Интензитетот на носење и менување на законите во интерес на некои пратеници што својот глас за уставните измени го условуваат со нивно ослободување од кривично гонење или на нивни блиски, како и барањето на СЈО за замена на мерката притвор за обвинети во неговите случаи, во јавноста предизвикува реакции на разочараност за дезавуирање на правната држава
Динамично, бурно и жестоко како на Волстрит, во последниве неколку дена се прекројуваат правдата и правната држава во Република Македонија (и тоа веќе не е тајна) во интерес на обезбедувањето двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени.
Високи владини извори веќе отворено истакнуваат дека Законот за амнестија се прави заради уставните измени и нагласуваат дека тука нема правда. Но се чини дека лицитирањето не завршува само со Законот за амнестија во контекст на обезбедувањето гласови туку „пазарот“ е многу поголем и поширок.
Рекомпонирањето на постојните законски регулативи се прави на повеќе фронта – во Собранието се гласа експресно закон за селективна амнестија, кој неколку дена подоцна добива поширок опсег, преку експресната собраниска одлука за потребата од измени во Кривичниот закон. Од друга страна, иако истекува рокот за одлуки на барањата, по основа на најновиот закон за амнестија, ниту обвинителство ниту судот не сакаат да ја прифатат одговорноста за спроведување на контроверзниот закон… Во меѓувреме, измените на Кривичниот законик во брза постапка поминаа во собраниската комисија. Со еден од членовите директно се влијае врз дел од предметите на СЈО што се во судска постапка, односно со измените на Кривичниот законик во членот 275 в се намалува затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки, а според некои толкувања со овие измени обвинетите можат да добијат и условна казна. Се очекува со нив да бидат опфатени делата во кои се обвинети поранешната министерка за култура, а сега координаторка на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска, синот на пратеничката Владанка Авровиќ, Василије Авировиќ, како и за случајот „Тенк“. Овие измени, секако, не се случајни и се во насока на обезбедување гласови за уставните измени за договорот со Грција.
Под притисок на јавноста, членот 353 од КЗ, кој се однесува за злоупотреба на службената положба, засега нема да се менува, но пратениците не се откажуваат од тој предлог, односно велат дека измените треба да се доработат… Во меѓувреме, СЈО побара и замена на затворскиот со куќен притвор за осомничените во „Империја“ и за поранешни функционери… Во целиот овој правен галиматијас во Македонија, како долевање масло на оган беше и писмото на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, до претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, и до министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска, во кое тој реагирал дека одлуките што ги носат судиите ги правдале дека се по диктат од странските амбасади, поточно по негов диктат.
Во однос на измените на Кривичниот законик, адвокатот Александар Тортевски вели дека со нивното стапување во сила половина од случаите на СЈО паѓаат во вода.
– По моја процена, 40-50 проценти од постапките пред СЈО ќе бидат доведени во прашање, заради тоа што ако се намалува казната или се бришат тие членови, ќе настапи застареност и за кривично гонење, бидејќи се скратуваат роковите за застареност во многу случаи, во многу случаи што ги води СЈО, и во целост се менува и практично паѓа во вода огромен дел од досега сработеното – вели Тортевски.
Интензитетот на носење и менување на законите во интерес на некои пратеници што својот глас за уставните измени го условуваат со нивно ослободување од кривично гонење или на нивни блиски, како и барањето на СЈО за замена на мерката притвор за обвинети во неговите случаи, во јавноста предизвикува реакции на разочараност за дезавуирање на правната држава.
– Дното е допрено. А под него има уште едно. И уште едно. Под дното има бездна – пишува Владимир Милчин, режисер и поранешен директор на фондација „Отворено општество“, кој беше активен во Шарената револуција во 2016 година, која се организира токму како реакција на амнестијата што тогаш ја објави претседателот Ѓорге Иванов.
Уште пожестоки во својата реакција се Бранко и Влатко Огњановски, носителите на сатиричниот ТВ-проект „Фчерашни вести“, а Бранко на јавноста ѝ е попознат под псевдонимот Миле Паника, кои исто така беа дел од Шарената револуција.
– Во 2016 година излеговме да протестираме (по амнестијата на претседателот Иванов н.з.). Зборевме дека е фикус, дека нема свое јас, дека е марионета, дека го држат за јајца итн. Пред една недела имаше една амнестија, а се крчка уште една, уште погадна од претходната, преку шибицарска измена на Кривичниот законик – со намалување на должината на затворските казни за одредени дела, да се дозволи застарување на дел од делата што ги гони СЈО.
Во тој контекст, авторот на својот статус го поставува прашањето дали воопшто има разлика меѓу амнестијата на претседателот на државата, предлозите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Заев. И зошто сега никој не протестира…
– Сеа никој не спомиња протести! Дочекавме Жмицко да зборува за владеење на правото. Која иронија! Искочи дека Заев тогаш беше против амнестиите, за сега да ги добијат од него. Не од друг, од него. За да мораат да се пазарат со него, а не со друг. Причината за тогашните амнестии веројатно била друга, ама резултатот е ист – група криминалци што ни ја заробија и покрадоа државата, што нанесоа неповратна штета на генерации Македонци, нема да си лежат. Со тоа сите слогани на Шарената револуција – Нема правда нема мир, Ќе си лежите, Вратете ги парите (да не зборам за Шутка не ти бега Никола) се помножија со нула. Арам! Јас лично ептен многу сакам во ЕУ и НАТО. Ама по оваа цена не. Да ми извини Заев, ама правдата и владеењето на правото се поважни од членството во ЕУ и во НАТО. Тие се предуслов. Џабе НАТО, џабе ЕУ ако во тоа име ги погазиме сите вредности на истите тие институции! Џабе! – стои во статусот на Фејсбук потпишан од Бранко (Влатко) Огњановски.
Што се однесува до аспектот на последиците врз владеењето на правото во Македонија, професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова констатира дека правната држава е ставена во ситуација на вулгарна трговија за менување на Уставот.
– По Законот за амнестија и по измените во Кривичниот законик, судбината на правната држава е доведена дотаму за неа да се одлучува како на дискрециско право на пратениците во Собранието. Сега сѐ што сакаат да спроведат можат да го подведат под дискрециско право. Сѐ е во рацете на Собранието и очигледно Македонија е претворена во држава во која нема владеење на правото. За жал, во Уставот е предвидена одговорност само за шефот на државата, преку импичментот, но не и за претседателот на Собранието и за другите носители на власта – вели професорката Гордана Силјановска-Давкова.