Историскиот настап на македонските фудбалери на Европското првенство, како и најновата победа што нѐ носи во бараж за наш настап и едно светско првенство, покажа дека нема недостижни цели кога се има добра стратегија, искрена желба и големо срце. Истото тоа сега треба да се преслика и на политичката сцена, со обединување, со поставување на најдобрите луѓе на клучни позиции да може земјата да ги почне и што побрзо да ги заврши преговорите со ЕУ
Спортистите пример за македонските политичари
Пласманот во баражот за настап на Светското фудбалско првенство на македонската фудбалска репрезентација е најдобриот показател и рецепт како нацијата може да се обедини околу заедничкиот успех, а она што е потребно сега е обединување на сите политички субјекти во земјава, по теркот на фудбалерите, ако сакаме државата да тргне напред. Македонија во следниот период е исправена пред можноста да избори своевиден „бараж“ за конечно добивање датум и почеток на пристапните преговори со Европската Унија, така што само од неа зависи како „ќе одигра“ ако сака да ја достигне оваа цел.
Историскиот настап на фудбалерите на Европското првенство покажа дека нема недостижни цели кога се има добра стратегија, добар селектор, добар тим, но и искрена желба, па истото тоа сега треба да се преслика и на политичката сцена, со добра стратегија, со обединување, со поставување на најдобрите луѓе на клучни позиции, за да може земјата да ги почне, но и побрзо да ги заврши преговорите со ЕУ.
Ако се погледне назад, токму поради постојаното инсистирање на некакви етнички, партиски и други интереси, никогаш не беше изграден квалитетен политички тим што ќе влече напред, туку државата постојано се соочуваше со порази на меѓународен план, кои подоцна се рефлектираа дополнително во внатрешните односи.
Во моментот на полето на политиката и дипломатијата нашиот тим е целосно разединет, поделен на партиски табори, а тоа не гарантира успех, па затоа сега е крајниот момент да се постават квалитетни и способни луѓе на сите позиции, кои знаат добро „да играат“ и кои сакаат Македонија да оди напред, без оглед што некому крајната цел му се чини недостижна.
А тоа зависи најмногу од нас, помалку од ЕУ. Она што сами треба да го направиме е решителна и неселективна борба со корупцијата, коренити реформи во судството, здравството, образованието, функционална економија, здрава животна средина, издигање на нивото на политичка култура, враќање на довербата во институциите.
Тоа е рецептот за една сериозно подготвена држава што со право сака да одигра „бараж“ за почеток на преговорите со ЕУ, која ако се направат сите овие работи, повеќе нема да има изговори да ги одложува македонските евроинтеграции.
Универзитетскиот професор Живко Андревски искрено би сакал да можат и политичарите да ги следат примерите на спортистите кога станува збор за интересите на државата, но не е премногу убеден дека спортските и другите успеси може да се пресликаат и на политички план.
– Атмосферата на политиката сама по себе е проткаена со интереси, а тие интереси не се ништо друго освен пари. Во едни такви услови, тешко е да ги натерате партиите да дејствуваат тимски, дури и кога се во прашање државните интереси – смета Андревски.
Според него, тоа е резултат на политичката култура изминатите три децении и затоа е невозможно тимско дејствување кога станува збор за политичките субјекти.
– Кај нас тешко би одел таков процес на заедничко мобилизирање на политичките сили слично како кај спортските тимови. Едноставно, партиите кај нас не се на историското ниво на потребата на општеството, не негуваат демократска политичка култура и од тоа произлегува дека е невозможно да се направи таков тим што би „играл бараж“ со ЕУ – нагласува Андревски.
Негово мислење е дека партиите се послаби двигатели во општеството отколку што може да бидат индивидуалните иницијативи, семејни, групни, спортски и какви било други што не се поврзани со политиката.
– Останува засега да се радуваме само на спортски, културни, литературни и други слични успеси… За жал, Македонија покажа дека ткивото може да биде единствено само во критични ситуации – констатира професорот Андревски, притоа додавајќи дека политичката борба кај нас е многу врзана за права, привилегии, интереси и тоа ја ограничува во поглед на можностите за некакво обединување.
Сепак, спортистите, а особено фудбалерите, нѐ направија сите горди и ни покажаа како треба да се игра и сака државата. За почеток, доволно е да се следат нивната порака и енергија како патоказ за бараж, а потоа и наш пласман во ЕУ.