Бројот на избирачите кои го искористиле своето демократско право на глас во општина Кичево во 17 часот е сличен со бројот на граѓани кои гласале во истиот период во првиот изборен круг. Во општина Македонски Брод излезеноста е рекордна, додека во Општина Пласница се бележи забрзан пораст, и бројот на гласачите е за осум проценти поголем во овој пресек, споредено со првиот изборен круг.
– Во нашата општина до 17 часот гласале вкупно 14.314 граѓани или 28,46 отсто од запишаните гласачи на единствениот избирачки список. Во однос на првиот изборен круг, бројките се речиси идентични и тогаш до 17 часот гласале 14.493 граѓани или 28,82 отсто. Имајќи го во предвид фактот дека имаме безмалку два часа до затворањето на избирачките места, очекуваме да ги повториме резултатите од првиот изборен круг, кога во нашата општина своето право на глас го искористија 16.572 граѓани или 32,92 проценти од запишаните на единствениот избирачки список – рече Антигона Сефери, од ОИК за општина Кичево.
Општина Македонски Брод и понатаму бележи високи бројки, кои од еден до друг пресек постојано растат.
– Во нашата општина до 17 часот гласале вкупно 3.127 граѓани или 62,8 отсто од запишаните на единствениот избирачки список. Овие бројки се повисоки за разлика од првиот изборен круг, кога во истиот период гласале 2.507 граѓани или 50,7 отсто – рече Лена Милошески од ОИК за Македонски Брод.
Во општина Пласница излезеноста е во пораст и до 17 часот гласале 1.020 граѓани односно 20,4 отсто. Овие бројки се многу повисоки од првиот изборен круг, кога во истиот период се регистрирани 602 гласачи или своето демократско право на глас го искористиле 12,4 отсто од граѓаните. З.А.