Бојан Јовановски, односно Боки 13, е осуден на затворска казна од 9 години за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години за злоупотреба на службената положба и овластувањата
ИЗРЕЧЕНИ ПРЕСУДИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ ВО КОЈ БЕШЕ ВМЕШАНА И ПОРАНЕШНАТА СПЕЦИЈАЛНА ОБВИНИТЕЛКА
Пресудата за судскиот случај „Рекет“, со која Бојан Јовановски, односно Боки 13, е осуден на затворска казна од 9 години за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години за злоупотреба на службената положба и овластувањата, беше објавена со директен пренос во медиумите од судницата. Со пресудата е одредено на Бојан Јовановски-Боки 13 да му се конфискува облеката од скапи брендови, што му беше одземена во текот на истрагата од обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет. Исто така, ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него, како невработено лице со блокирани трансакциски сметки.
На Јанева, покрај пресудата за затворската казна, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема готови пари на сметки ќе бидат присвоени лични предмети или недвижности во износот со кривичното дело. При изрекувањето на пресудата, судијката Васка Николовска-Масевска рече дека на тежината на казната кај Јанева влијаела и нејзината висока функција. Според мислењето на судијката, високите функционери, т.н. „бели јаки“, треба да добиваат повисоки казни од преостанатите граѓани, за да служат за пример дека дадената доверба и функција не смее да се злоупотребуваат.
Иако се донесени пресудите за обвинетите во случајот „Рекет“, до крајот на судењето не беа пронајдени парите, за кои се тврди дека со нив е извршен поткупот, од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Осудениот Бојан Јовановски по објавувањето на пресудата изјави дека таа е политички донесена и деновиве најави дека ќе достави кривични пријави против вистински сторители на кривични дела во Македонија. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не беше присутна во судницата на изрекувањето на пресудата.
Случајот „Рекет“ предизвика голем интерес во јавноста, а веројатно создаде и нова практика со директното медиумско пренесување на судската пресуда.
– Иако и досега имало отворени судења, директното следење на објавувањето на пресудата преку медиумите е прв случај во поновата судска практика. Сметам дека таквата транспарентност треба да се поддржи, со оглед дека законот дава можност за јавност. И досега, дури и кога јавноста била исклучена од судењата, пресудата се соопштувала јавно. Транспарентноста на судските процеси е пожелна, за да се намалат сомнежот и недовербата на јавноста во судството и воопшто во правдата – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.