Седницата на Централниот одбор на СДСМ ќе се одржи и покрај тоа што премиерот Зоран Заев поради невремето слета на софискиот аеродром и во моментов со возило се движи кон Македонија и се очекува да стигне во доцните часови, најави генералниот секретар на СДСМ, Алексадар Кирацовски по завршувањето на Извршниот одбор на партијата.
Тој посочи дека на седницата на Централниот одбор ќе се разгледаат неколку точки меѓу кои и за избор на кандидат за претседател на државата, како и за носење одлука дали истовремено со претседателските ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.
Доколку во текот на денешниот ден не биде донесена таква одлука, нагласи Кирацовски, Централниот одбор ќе го овласти извршниот одбор во наредните неколку дена да го соопшти ставот на партијата.
– Претседателот Заев кој поради временските неприлики мораше да слета во Софија е во ред и е на пат за Македонија. СДСМ има сериозни органи и тела и може да одлучува дури и без првиот меѓу еднаквите – рече Кирацовски.
Нагласи дека на Извршниот одбор, што заврши предмалку, биле номинирани неколку точки што ќе бидат предмет на дискусија на централниот одбор.
– Првата точка е актуелната политичка ситуација во државата и разгледување на опцииите за одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Втората точка е отпочнување на постапката за избор на кандидат за претседател на државата, како и за кандидати за градоначалници на општина Охрид, Ново Село и Дебар. Ќе бидат утврдени правилниците, роковниците и критериумите за избор на кандидати. Ќе биде разгледана и предлог одлуката за свикување на 23-от конгрес на СДСМ за што Извршниот одбор до Централниот одбор предлага конгресот да се одржи на 3-ти март 2019 година – рече Кирацовски.
Покрај тоа, додаде ќе биде претставена и предлог одлуката за избор на Дане Талески за секретар за меѓународна соработка, како и одлуката за пререгистрација на СДСМ, што сите политички партии во РМ ја прават на четири години.
На седницата на Централниот одбор, како што кажа, ќе бидат разгледани сите предности и недостатоци за Република Македонија за евентуални предвремени парламентарни избори, како и сите аспекти во прилог „за“ или „не“ и дали е тоа од долгорочна перспектива за граѓаните или сосем спротивно.
– Сите аспекти ќе бидат разгледани вечерва се надевам дека Централниот одбор вечерва ќе ја донесе одлуката, но доколку не биде донесена одлуката дали СДСМ ќе оди на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, Централниот одбор ќе го задолжи и ќе го овласти Извршниот одбор во следните неколку дена да ја соопшти таа одлука до јавноста – потенцира Кирацовски.
На прашањето дали со пререгистрацијата СДСМ ќе го менува името, Кирацоски рече дека останува истото име, Социјалдемократски сојуз на Македонија.