Фото: Игор Бансколиев

Од Министерството за здравство велат дека со користењето на термалната камера успешно се спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од коронавирусот, како и дека работата е целосно под контрола и оти во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника

Работниците што работат во кинеската компанија „Синохидро“, кои редовно транзитираат на релацијата Кина – Македонија, имаат препорака да се вратат подоцна, а непосредно пред враќањето 14 дена ќе бидат во карантин. Ова е една од дополнителните мерки за претпазливост за справување со ширење на заразата од коронавирусот, кои вчера ги утврдиле министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо.
Со ова, како што велат од Министерството за здравство, дополнително се активираат мерките на претпазливост од можноста коронавирусот да се појави во нашата држава.

– Со користењето на термалната камера успешно се спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од коронавирусот. Работата е целосно под контрола и во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника – објаснуваат од министерството.
Оттаму апелираат до граѓаните во целост да ги следат и да ги почитуваат мерките за превенција.

– Да се воведе дополнителна заштита на храната, да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при приготвувањето храна, да се користат различни садови и ножеви за приготвување и сечкање сурова храна и да се мијат задолжително рацете по секое приготвување храна. При приготвување месо и јајца, истите тие убаво термички да се обработат, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки, да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често миење на рацете и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце, кој содржи алкохол, заштита на преостанатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата, марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете – препорачуваат од ресорното министерство.

Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека во земјата починале уште 73 лица од коронавирусот, со што вкупниот број на жртвите достигна 563. Досега бројот на заразените со новиот вирус изнесува вкупно 28.018 луѓе. 


МНР: Тројца Македонци се на крузерот што е под карантин

Според последните информации добиени од Министерството за надворешни работи на Јапонија, потврдено е присуство на тројца наши државјани на бродот што е задржан близу Јокохама, Јапонија. Причина за задржување на бродот е присуството на заразени лица од коронавирусот. Досега се потврдени 20 лица кај кои е пронајден овој вирус, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од Министерството велат дека продолжуваат со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање.
Граѓаните на Македонија што се наоѓаат во Јапонија, за подетални информации за развојот на состојбите може да се обратат во македонската амбасада во Токио, на дежурниот телефонски број +81 80 4886 0103 или на имејл [email protected].