Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите велат дека важно во одредувањето на оваа бројка е да се зема процентот на лица што се заразиле од бројката на вакцинирани лица, а тоа значи дека колку е поголем бројот на вакцинирани, толку ќе биде помал процентот на лица што и покрај вакцината се заразиле со ковид-19

Колкав е ризикот од зараза кај невакцинираните луѓе, колкав е кај вакцинираните, а колкав е ризикот кај оние што го прележале вирусот?
Оваа дилема станува сѐ поактуелна во јавноста, откако веќе има информации дека со ковид-19 се заразени и лица што биле вакцинирани со две дози и во Македонија, но и во преостанатите држави во светот, каде што имунизацијата има поголем опфат.
Научните истражувања покажуваат дека ниту една вакцина не штити 100 проценти од зараза со ковид-19 и од тој аспект е логично да се очекуваат позитивни случаи и кај вакцинираните, но таа бројка ќе биде многу помала од бројката кај невакцинираните.
Експертите велат дека важно во одрeдувањето на оваа бројка е да се зема процентот на лица што се заразиле од бројката на вакцинирани лица, а тоа значи дека колку е поголем бројот на вакцинирани, толку ќе биде помал процентот на лица што и покрај вакцината се заразиле со ковид-19.
Иако во јавноста многу малку се зборува за статистиката за тоа колкумина се заразиле со вирусот вторпат, откако ја прележале заразата, сепак, анализите покажуваат дека тој процент е исто така многу мал.

Нормална појава е да има заразени кај вакцинираните

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека „пробивните инфекции“ се нормална појава кај вакцинирани лица, имајќи предвид дека вакцините не штитат стопроцентно од заразување.
– Оттаму, информациите што кружат по медиумите – за Израел, на пример, дека бројот на инфицирани е поголем кај вакцинираните, се необјективни, зашто, колку е поголем процентот на вакцинирани во популацијата, толку помалку остануваат невакцинирани. И ако, хипотетично, се појават 100 нови случаи во едно население и се каже дека од нив 60 проценти се вакцинирани, а 40 проценти се невакцинирани – тоа на прв поглед наведува на заклучок дека вакцините не штитат! А тоа не е така. Зашто, ако има 80 проценти вакцинирани од населението, а само 20 проценти невакцинирани, тогаш треба да се соопшти колкав дел претставуваат шеесетте новозаразени (од вкупно сто) од апсолутната бројка на вакцинираните (кои се 80 отсто), а колкав дел се оние 40 нови случаи (од вкупно сто) од апсолутната бројка на невакцинирани (кои се 20 отсто) – објаснува епидемиологот.
Според Даниловски, дури тогаш ќе се види дека процентот на заразени од апсолутниот број вакцинирани е неспоредливо помал од процентот на заразени од апсолутниот број на невакцинирани!
– Настрана фактот што заразените што се вакцинирани поминуваат само со благи симптоми, а тешките случаи и умрените се исклучиво во делот на невакцинираните – посочува тој.
Инаку, странските експерти анализираат дека повеќето хоспитализации и смртни случаи од коронавирус се случиле кај невакцинирани лица, но исто така имало и таканаречени пробивни инфекции на целосно вакцинирани лица.
Според нивните извештаи, се заклучува дека сѐ почести се случаите за луѓе што се заразени со коронавирус и покрај тоа што се вакцинирани.

Само 0,02 отсто од вакцинираните се заразиле

Според „Блумберг“, исто како што природната инфекција не гарантира заштита од повторна инфекција со вирусот, ниту имунизацијата не обезбедува совршен штит.
Сепак, се смета дека оние што имаат имунитет – или од вакцинација или инфекција – носат мал дел од ризикот кај оние што немаат. Случаите на чекор напред меѓу имунизираните се потсетување дека сѐ додека вирусот на пандемија е распространет во светот, тој останува закана за сите, вели „Блумберг“.
Според податоците на Министерството за здравство, од вкупно 330.320 граѓани со примени две дози вакцини, 96 биле позитивни на ковид по примена втора доза вакцина.
– Тоа значи дека само 0,02 отсто се заразиле со ковид, што укажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат. Од 96-те позитивни, 56 се заразиле во период помал од 21 ден од примената втора доза вакцина.Само 13 од заразените со ковид биле хоспитализирани. Двајца од нив во моментов се на лекување и се стабилни, иако еден од нив е со тешко хронично заболување. Нема ниту еден починат пациент со ковид, а кој има примено две дози вакцина – пишува во соопштението на ресорното министерство.


Францускиот парламент одобри закон за задолжителна вакцинација

Членовите на Долниот дом на францускиот парламент во првото читање го одобрија законот предложен од Владата, кој се однесува на нови мерки за борба против ковид-19. Пред сè, предвидува задолжителна вакцинација за одреден број категории на општеството: лекари, пожарникари и војници. Ова беше објавено на официјалната веб-страница на францускиот парламент, каде што беше наведено дека 117 пратеници го поддржале нацрт-законот, додека 86 беа против.
Покрај задолжителната вакцинација за овие категории на луѓе, нацрт-законот предвидува можност за справување со отпуштање на оние што не сакаат да се вакцинираат и предвидува значително зголемување на употребата на здравствени легитимации, што мора да содржи информации на целосна вакцинација или неодамнешен негативен ПЦР-тест или сертификат за имунитет. – Со таков документ ќе треба да има вработени во сите институции што работат со луѓе. Од 22 јули, здравствените пропусници станаа задолжителни за пристап до настани на кои присуствуваа повеќе од 50 лица. Доколку законот помине во предложената форма, бесплатните тестови за ПЦР ќе бидат укинати, а полицијата исто така ќе воведе задолжителни десетдневни проверки за самоизолација на заразените. Сенатот (Горниот дом на францускиот парламент) ќе започне расправа за овој нацрт-закон. Во Сенатот, владејачката партија на претседателот Емануел Макрон нема мнозинство. Документот потоа ќе се врати во Долниот дом на последното гласање, а Владата очекува овој предлог-закон да биде усвоен овој викенд и треба да стапи во сила на почетокот на август.