Во текот на денешниот ден треба да биде решена една од серијата непознати поврзани со претседателските избори. Имено, се очекува опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ официјално да ги обелодени имињата на осумте кандидати што се пријавиле на партискиот оглас за претседателски кандидати, кој траеше до 31 јануари. Покрај пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски, кои јавно ги објавија своите кандидатури, другите сѐ уште не се официјално потврдени, а се шпекулира дека на повикот за кандидирање се јавила професорката од Правниот факултет на УКИМ, Гордана Силјановска-Давкова, која беше поддржана и повикана да се кандидира од страна на 27 универзитетски професори. Меѓу оние за кои неофицијално се пишуваше изминатиов период дека се пријавиле на јавниот повик на ВМРО-ДПМНЕ е поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. По внатрепартиската процедура за претставување на програмите на сите пријавени кандидати пред членството, ВМРО-ДПМНЕ својот конечен избор за кандидат за претседател ќе го направи на конгресот во Струга, што ќе се одржи на 16 февруари.
СДСМ вчера објави јавен повик на кој ги повикува сите заинтересирани да поднесат кандидатура за претседател на државата. Според партискиот оглас, треба да ги исполнува следниве услови: да е личност со висок општествен углед, да биде способен за извршување високи државнички функции, да ужива доверба од членството и симпатизерите на СДСМ и да биде личност што на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратегиските приоритети на Република Македонија. Јавниот повик е отворен до 19 февруари. Засега од СДСМ во јавноста се споменуваат имињата на координаторот за НАТО Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров (кој не е член на СДСМ), како и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Она што е официјално познато за јавноста е дека СДСМ на 3 март ќе го објави својот претседателски кандидат, речиси две седмици подоцна откако ќе се знае кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Експертите оценуваат дека во владејачкиот СДСМ се чека изборот на најголемата опозициска партија, за да ѝ спротивстават соодветен кандидат. Откако беше премолчена идејата за консензуален претседателски кандидат од страна на коалицискиот партнер, ДУИ повика на заеднички настап на албанските партии на изборите, без да се нагласи дали тоа се однесува само на претседателските, или и на можните парламентарни избори. Имено, во почетокот ДУИ се изјаснуваше категорично против предвремени парламентарни избори, во интерес на реформите што се бараат за добивање датум за преговори со ЕУ, но со текот на времето ставот се сведе на очекување и прифаќање на одлуката на СДСМ.
Партијата Алијанса за Албанците најави дека ќе истакне свој кандидат за претседателските избори, а останува отворена за соработка и можеби заеднички кандидат со другите опозициски партии од албанскиот политички блок, а притоа е отфрлена можност за каква било соработка со ДУИ.
– Цениме дека е многу важно албанските гласови да се дадат за кандидат за претседател Албанец и од друга страна мислиме дека ќе го искористиме овој процес за нешто да промениме во начинот како се избира претседателот на државата и тој во иднина да ги претставува сите граѓани, а не посебни етнички заедници – изјави Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците.
Во меѓувреме, централниот одбор на ЛДП деновиве донел одлука за почнување процедура за избор на претседателски кандидат за претстојните претседателски избори. Номинацијата на кандидатите, како што соопштуваат од партијата, ќе се одвива преку самокандидирање, а предвидени се и одредени критериуми како, на пример, кандидатот да има либерални погледи. Сепак, иако е отворена процедура за избор на претседателски кандидат, од ЛДП велат дека не е донесена сѐ уште конечна одлука за самостоен настап на партијата на претседателските избори. Можен самостоен настап со свои кандидати во првиот круг од претседателските избори најавија деновиве и други (помали) партии од коалицијата на СДСМ, како Партијата за движење на Турците и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите. Доколку имаат намера да влезат во изборната трка, овие партии ќе треба да собираат по 10 илјади потписи за своите кандидати.
Како што стојат работите во моментов, сѐ поголема е веројатноста претстојните претседателски избори напролет да бидат и со најголем број најавени или поднесени кандидатури за шеф на државата.
Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери веќе најави дека изборите ќе ги распише на 8 февруари, а тие ќе се одржат во два круга, на 21 април и на 5 мај. Ј.П.