Европскиот парламент вчера го изгласа новиот состав на Европската комисија. Европратениците одобрија германската конзервативка Урсула фон дер Лејен да ја предводи Европска комисијата, која треба да почне да работи на 1 декември. Со оглед на фактот што интересите на Македонија се во иднина да биде земја-членка на Унијата, фокусот на домашната јавност секако е насочен и кон новите еврокомесари, кои ќе ја кројат судбината на земјава на патот кон ЕУ. По макотрпниот процес на сослушувања за време во кој тројца кандидати беа отфрлени и потоа заменети со нови имиња, Урсула фон дер Лејен конечно доби зелено светло за сите 26 кандидати за еврокомесари, кои уште пред десетина дена беа ставени на листата во нејзиниот иден тим за работа.
Инаку, Урсула фон дер Лејен во својот тим ќе има тројца вршители на должноста, односно тројца потпретседатели.
Тука се вбројуваат Франс Тимерманс од Холандија и Маргарете Вестагер од Данска, двајца искусни политичари, кои и самите сакаа да ја предводат комисијата. Покрај споменатите, ќе има уште пет потпретседатели, кои ќе раководат со ресори со креативни називи. Грчкиот еврокомесар Маргаритис Кинас, досегашен портпарол на Европската комисија, ќе биде надлежен за одделот Поттикнување на европскиот начин на живот, кој е дел од ресорот образование, труд и миграција. Интересно е да се спомене дека претседателката Фон дер Лејен најави и геополитичка комисија, која треба да помогне и за евроинтеграцијата на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Во продолжение ќе ги наброиме членовите во новиот состав на Европската комисија.
Како големо име во данската политика, а дел од новиот состав, е 51-годишната Маргарет Вестагер од Данска. Г-ѓа Вестагер ќе биде на функцијата извршна потпретседателка и ќе има задача да ја координира целата агенда за Европа соодветна за дигиталната ера и ќе биде комесарка за конкуренција. Нејзината номинација за оваа функција таа ја заработи по нејзината препознатлива работа во сегментот на политиката за конкуренцијата и кога беше препознаена од американскиот претседател Доналд Трамп како даночната дама што ја мрази САД.
Унгарецот Оливер Вархелиј ќе биде новиот комесар за проширување и соседство на ЕУ. Назначувањето на Вархелиј на оваа позиција пред една седмица беше проследена како најголем дипломатски успех на деценијата во Унгарија односно на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Инаку Оливер Вархелиј е втор кандидат на Унгарија за еврокомесар. Пред него, кандидат од Будимпешта беше поранешниот министер за правда Ласло Троскани, чија номинација беше одбиена од Европскиот парламент во рана фаза, затоа што забележа конфликт на интереси. ЕП одби вкупно тројца кандидати: од Унгарија, Романија и од Франција. Ова беше причината зошто новиот состав на ЕК не стапи на должност на 1 ноември, како што беше планирано.
Дубравка Шуица (Хрватска, членка на Европскиот парламент) ќе биде задолжена за демократија и демографија. Г-ѓа Шуица е европратеничка откако Хрватска се приклучи кон ЕУ во 2013 година, а во меѓувреме вети дека ќе ја искористи својата позиција за решавање на демографските промени во Европа, опишувајќи ја како „корен на причината некои луѓе да ја изгубат вербата во нашата демократија“. Поранешната градоначалничка на Дубровник во јавноста се прослави по изјавата дека таа како жена ќе работи „кон владеење на правото и транспарентноста во ЕУ“. Интересно за неа е што, пак, 62-годишната Хрватка се најде под притисок во јавноста откако изостана нејзината транспарентност во медиумите околу пишувањата за нејзината материјална состојба.
Извршниот потпретседател Франс Тимерманс (Холандија) како едно од позвучните имиња во тимот на Урсула фон дер Лејен ќе има задача да ја координира работата на Европскиот договор за зелена зона. Тој исто така ќе управува со политиката на климатско дејствување, поддржана од Генералниот директорат за климатски активности. Холанѓанецот Тимерманс стана познат во јавноста во 2016 година кога се потпиша договорот со Турција за запирање на мигрантите и соработка на тоа поле со ЕУ.
Маргаритис Шинас (Грција, поранешен член на Европскиот парламент, долгогодишен функционер на Европската комисија) ќе биде задолжен за заштита на европскиот начин на живот. Како што наведува Би-би-си, главна задача на Шинас во новиот состав ќе биде да се направи реформа во системот за азил во ЕУ како и за заштита на границите на Унијата.
Во тимот се уште и Јоханес Хан (Австрија), буџет и администрацијa – Дидиер Рејндерс (Белгија), правда – Марија Габриел (Бугарија), иновации и млади – Стела Киријакидeс (Кипар), здравје – Вера Јурова (Чешка), вредности и транспарентност – Кадри Симсон (Естонија), Енергија – Јута Урпилаинен (Финска), меѓународни партнерства – Фил Хоган (Ирска), трговија – Паоло Џeнтилони (Италија), економија – Валдис Домбровскис (Летонија), животна средина, океани и риболов – Николас Шмит (Луксембург), работа и социјални права – Хелена Дали (Малта), еднаквост – Јануш Војчековски (Полска), земјоделство – Елиса Фереира (Португалија), заедништво и реформи – Адина Валеан (Романија), транспорт – Марош Сефчович (Словачка), односи и предвидување – Јанез Ленарчич (Словенија), посилна Европа во светот – Јилва Јохансон (Шведска).