„Нова Македонија“ дојде до ексклузивни доверливи документи од бугарските архиви. Документите содржат неколку исклучително интересни моменти, од кои дознаваме за преговорите и недоразбирањата помеѓу Белград и Москва за иднината на Балканскиот Полуостров, вклучувајќи го и македонското прашање
На 9 јануари 1945 година во Москва, Сталин и Молотов на највисоко ниво ја пречекале југословенската делегација, предводена од Адрија Хебранг (југословенски и хрватски висок политички и државен функционер, член на ЦК на КПЈ и министер во Владата на Федеративна Народна Република Југославија).
Клучни ставови за Македонија: Југословенската делегација со различни сфаќања од руската
Во текот на овие разговори, изнесувајќи го ставот на Комунистичката партија на Југославија, односно на Владата на ФНРЈ и на тогашниот претседател Јосип Броз, Хебранг истакнал дека Југославија очекува да ги добие грчката Македонија и Солун од грчката држава. Шефот на југословенската делегација исто така забележал дека прашањето за обединувањето на Македонците од вардарскиот со егејскиот дел на Македонија досега не било официјално изнесувано како сега, за да не се создаваат какви било проблеми за Грчката народно-ослободителна армија (ЕЛАС), затоа што тоа ќе ја ослабне и усложни положбата на ЕЛАС во Грција. Но затоа сега ова барање е клучно и токму сега е време да биде поставено како категорично на највисоко ниво.
На овие ставови, советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов одговорил дека можеби најдобар почеток за решение е Македонците од Грција сами да го отворат ова прашање. Во текот на овие разговори, Сталин имал свои забелешки на експандирачките амбиции на Југославија по ова прашање, имено дека „таму се создава ситуација што водела кон непријателски односи со Романија, Унгарија и со Грција, а Југославија планира да води војна со целиот свет“. Сталин изразил став дека „не треба да се создава таква состојба“.
Сталин го разгледува со Георги Димитров предлогот за обединување на Бугарија со Југославија
По заминувањето на југословенската делегација, следниот ден, на 10 јануари, Сталин имал телефонски разговор со бугарскиот водач Георги Димитров. Во текот на овој разговор, Сталин истакнал дека ја примил југословенската делегација, која го информирала за југословенскиот предлог за влегување на Бугарија во рамките на југословенската држава, со исти права како Србија и Хрватска. Југословените исто така го информирале дека бугарската страна го одбила предлогот и побарала создавање бугарско-југословенска конфедерација со еднакви права. Во текот на разговорот со Георги Димитров, Сталин истакнал дека на Југословените им пренел дека Бугарите се во право и дека е можно создавање држава слична на Австро-Унгарија. Сталин исто така забележува дека бугарската држава ќе исчезне доколку влезе во рамките на Југославија. Според Сталин, Југословените немаат искуство, а, напротив, Бугарите се поискусни. Сталин исто така му пренесува на Георги Димитров дека советувал да не се започнува борба во Грција. ЕЛАС треба да ја остави владата на Папандреу. Очигледно е дека тие се надеваат дека Црвената армија ќе се симне на Егејско Море. Ние не можеме да испратиме трупи во Грција. „Грците направиле глупав потег“.
Во однос на македонското прашање, Сталин истакнал дека Југословените сакаат да ја преземат грчката Македонија. „Ова е неразумно. Не ми се допаѓа нивниот став“.
Сталин има други идеи за територијата на Македонија во Грција
Овие прашања повторно биле разгледани на 28 јануари 1945 година, кога Сталин имал средба со Васил Коларов, висок бугарски функционер и член на ЦК на БКП. Во текот на разговорот Сталин истакнал дека се залага за унија меѓу Бугарија и Југославија, која ќе се претвори во федерација на Јужните Словени. Советскиот лидер повторно истакнал дека формата на федерацијата останува нерешена. Според Сталин, не треба да се искористува тешката ситуација на Бугарија. „Во иднина, Бугарија ќе игра важна улога на Балканот“. Никој не треба да си игра со Бугарија и потребна е отворена искреност од двете страни. Сталин исто така забележал дека Грција ќе го изгуби Солун, оттука ќе било апсолутно неопходно Бугарија да има силна армија. Бугарско-југословенската унија треба да биде изградена врз бугарските вооружени сили за да се спречи можната идна агресија.
Белград и Москва со различни критериуми за уредување на Балканот
Ако внимателно се анализираат документите, неизбежен е заклучокот дека Белград и Москва имале различни видувања за идниот поредок на Балканскиот Полуостров. Белград се залага за создавање југословенска федерација во која Бугарија требало да има права како Србија или Хрватска, односно да биде република како составен дел од Југославија. Меѓутоа, Сталин не се согласувал со овие ставови и се залагал за бугарско-југословенска конфедерација во која Бугарија требало да доминира. На овој начин, Сталин се надевал да го контролира Балканскиот Полуостров. Но исклучително интересен е фактот што и југословенската и советската платформа за обединувањето на Јужните Словени ја вклучуваат Македонија во нејзините етнички и географски граници, но во рамките на држави со различни концепти. Југословенската платформа ја предвидува цела Македонија вклучена во југословенска федерација (една, сојузна држава), додека советската предлог-платформа ја предвидува цела Македонија вклучена во бугарско-југословенска конфедерација (во рамките на сојуз на две држави).
Во тој правец е искажувањето на Хебранг дека Југославија очекува да го добие Солун, како и искажувањата на Молотов и Сталин дека Македонците од Грција треба сами да го отворат прашањето за обединување и Грција ќе го изгуби Солун. Различните концепти помеѓу Белград и Москва на некој начин воделе кон судир помеѓу Југославија и СССР, а недоразбирањата кулминирале во 1948 година, кога Информбирото започнало агитација против Тито и неговите приврзаници. Борбата за превласт на Балканскиот Полуостров помеѓу Тито и Сталин го спречи обединувањето на македонскиот народ.
Сталин: Како ќе се реши јазичниот проблем?
Јовановиќ: Словенија и Македонија би ги користеле словенечкиот и македонскиот јазик, затоа што овие јазици се разликуваат од српскохрватскиот!
Во текот на јануарската средба во 1945-та помеѓу советскиот неприкосновен водач и југословенската делегација, Сталин запрашал како ќе се реши јазичниот проблем во југословенската држава. Арсо Јовановиќ одговорил дека ќе го изберат српскохрватскиот јазик и дека само во Словенија и Македонија би се користеле словенечкиот и македонскиот јазик, затоа што овие јазици се разликуваат од српскохрватскиот.
Екипа на „Нова Македонија“