Кај луѓето, особено оние што се греат на инвертори и други грејни тела на струја, владее сериозна загриженост за редовното снабдување со струја и евентуалното покачување на нејзината цена. Проблеми има и со набавката на пелети и огревно дрво, чии количества се ограничени, а цените постојано им растат
Зимата наближува, опциите за загревање на домовите сѐ поограничени
Граѓаните што навреме обезбедија огрев, независно од видот, сега „мирно“ го следат неконтролираниот раст на цените на енергентите во Европа, но и кај нас, додека другите со загриженост ги чекаат студените зимски денови, не знаејќи како ќе ги загреат домовите ако енергетската криза излезе од контрола. Истовремено, и пандемијата на ковид-19 никако не спласнува и стравувањата се дека токму со падот на температурите и доаѓањето на зимата ќе се зголеми и бројката на заболени од опасниот вирус. Тоа, секако, е дополнителен проблем за граѓаните, кои во претстојните месеци ќе се најдат под двојна опсада, од вирусот и од студот.
Сериозна загриженост за редовното снабдување со струја
Кај луѓето, особено оние што се греат на инвертори и други грејни тела на струја, владее сериозна загриженост за редовното снабдување со струја и евентуалното покачување на нејзината цена. Уште повеќе ги загрижува можното воведување рестрикции, за што надлежните уверуваат дека нема да се случи, иако од Центарот за управување со европската енергетска мрежа со седиште во Швајцарија ја предупредиле земјава дека прави ненајавени упади во европскиот енергетски систем и неовластено користи струја.
И додека станува сè поочигледно дека нема доволни количества струја, веќе се бележи недостиг и од пелети и од огревно дрво. Нарачките се чекаат по десетина дена, а количествата што можат да се купат се ограничени.
Еден од најсубвенционираните и меѓу поеколошките начини за загревање на домовите беше греењето на пелети, но и тоа во услови на постојан раст на цените и ограничената понуда сега станува проблематично.
– Летово набавив котел за греење на пелет за индивидуална куќа и целото преадаптирање на инсталацијата на централното греење со новиот котел ме чинеше речиси 2.000 евра. И сега, кога требаше да купам пелет за греење, ми велат дека не можат веднаш да ми ги достават и дека не можам да порачам повеќе од еден тон. Како да загреам куќа од 200 квадрати со еден тон – револтирано прашува Тодор Димитровски од Скопје.
Тој додава дека ова му е третпат да го преправа котелот поради постојаните промени на енергентите низ годините.
– Најпрво котелот ми беше на струја, па цената на струјата тогаш отиде до плафон. Потоа се префрлив на нафта, па и нафтата скокна. Сега купив котел на пелети и уште не сум го пуштил во употреба, снема и пелети. Утре и на гас да се префрлам, веројатно и гасот ќе секне – иронично вели Димитровски.
Нема долгорочно планирање како порано, оти цените секој ден варираат
Наглиот пораст на цените на енергентите, вклучувајќи ги и пелетите, на пазарите предизвика граѓаните да не можат сега да купат пелет во доволни количества оти дистрибутерите не прават големи нарачки поради страв дека може да отидат во загуба.
– Од нарачката до доставата се чека по пет дена и максимално што може да добие секој граѓанин е по една палета на три недели. Откако ќе поминат три недели, истиот корисник на таа адреса може да нарача нова палета. Поголемо количество не можеме да доставиме оти цените варираат. Во моментот една палета од најевтината класа пелет чини 16.800 денари, а палета од најквалитетните пелети чини 20.000 денари – велат дистрибутерите на пелети со кои контактираше весникот.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту со набавката на огревно дрво, бидејќи и за купување дрва се чека по десетина дена.
– Ако се пријавите денеска, за достава ќе почекате најмалку една недела. Нема никаква шанса да дојдете, да платите и да си подигнете дрва ако претходно не сте на список. Ниту цените не можеме да ги гарантираме, така што како ќе ни дојде набавна цена, така правиме и продажна. Нема долгорочно планирање како порано, оти цените секој ден варираат – велат дистрибутерите на огревно дрво.
Оттаму уште додаваат дека моменталните цени се движат од 3.600 денари за бука, 3.700 за даб, додека тенките дрва се нудат по цена од 3.000 денари за кубик.
Во ситуација кога никој не знае како ќе се развива енергетската криза во светот и кај нас, повеќе од извесно е дека барем во делот на загревањето на домовите гасификацијата ќе беше најдоброто решение, но бидејќи три децении не се исполнија ветувањата да се гасифицираат домаќинствата, треба барем да им обезбеди некакви услови нивните домови зимава да бидат топли, како знае и умее.