која исто така беше на страната на победниците, сега како да се срами од своето минато, историја, идентитет и без причина се повлекува пред секој притисок од соседите. До кога?
Никој од водечките политичари во земјава не одвои време да се појави на чествувањето на годишнината од убиството на македонскиот револуционер Гоце Делчев, на 4 мај, пред неговиот гроб во црквата „Св. Спас“. Со ваквиот однос се остава впечаток дека преку маргинализирањето на овој настан од страна на политичарите и државата како самите да се откажуваме од нашата историја во полза на Бугарија. Изминатиот период токму ликот и делото на Гоце Делчев беа предмет на спротивставени тврдења и полемики во заедничката мешана историска комисија меѓу Македонија и Бугарија.
Претходно слична маргинализација се случи и на празникот 11 Октомври, Денот на македонското востание против фашистичкиот окупатор, на чија страна тогаш беше и Бугарија, со што лека-полека како да се исцртуваат контурите на она од што државниот врв е подготвен да се откаже за да се одблокираат евроинтегративните процеси.
Оддавањето почит од страна на претставници на кабинетите, генерални секретари на партиите, наместо нивните претседатели, ни оддалеку не претставува искажување на нужната почит кон оној што го посветил животот за независна Македонија. Зошто никој од највисокиот државен врв не се поклони пред гробот на Гоце Делчев побаравме одговор и од Владата на Македонија.
– Премиерот Заев, заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи и во овој период, како и за цело време, се целосно посветени на решавање на отворените прашања со Република Бугарија, како и на создавање прифатливи услови за да започнат преговорите на нашата земја со ЕУ на следниот самит на Советот на ЕУ во периодот на преземање на претседавањето со Унијата на Словенија на крајот на јуни – одговорија од Владата на прашањето зошто премиерот не се појавил лично на чествувањето.
Од друга страна, пред гробот на Делчев се поклони бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, порачувајќи дека „значајниот бугарски револуционер Гоце Делчев го дал својот живот за слободата на своите браќа“, што на некој начин е директна порака дека Бугарија веќе го смета Делчев за свој револуционер.
А не толку одамна премиерот Заев заедно со поранешниот бугарски премиер Борисов се поклони пред гробот на Гоце Делчев во Скопје, во 2019 година тоа го стори и претседателот Стево Пендаровски, во придружба на словенечкиот претседател Борут Пахор, па нејасно е сега зошто ниту еден претставник на државниот врв не се осмелува сам да се појави пред гробот на Делчев, бидејќи чествувањето во никој случај не претставува непријателски чин кон некого.
Своевидна потврда како Македонија да се откажува од историјата и ликот на Гоце Делчев е и неврачувањето на истоимената награда оваа година на академик Катица Ќулафкова, инаку првпат доделена во далечната 1949 година, а возобновена во 1978 година.
Повеќе од очигледно е дека водечките политичари во земјава прават работи што никој не ги бара од нив, ставајќи се во сервилна позиција и одејќи кон тотална деградација на она што е македонско само да ѝ се додворат на Бугарија и случајно некој нивен потег да не биде протолкуван како непријателски.
Ваквиот потценувачки однос кон сопствената историја и сервилниот однос што политичарите во земјава го наметнуваат создаваат впечаток дека Македонија е таа што краде туѓа историја и дека е подготвена да прифати сè само да не ги навреди или налути соседите. Академиците и историчарите, пак, се категорични дека несомнено бегањето и откажувањето од историјата нема да ја збогатат иднината на Македонија, туку, напротив, ќе ја поткопаат.
– Ние, Македонците, сме преморени од идентитетски оспорувања. Ние сме показател дека токму оние делови на идентитетот што се предмет на оспорување ја претставуваат најбитната идентитетска одлика. Колку повеќе се оспоруваат македонското потекло и духовност на Делчев, толку повеќе се зацврстува неговото место на пиедесталот на националните симболи. А симболот е моќен наратив. Тој е зипуван архив на сѐ битно за една културна и национална историја. Штом се отвори тој културно-историски архив, се отклучува колективната свест, а тоа создава критична маса и волја да дојде до пресврт во општественото уредување – вели академик Катица Ќулафкова.
Според неа, симболите не постојат за политичарите да парадираат со нив или за да се пазарат со историјата.
– Откажувајќи се од историјата, Македонија е во опасност да се откаже од себе. На прагот на една неповратна схизма. Поткопаниот идентитет ја поткопува нацијата, првин формално, потем стварно. Не сакаме таква стварност, нели? – истакнува Ќулафкова
Таа додава дека денес, кога се доведува во прашање македонската припадност на Гоце Делчев, македонството повторно станува доминанта на неговиот идентитет.
– Денес не е во прашање само неговата лична туку и определбата на целиот македонски народ. Денес македонскиот народ е изложен, одново, на серија дискретни и индискретни оспорувања на идентитетот. Тоа го претвора Гоце од симбол на македонството, во симбол на правото на самоопределување – заклучува академик Ќулафкова.
За историчарот Тодор Чепреганов чинот на отсуство на високи политичари на одбележувањето на годишнина од смртта на Гоце Делчев е голем срам.
– Колку ќе си ги цените нашите херои и личности од историјата, како и настаните што се случиле, толку ќе ве ценат и во светот. Добар пример е како се слави крајот на Првата светска војна од страна на Британија, Франција и другите земји што беа на страната на победниците. Дури и кралицата, која е на возраст од речиси 100 години, оди и присуствува на тој чин. Со тоа им се дава почит на оние што ги положиле своите животи за таа држава. А ова што се случува кај нас е доказ дека на државниците им е гајле за државата. Со тоа го покажуваат нивниот нихилистички однос кон сопствената држава. Да не појдете да покажете почит кон најголемиот великан во историјата на сопствениот народ, тоа е голема срамота – вели Чепреганов.
Според него, со постапките што државниот врв ги прави неколку години наназад оди во насока да ѝ се додвори на Бугарија.
– Целата работа оди кон тоа. И неврачувањето на наградата „Гоце Делчев“ на академик Ќулафкова е сигнал дека државата нешто подготвува, дека со тоа го подготвува народот за некаква отстапка кон Бугарија. Што прави со тоа, не сака да ги нервира Бугарите што ќе го славиме Гоце Делчев? А не разбираат дека Гоце Делчев е сврзувачко ткиво. Ако Делчев е заеднички со Бугарите, тогаш ќе излезе дека сите македонски револуционери се Бугари. Со тоа ги ништиме сите корени за националнореволуционерната борба за македонска држава, јазик, историја… – категоричен е Чепреганов.
Тој додава дека државниот врв со неприсуството на чествувањето на Делчев и испраќајќи само формални делегации, значи дека нешто се подготвува.
„Нова Македонија“ побара одговор и од Кабинетот на претседателот на државата за причините за неможноста Пендаровски лично да му оддаде почит на Делчев, но до затворањето на денешното издание на весникот немаше одговор на нашето прашање.