Националистичките сили и во двете земји не сакаа решение, бидејќи се хранат од континуитетот на спорот. Секако, сфаќам дека многу обични луѓе, многу патриоти се против договорот, некои поради недостаток на информации, други од емоционални реакции.
Ова во итервју за МИА го истакна алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, при тоа додавајќи дека тие остануваат посветени на Договорот.
– Ние како влада одлучивме да продолжиме кон Договорот од Преспа и покрај било каква политичка цена, бидејќи веруваме дека тоа ќе биде од корист за грчкиот народ, но и за народот од соседната земја. На секој чекор сé до финализирањето на договорот, должни сме, колку е можно подобро да ги информираме нашите народи за да се ограничат реакциите – рече Катругалос.
Според него, со решението меѓу двете земји се отвора нова ера на Балканот, најавува дека наскоро авионското поврзување на Атина и Скопје ќе биде реалност, користејќи го неговото знаење како професор по уставно право вели дека Договорот од Преспа не остава простор во иднина одново да се преговара и изразува убеденост дека грчкиот парламент ќе даде зелено светло кога ратификацијата ќе се најде на дневен ред.