Во екот на пандемијата регистрирани интересни далекоисточни економски феномени
Кинеската надворешна трговија екстремно брзо закрепнува и за време на пандемијата. Закрепнувањето во септември беше со најбрза стапка во последните 18 месеци. Имено, извозот е зголемен за 9,9 проценти од минатата година, за 239,8 милијарди долари. Тоа е зголемување од 0,4 проценти во однос на минатиот месец. Увозот порасна за 13,2 проценти до 202,8 милијарди долари, што е за 2,1 проценти помалку од август.
ЕУ заостанува, а САД се на избори, инвеститорите се свртеа кон Кина
И кинескиот БДП ќе оствари очекуван раст од 5,5 проценти во третиот квартал, според процените на економската медиумска група „Каиксин“. ММФ известува дека „глобалниот економски колапс предизвикан од коронавирусот нема да биде толку сериозен како што претходно се проценуваше, благодарение на силната владина интервенција во светот и брзото закрепнување во Кина“. И сето тоа доведе до очекуваниот резултат: кинеската берза со капитализација проби 10.000 милијарди долари првпат од 2015 година на пазарите во Шангај и во Шенжен.
Тогаш, имено, се случи крах, бидејќи се тргуваше од повисоки позиции од капиталот што избриша половина од пазарната вредност за неколку месеци и доведе до големи загуби, а инвеститорите го сметаа кинескиот финансиски пазар за токсичен. Сега, кога ЕУ заостанува, а САД се соочуваат со избори, инвеститорите се свртеа силно кон Кина. Од март до минатата недела тие истурија 3,3 трилиони долари во акции и други финансиски производи.
И тргувањето е значително помирно, помалку шпекулативно, што дава дополнително чувство на сигурност. Сега кинескиот финансиски пазар е втор во светот по сила, зад американскиот. Неодамна „Фајненшл тајмс“ објави дека инвеститорите оваа година буквално нагрнаа на кинеските банкарски обврзници, и тоа поради две причини: растот на економијата, која закрепна брзо, и либерализацијата на финансискиот пазар.
Вкупниот износ на набавки на банкарски обврзници во првите осум месеци од годинава изнесува 44 милијарди долари, повеќе од вкупниот износ во периодот од 2016 до 2019 година. Постои уште една причина, а тоа е приносот на кинеските обврзници, кои се многу поголеми од повеќето на Запад. Во моментов, десетгодишните кинески обврзници даваат 2,3 проценти, а американските обврзници помалку од 0,8 проценти. Ова се должи на политиката на ниски каматни стапки на Запад, што е негативно за германскиот Бунд, така што инвеститорот ѝ плаќа на Германија за купување на нејзините обврзници.
– Од особено значење е зголемената улога на институционалните и странските инвеститори, кои помогнаа да се намали нестабилноста на пазарот, така што властите сега можат да контролираат и управуваат со факторот на ризик – изјави Брус Панг, раководител на макро и стратегиско истражување во Кинеската ренесансна инвестициска банка, за „Фајненшл тајмс“.
Јуанот продолжи да расте во однос на американскиот долар
Во исто време, кинеската валута ренминби (јуан) продолжи да расте во однос на доларот, бидејќи пазарите очекуваат да победи Бајден на изборите. Еврото останува стабилно, но ако наскоро не се договорат за повеќегодишната финансиска рамка и Фондот за наплата, може да следуваат нови проблеми.
Кина сега е во поволна позиција и Си Џинпинг е свесен за тоа, па тој мирно најавува нов економски концепт на „дуална циркулација“, што подразбира намалена зависност од другите пазари и технологии и зајакнување на иновациите: посилна внатрешна циркулација, но и континуирана ориентација кон извозот. Ова е токму она што тој го потврди во средата, за време на прославата на 40-годишнината од слободната зона во Шенжен. Реј Далио, основач на финансискиот гигант „Бриџвотер“, рече дека „времето е на страната на Кина, бидејќи има голем број предности во однос на САД“.