Социолозите и психолозите се децидни и посочуваат дека ниту една општествена промена не поминала без последици, особено врз младите генерации. Така и во овој случај, пандемијата на ковид-19 направи двегодишна „црна дупка“ во клучниот период на социјализација на младите луѓе, што, според психолозите, „ги отвора ширум вратите за неизвесност и можност за психолошки последици кај младите генерации“
Пандемијата донесе промени што ќе имаат далекосежни последици
Создава ли пандемијата нова генерација млади со посебни карактеристики, дали пропуштените две години од клучниот период на социјализација резултираат со зголемен страв, неизвесност и можност за психолошки последици? Овие дилеми веќе се дел од научните и експерименталните истражувања во светот, кои покажуваат дека младите, пред сѐ на возраст од 16 до 19 години, се едни од најпогодените категории луѓе од светската пандемија. Карантините, социјалната дистанца, неможноста за физички контакти создаваат нова генерација млади, кои, според истражувањата, се склони кон депресија, алкохол, дрога, деструктивност.
Дали изгубениот период може да се надомести е прашање на кое засега нема прецизен одговор.
Сепак, социолозите и психолозите се децидни и посочуваат дека ниту една општествена промена не поминала без последици, особено врз младите генерации.
Во истражувањето, ученици од Берлин посочиле дека изминатите месеци ништо не им се случува, освен седење на компјутер од шест до 18 часа. Учениците велат дека со учењето од дома пијат четири-пет кафиња дневно и потоа не можат да спијат од паника, страв и срцебиење. Истражувањето покажало и дека учениците се под толку голем стрес, поради што многу повеќе пијат алкохол, пушат или се дрогираат, немаат време да излезат и се гледаат само со блиските или со родителите. Се посочува дека сите се во иста ситуација и никој не може да му помогне на другиот.
Според анкета на универзитетот „Ерфурт“, 23 отсто од младите веќе еднаш побарале информации и совети како да го подобрат или одржат своето психичко здравје. Меѓу младите особено се омилени апликациите за помош.
Печат за цел живот
Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски вели дека на почетокот на пандемијата, италијански социолог прогнозирал дека сите случувања со ковид-19 ќе го смени начинот на живот на луѓето.
– Тоа се остварува. Имаме онлајн вработувања, онлајн настава, онлајн комуникација. Сведоци на тоа се и младите, кои најмногу го почувствуваа тоа преку онлајн наставата. Секако дека сето тоа не може да остане без последици по нивното понатамошно однесување или помнење – посочува социологот.
Според него, навиките во пандемијата ќе станат нивни секојдневни навики, нормални манири, начини на однесување.
– Треба да бидеме свесни дека ништо во светот не поминало без последици ако имало силен импакт, како што е оваа пандемија – заклучува Тоновски.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска за „Нова Македонија“ веќе неколкупати посочи дека состојбата што се случува изминатата година е нова, неочекувана и досега не се случила во оваа мера.
– Промените на живеењето што ги наметна ширењето на коронавирусот во земјата, од воведувањето вонредна состојба, полициски час, придржувањето до мерките за превенција, забраната за движење навечер, се нови, неочекувани и досега не се случиле. Затоа, нормално е луѓето да чувствуваат неизвесност и страв за нивното здравје и живот – истакна таа.
Според неа, за младите пресуден е разговор со родителите и со блиските, зашто можеби ним им е најтешко, не можат да се социјализираат и да се дружат со нивните врсници.
– Токму од најмладите се очекува од оваа ситуација да пораснат, да созреат и да ја сфатат одговорноста за својот живот, дека тие се одговорни за своето здравје. Да го земат животот во свои раце. Да станат самостојни и одговорни личности – нагласува психологот.
Според неа, промените во начинот на живот се тешки и тука најмногу се покажува стресот. И сето тоа е нормална појава. Како што вели Јовановска-Стојановска, сево ова е исфрлање од колосекот на секојдневното живеење.
Потоа, според неа, следува чувството на страв, па на паника и на крајот анксиозност.
– Тие чувства може да се надминат само со разговор, со наоѓање некакви активности што релаксираат, со правење распоред на денот, со посветување на нешто на кое досега никогаш не му се посветиле. Нема потреба од создавање специјални услови за што било. Потребно е само свесност за состојбата и приспособување на сето тоа во домашни услови – заклучува Јовановска-Стојановска.
Генерација на корона-кожурци
Според психологот Штефан Груневалд од институтот за истражување на пазарот „Рајнголд“, сексуалното експериментирање и забавите се шармот на младоста. Поради пандемијата на коронавирусот, генерацијата од 16 до 19 години, според него, ништо од ова не може да доживее.
– Многу од овие работи не може да се надоместат, и покрај тоа што возрасните велат „ќе биде следната година“. Јас да имав 16 години, сега ќе бев очаен – вели психологот.
Советникот за воспитни прашања Улрих Ритер-Закс од Сојузната конференција за воспитни совети најмногу сочувствува со „фрустрациите на младите дека животот им застанал“.
– Одржувањето на пријателствата е занемарено, нема нови пријателства, а уште помалку нови врски и двојки. Прослави за дипломирање, ритуали за премин во групата на возрасни, планови за патувања, сето тоа пропадна – вели тој.
Социологијата го познава феноменот дека искуствата во младоста може да влијаат врз целиот живот.
Институтот „Рајнголд“ смисли збирен поим, особено за младите меѓу 16 и 18 години, „генерација корона-кожурци“.
Според психолозите, многу од она што е типичен процес за младината, да речеме како развојот од ларва во пеперутка, не може да се помине, како да се оттргнеш од родителите, да се вљубиш, да ги почувствуваш границите.
– Сето тоа ќе мора да се надомести подоцна, бидејќи не може едноставно да се прескокне. По пандемијата, мора по секоја цена на младите да им оставиме простор за развој – велат психолозите.
Долгорочно можеби ќе им остане реалистичен поглед или печат за цел живот.
– Ќе им остане во сеќавање дека сакале да излегуваат, но не можеле, дека биле попречувани и оти им била украдена една година од животот. Ако претходно мотото беше сѐ е можно само ако сакам, сега би можело да се промени тоа – посочуваат психолозите.