Неочекуваната оставка на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во период кога се прават напори во македонскиот парламент да се обезбеди двотретинско мнозинство потребно за уставните измени, кои произлегуваат од договорот во Преспа, отвора мноштво нови дилеми. Дали постигната спогодба со Грција е поткопана и која е гаранцијата дека грчкиот парламент по ваквиот развој на настаните ќе го испочитува договорот од своја страна, ако Македонија во меѓувреме ги исполни своите обврски, се дилемите во јавноста што се актуализираа повоторно. Дополнителна несигурност и сомнеж фрлаат и јасните ставови на министерот за одбрана Панос Каменос во владата на Ципрас, кој уште од моментот на потпишувањето на договорот изјави дека го отфрла договорот со Македонија и дека ќе гласа против во парламентот. Од друга страна, опстанокот на владата на премиерот Ципрас, пак, зависи директно од Каменос како негов коалициски партнер. Затоа и грчкиот премиер лесно се одлучи да го жртвува Коѕијас по неговата кавга со Каменос токму околу спогодбата од мала Преспа.

Домашните познавачи на проблематиката велат дека во моментов грчкиот премиер Алексис Ципрас е меѓу два огна. Од една страна поранешниот министер за надворешни работи на Грција е потписник на Преспанскиот договор, а од друга страна потребни му се пратениците на Каменос во владината коалиција како лидер на помалиот партнер Независни Грци за да го изгласаат договорот во тамошниот парламент. Како на најновиот развој на случувањата во Грција гледаат домашните политички аналитичари и дали е загрозено спроведувањето на спогодбата од мала Преспа.

Професорот и поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, коментира дека договорот со Грција не е загрозен и покрај оставката на Коѕијас. Тој убедува дека нема да има проблеми во грчкиот парламент за ратификација на договореното, и оти проблемот во овој момент е кај нас и нашиот парламент.

– Мислам дека сепак грчката демократија е мнoгу со поголемо искуство од она што се шпекулира во јавноста и повремените кадровски промени и оставки не влијаат врз политиката на една влада што е на власт бидејќи секогаш таа има парламентарно мнозинство што ќе решава за кој било предлог што го води таа влада. Во таа насока нема што тука да стравуваме дека нема да биде успешно гласањето во грчкиот парламент за Преспанскиот договор. Работата е многу понеизвесна дома кај нас отколку кај соседите – објаснува Ружин.

Професорот додава дека Ципрас не може ништо да го спречи во намерата за реализирање на договорот со Македонија бидејќи и на Каменос, но и на опозициската Неа демократија им одговора проблемот да биде решен.

– Имам чувство дека иако Неа демократија официјално не го поддржува договорот, сепак мислам дека таа сака да се ослободи од овој проблем. Сметајќи го како едно решено прашање, ќе ги оттргне своите грижи и одговорност пред народот но тоа во овој момент не го покажува јавно, бидејќи таа посакува проблемот да биде продолжен некаде до мај, јуни следната година за истиот тој да биде свеж мотив кај електоратот за добивање поени пред европските избори што претстојат – заклучува Ружин.

Од друга страна, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека со оставката на Коѕијас очигледно е дека политичката драма ќе продолжи и кај нас, но и на југот.

– Преспанскиот договор не ја тресе само Македонија. Оставката на Коѕијас покажа дека кризата и таму е сериозна и дека тамошниот расплет не може да се претпостави. Владата виси на конец и јасно е дека Коѕијас се жртвува за нејзиниот опстанок.
Каменос станува главен играч и тој ќе има силно влијание на можноста на Грција да го ратификува договорот ако кај нас се успешно се заврши. Тој уште во минатото кажа дека може да се повлече од Владата пред евентуална ратификација, а тоа значи крај на процесот. За нас сепак најважно е договорот да не помине овде и така да заврши оваа тешка историска драма.

Да се надеваме дека нема да има две третини од парламентот подготвени за капитулација иако новите избори ќе значат нова траума за сите нас. Очигледно е дека политичката драма кај нас и на југот сѐ уште ќе трае – оценува Никовски.


Димитров: Со Коѕијас станавме вистински пријатели

Во меѓувреме министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, ја искоментира оставката на неговиот грчки колега Коѕијас.
– Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Коѕијас имавме интензивни месеци на комуникација, станавме вистински пријатели и во период од една година успеавме да направиме нешто што во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина – напиша Димитров на својот фејсбук-профил.


Последната капка што ја прелеа чашата

Во исто време грчките медиуми, детално ги анализираат причините за повлекувањето на Коѕијас, а несогласувањата на завчерашната владина седница, како за фондовите така и за договорот од Преспа, биле само последната капка. Според медиумите во Грција, меѓу шефот на дипломатија и премиерот во периодот кога беа затегнати грчко-руските односи се појавиле различни перцепции за одредени теми. Како што јави дописничката на МИА од Атина, оставката на Никос Коѕијас и натаму е главна тема во Грција. Анализи, коментари, изјави, барање причини е она што преовладува во грчките медиуми.
„Жртвување на Коѕијас од Ципрас“; „Плати погрешен министер“; „Потчинетост на Каменос“; „Порака на Ципрас до повеќе страни: Нема да толерирам“; се некои од насловите во вчерашните изданија на грчките весници. Според грчката телевизија „Антена“, Коѕијас сметал дека Ципрас не му дал доволна поддршка на владината седница, не застанал на негова страна во кавгата со Каменос и покрај политичката цена како потписник на договорот од Преспа, но и личните напади врз него, со испратените куршуми, земја со крв и слично.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на соработници на Коѕијас пишува дека тој бил погоден од нападите на Каменос „дека е човек на Сорос и дека зема од фондовите“. За време на владината седница, според истите извори, дополнителни навреди од министерот за одбрана до министерот за надворешни работи, предизвикал одново споменатиот предлог на Коѕијас да важи истиот закон за контрола на тајните фондови за сите министерства (меѓу кои и она на Каменос) како што важи за Министерството за надворешни работи.