Има ли доблест, вистинољубивост, правдољубивост и капацитет меѓу актуелните актери во европската политика да го следат примерот на Меркел и нејзиниот гест на извинување за жртвите на холокаустот, и тоа во Израел? Можеби веќе првиот предизвик треба да го прифати европска Бугарија, па наместо односите со Македонија да ги гради на принципот „вето за ЕУ“, со уцена за прифаќање на нејзината „историска вистина“, да собере храброст да се соочи со нејзината фашистичко-окупациска улога на македонската територија за време на Втората светска војна и да се извини за сите злосторства од тој период
Унијата да ја охрабри Бугарија да се
извини за своите историски грешки
Пред да ги напушти функцијата канцелар на Германија и позицијата на политичар(ка) со веројатно најголемо влијание во креирањето на политиките на ЕУ, Ангела Меркел на 9 и 10 октомври беше во дводневна проштална посета на Израел. Германската канцеларка во заминување положи и венец во Меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем, во Ерусалим, во спомен на шесте милиони Евреи од Европа убиени од нацистите и нивните соработници за време на Втората светска војна.
Извинувањето од срце – политички аманет за преземање одговорност за лошите делови од сопствената национална историја
– Секоја посета на Јад Вашем ме допира до срце. Злосторствата против еврејскиот народ што се документирани овде се вечен потсетник за одговорноста што ја имаме ние Германците и предупредување – рече Меркел, потенцирајќи дека одговорноста на Германија е да му се спротивстави на антисемитизмот.
Дури и на заминување од политички најмоќната позиција во Германија, па и во Европа, со повторениот гест на преземање одговорност за улогата и вината на својата земја за сите цивилизациски злосторства во Втората светска војна, Меркел симболично остави политички аманет за важноста од преземањето одговорност и за добрите, но и за лошите делови од сопствената национална историја, за да се создаде добра основа во градењето доверба за понатамошна соработка и градење заедничка иднина во светот.
Имено, Израел е основан по холокаустот, во 1948 година, а дипломатски односи со Германија воспостави дури во 1965 година. Но во текот на децениите, врските меѓу двете земји се зајакнаа. Германија е најголемиот трговски партнер на Израел во Европа, а германската влада ѝ дава поддршка за еврејската држава за време на војните и дипломатските кризи.
Сепак, по завршувањето на ерата на Меркел во европската политика, и покрај аманетите во однос на чувството за принципиелност и праведност што ги има оставено, се чини повеќе се нагласува предизвикот – има ли капацитет меѓу актуелните актери во европската политика да го следат нејзиниот пример.
Меркел како пример за официјална Софија
Можеби веќе првиот предизвик треба да го прифати европска Бугарија, водејќи со од последниот пример на Меркел во Израел, па наместо односите со Македонија да ги гради на принципот „вето за ЕУ“, сѐ додека не се прифати нејзината „историска вистина“, да собере храброст да се соочи со нејзината вистинска окупациска улога на македонската територија за време на Втората светска војна и да се извини за сите злосторства од тој период. Па потоа, врз таа основа, да се гради понатамошна доверба во меѓусебните односи, врз принципот на современите демократски, цивилизациски вредности. Се поставува прашањето колку гестовите на цивилизирано извинување на европските политичари инспирираат за да се подигне историско-демократскиот капацитет на бугарските политичари да ги прифатат сите акти и дела од фашистичкото минато на нивната држава и некој од нив да биде инспириран да направи сличен гест спрема Македонија. Колку е можно еден таков гест на Бугарија да го исправи парадоксот создаден во актуелно затегнатите односи со Македонија, во кои ЕУ се користи како алатка за уцена? И дали може бугарското извинување за фашистичката окупација на Македонија да придонесе за решавање на другите теми што самата ги спори и проблематизира во преговорите за ЕУ?
– Не, нема теорија и оваа генерација бугарски институции и политичари да го сторат тоа. Бугарската јавност е лажена со децении за учеството на нивната држава во Втората светска војна и за нејзината неславна улога. Уште повеќе е неодржлива таквата претпоставка, затоа што од германското до бугарското општество разликата е како од овде до Марс. Освен тоа, таму сѐ уште се турка лажната теорија дека тие спасувале Евреи за време на Втората светска војна. Донекаде тоа е и точно, односно тамошното комунистичко движење од времето на Втората светска војна и тамошната црква – спасувале Евреи. Но затоа пак овде, во Македонија, и во Северна Грција, бугарската нацистичка војска ги испрати Евреите во Треблинка. Но за тој факт таму, во Бугарија, сѐ уште се однесуваат како ноеви, со главите длабоко во пустински песок – вели новинарот Зоран Иванов.
Македонско-бугарските односи веќе две години се заглавени со една историско-ревизионистичка криза, предизвикана од аспирациите на Бугарија, преку Спогодбата за добрососедство од 2017 година, да добијат националноидендитетски и историски концесии од Македонија, како што добила Грција со Преспанскиот договор. Неодамна тоа отворено го искажа бугарскиот претседател Румен Радев, на самиот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Словенија.
ЕУ треба да ја охрабри својата членка да побара извинување од Македонија за фашистичката окупација
Бугарската тактика за постигнување на својата цел, колку и да е анахрона и антицивилизациска, е блокада на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Македонскиот историчар Тодор Чепреганов проценува дека земајќи ги предвид актуелните позиции на Бугарија, како членка на ЕУ, но и целиот национален историски концепт во оваа земја, заснован на незаживениот санстефански договор, како и неподготвеноста да се соочат со улогата на својата држава за време на Втората светска војна, не оставаат простор речиси за никаква надеж дека би се охрабриле да побараат извинување од Македонија за фашистичката окупација.
– Со поклонувањето на Меркел во Израел, пред жртвите на холокаустот (мислам дека вторпат го прави тоа), а претходно и на Вили Брант во Аушвиц, се потврдува дека Германците се цивилизиран народ, кој ја прифаќа својата вина за историските грешки и презема одговорност никогаш да не се повторат слични злосторства. За жал, соседна Бугарија со своето однесување спрема Македонија покажува дека е далеку од таквата цивилизираност во однос на признавањето на грешките од минатото, но и од современите демократски вредности. Не може да се процени колку време ќе им биде потребно на бугарската историографија и политика да си направат сопствена лустрација за улогата на нивната држава во Втората светска војна и фашистичкото минато. Дополнително фрустрирачки за нив во идејата за извинување за злосторствата на фашистичката окупација во Македонија претставува моментот дека на тој начин би признале дека тоа му го сториле на друг народ, со друг националноисториски идентитет. Бугарските инсистирања за заедничка историја, односно прифаќање на бугарското гледиште за споделената историја, покрај сите други стапици, ја содржат и скриената намера Македонија да стане единствената земја во светот што ќе го амнестира бугарскиот фашизам. Со тоа би ѝ било овозможено на Бугарија фашистичката окупација на Македонија во Втората светска војна да ја прикажува како идеолошки судир кај дел од еден народ. Идејата за заедничка историја може да ја доведе Македонија во апсурдна, но опасна ситуација, наместо да очекува извинување за окупацијата и злосторствата на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна, македонскиот народ да се извинува што прифатиле да бидат Македонци – вели поранешниот директор на Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов.
Професорот Чепреганов не гледа потенцијал и желба кај актуелните бугарски политичари и воопшто во политичкиот амбиент во таа земја да го лустрираат своето фашистичко минато, а уште помалку да побараат извинување од Македонија. Наместо таков цивилизациски и демократски исчекор, бугарската политика и историографија ја избираат стратегијата на уцени и злоупотреба на членството во ЕУ. Македонскиот историчар смета дека тешко во блиска иднина може да се очекува политичар од Бугарија со визионерски капацитет како Жељу Желев, но потсетува дека и тој, сепак, не се извинил за бугарската фашистичка окупација на Македонија во Втората светска војна.
– Бугарските историчари (па и политичари) секогаш сакаат да зборуваат дека за време на Втората светска војна во Македонија дошле како ослободители, но никогаш не кажуваат како си заминала бугарската војска. И зошто се инсистира за заедничка прослава на Илинден, а не се споменува 11 Октомври, денот на македонското востание против фашистичката окупација? По капитулацијата на фашистичка Бугарија, во септември 1944 година, за барем малку да им биде намалена вината за учеството како дел од фашистичката оска, од Југославија, т.е. од Тито им беа простени репарациите. Сега Бугарија, како членка на ЕУ, го користи тој момент на простување за да ја фалсификува историјата и да испорачува барања за ревизија на историјата на Македонија. Решението за ваквото однесување на Бугарија го имаат и ЕУ и САД, но очигледно кога големите сили немаат интерес од тоа, не се заземаат за решавање на проблемот – вели историчарот Тодор Чепреганов и нагласува дека принципот по кој треба да се раководи ЕУ е рамноправност на народите, а не кој кого сака, или не сака меѓу земјите-членки и земјите-кандидатки.