За успешно спротивставување на коронавирусот, главни предизвици се три фактори. Прво, краткото време што е потребно за вакцинација на сите заинтересирани, второ, фактот дека ќе бидат потребни две дози на вакцината и, трето, многу ниската температура на која мора да се чува (-70 степени)
МАКЕДОНИЈА НА ШТРЕК ЗА УВОЗ, ТРАНСПОРТ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ВАКЦИНАТА
Првите дози од вакцината против ковид-19 се очекува да стигнат во земјава во февруари или март идната година. Како што е најавено, таа ќе се прима на доброволна основа. Нема да им се дава на деца, а приоритет да ја примат ќе имаат оние што работат со заболени или сомнителни ковид-пациенти, како и здравствените работници од ковид-центрите.
Со вакцините, од САД ќе стигнат и специјалните фрижидери во кои ќе се чуваат вакцините против ковид-19, кои ќе се чуваат на минус 70 степени. Министерот за здравство Венко Филипче неодамна кажа дека во однос на логистиката и транспортот веќе се одржуваат состаноци со повеќе економски оператори, кои работат на прашањата за увоз, складирање и дистрибуција на вакцините. Тој информира и дека стигнала потврда од една американска фондација за потребните фрижидери на минус 70 степени и дека тие ќе бидат во земјава на почетокот на јануари.
Во меѓувреме, германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ и американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“, кои ја развиваат вакцината против ковид-19, работат на пронаоѓање формула што би овозможила нејзино чување на собна температура.
– Работиме на формулација што би ни овозможила да ја чуваме вакцината дури и на собна температура, а тоа истражување се одвива паралелно – изјави директорот Угур Сахин.
„Фајзер“ соопшти дека ќе побара итна дозвола за употреба на својата вакцина во наредните неколку дена, откако последните резултати од испитувањето покажаа дека вакцината е ефикасна во 95 отсто од случаите и дека не предизвикува несакани дејства.
Aмериканскиот фармацевтски гигант и германската компанија „Бионтек“ се подготвуваат да го забрзаат тестирањето на вакцината против ковид-19, која во целиот свет донесе надеж. Искоренувањето на вирусот е нов предизвик главно поради три фактори – краткото време што е потребно за вакцинација на сите заинтересирани, фактот дека ќе бидат потребни две дози од вакцината и многу ниската температура на која мора да се чува (-70 степени).
Вакцината на „Фајзер“ ќе се дистрибуира во САД од најголемата фабрика за производство во Мичиген. Дозите ќе се превезуваат во огромни контејнери, камиони и авиони. Термички изолираните транспортни контејнери ќе бидат наполнети со сув лед, а секој контејнер ќе може да понесе 975 шишенца вакцини, од кое секое содржи пет дози, што вкупно изнесува 4.875 дози.
– Секој ден шест камиони ќе им носат вакцини на приватни превозници, како што се „Федекс“, УПС и ДХЛ, кои вакцините ќе ги доставуваат во американските држави за еден-два дена, а низ светот за три дена – велат во „Фајзер“.
Компанијата проценува дека во просек дневно ќе бидат испорачувани 20 авиопратки низ светот. „Федекс“ ќе мора да обезбеди посебна дозвола за превоз на толкаво количество сув лед. Кога ќе стигнат до крајната дестинација, кутиите ќе може да се отвораат само двапати дневно.
Што е ладен синџир?
Ладниот синџир е протокол за транспорт на вакцини, според кој не смее да се случи во ниту еден момент од синџирот вакцината да не биде во соодветниот сад на соодветната температура. Вакцините што се и макар малку надвор од овој протокол, не треба да се користат.
Ладниот синџир е основен предуслов за ефикасноста на вакцините. Ако не се следи ладниот синџир и вакцината не се транспортира на соодветна температура, туку на повисока или пониска температура, вакцината нема да биде ефикасна. Ако се транспортира на повисока температура, предизвикувачкиот агенс може да стане толку ослабен што нема да го предизвика посакуваниот имунолошки одговор. Доколку вакцината замрзне, таа се чува на температура пониска од потребната.