Грчкиот народ треба да одлучи за Договорот од Преспа, преку избори или референдум, во случај да не се ратификува со 180 пратеници во Парламентот, порача Панос Каменос, министер за одбрана на Грција, лидер на Независни Грци и коалициски партнер во грчката Влада.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на вонредната прес-конференцијата во Министерството за одбрана, Каменос рече дека договорот е лош, тој лично не го прифаќа и ќе се обиде да го блокира.
– Нема шанси да дојде Договорот за ратификација без став на грчкиот народ. Грчкиот народ ќе одлучи. Освен ако не дојде со 180 пратеници, а Нова демократија и ПАСОК го променат ставот што го имаат. Во тој случај нема да може да направиме нешто. Но, нема да дозволиме без одобрување од грчкиот народ, што може да се направи на два начини, или со референдум или со избори, да оди напред Договорот- рече Каменос потенцирајќи дека тој, како претседател на Независни Грци, партијата коалиционен партнер, ја презема одговорноста за конкретниот став.
Министерот за одбрана на Грција рече дека „Скопје нема никаква иднина во НАТО, ако не се ратификува договорот“, а во однос на Грција, го повтори неговиот став дека тој ќе се погрижи да нема ратификација без одобрување од грчкиот народ, во спротивно ќе се повлече од владата.
– Ако Договорот дојде за ратификација со 151 пратеник ќе се повлечам од владата, ќе одам кај претседателот на државата и ќе му кажам дека ја повлекувам мојата поддршка за владата, земјата да оди на избори, за да одлучи грчкиот народ- рече лидерот на Независни Грци.
Каменос објасни дека Договорот од Преспа „нема никаква тежина и никаква обврска за Грција“ сѐ додека не се ратификува од Парламентот, додаде дека ратификацијата во македонското Собрание не е валидна, бидејќи нема потпис од претседателот и потенцираше дека процесот за членство во НАТО нема да започне, ако Македонија не ги исполни сите обврски.
На НАТО самитот следна седмица, како што рече Каменос, ќе присуствуваат лично тој, грчкиот премиер, Ципрас и министерот за надворешни работи, Коѕијас.