Зачестената нонпејпер-дипломатија за суштински прашања внатре во Унијата, според аналитичарите, се сведува на дополнително усложнување на целиот пристапен процес за земјите-кандидатки како што е и Македонија. Во најновиот нонпејпер, зад кој стојат девет членки на ЕУ, посебно внимание им се посветува на поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото
Суштински политички процеси и решавање важни прашања на ниво на Европската Унија се чини дека изминатиов период се практикуваат главно преку таканаречена нонпејпер-дипломатијата. Така деновиве, по францускиот нонпејпер со кој се бараше обновен пристап во процесот на проширување, и по германскиот нонпејпер, кој, пак, се однесуваше на мигрантската политика и барањето азил, излезе нов ваков документ со малку поинаков текст. Имено, преку нов нонпејпер девет држави-членки на ЕУ даваат предлози за новата методологија за проширување, која се очекува Европската комисија да ја усвои до крајот на јануари следната година. Документот е потпишан од Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Полска и Словенија, а неговата функција меѓу другото е да придонесе да се забрза носењето на идната методологија за преговорите за пристапување на земјите од Западен Балкан. Во нонпејперот овие девет држави бараат од ЕК во идната методологија да се опфати групирање на преговарачките поглавја по главни области, како и да има паралелно наместо последователно отворање на поглавјата.
– Треба да се одржи можноста Европската Унија да интегрира нови членки, без да ја ослабне својата внатрешна кохерентност. Сепак, внатрешната реформа на ЕУ не може да биде предуслов за проширувањето. Нашата врата останува отворена – се наведува во документот потпишан од овие држави.
Според познавачите на случувањата, Унијата преку ваквите неофицијални пишани документи, но и внатрешни иницијативи на некои земји што се однесуваат на идното проширување на Унијата, сака да докаже дека политиката за проширување на Брисел не е запрена.
Поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски вели дека ваквата внатрешна нонпејпер-преписка во ЕУ во основа не е никаква новина ниту пак некаква војна на внатрешни ставови во Унијата, која во конкретниот случај реално и нема да даде некаква нова надеж за нас во однос на почнувањето на преговорите со ЕУ. Според Јанкуловски, новиот документ ни малку не е поразличен од францускиот, кој се однесуваше на новата пристапна методологија што Париз сака да ја воведува. Овие преписки на земјите-членки на ЕУ кон и за Западен Балкан, според Јанкуловски, најчесто се случуваат кога тие нешто не исполниле, па сега сакаат да возвратат со добар гест, кој во принцип е добар, но не и сериозен или конкретен.
– Новиот нонпејпер е само добра желба на нашите пријателски земји во ЕУ да направат некаков исчекор по француското „не“ за почнување на пристапните преговори за Македонија и за Албанија. Досега сме сведоци дека ваквите документи неколкупати се ширеа во јавноста и ништо конкретно не придонесоа. Во основа Макрон конкретно единствено зборува дека сме дел од пакетот за проширување со Албанија и јасно укажува дека ќе има промена во процесот на пристапување кон ЕУ. Сѐ друго што се толкува поинаку од ова е само држење лажна надеж и тапкање по рамо на ваквите држави како нас по дебаклот во октомври, кој се случи во Брисел – оценува Јанкуловски.
Слично размислува и дипломатот Ристо Никовски, кој смета дека нонпејпер-дипломатијата што се наметна во ЕУ за идеите на Париз се сведува на дополнително усложнување на целиот пристапен процес и ништо повеќе.
– Новиот нонпејпер од повеќе држави, како што изгледа, треба да претставува отворање дебата околу идеите што ги наметна Париз. Според неговата содржина, може да се заклучи дека сѐ уште се работи на општи теми без обид повеќе да се прецизира самата процедура. Тоа зборува дека начинот на кој ќе се дискутира по француската иницијатива ќе се одолжи и практично нема шанси да биде сѐ завршено до почетокот на следната година, како што се очекуваше. Со други зборови, тоа значи дека до мај следната година ќе биде скоро невозможно да се финализира нешто што би отворило пат за конкретни чекори на Брисел во однос на проширувањето – оценува Никовски.
Инаку, посебно внимание деветте држави во нонпејперот им посветуваат на поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото. Европските држави во документот бараат на ова прашање да му се пристапи по пат на приоритети, јасни препораки и временски рокови.
Исто така, се оценува дека ЕУ и земјите-членки треба да понудат поголема поддршка за имплементација на европското право, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и дека скринингот на законодавството од оваа област би требало да почне во моментот на одобрување на кандидатскиот статус.
Државите-потписнички на документот во исто време сметаат дека политичкиот поттик би требало да вклучува и годишни средби на ниво на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, како и поголемо учество на претставниците од регионот на неформалните средби на советот.
Исто така, се предлага „ефикасен и насочен финансиски поттик“, кој ќе го наградува и олеснува напредокот. Во таа смисла се спомнува подобрување на координацијата на финансиската поддршка за регионот, како и зголемена соработка со меѓународните финансиски институции за зголемување на инвестициите.
Во меѓувреме, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Верхаји информира дека францускиот предлог не е единствен и оти неговиот кабинет примил сугестии и од преостанатите земји-членки. Тој во повеќе наврати соопшти дека во јануари Европската комисија ќе излезе со нов предлог за измена на методологијата на процесот за приклучување во ЕУ.