И покрај предвидувањата од почетниот период на глобалната економска криза, кинеските синџири на снабдување на германската економиja сѐ уште опстојуваат. И обратно, опстојуваат и германскиот извоз и инвестиции во Кина. Тука нема ништо чудно, бидејќи Кина е единствениот преостанат голем пазар за германската и за европската индустрија што не е под удар на корона-кризата и на економската депресија поврзана со неа. Пекинг успеа да ги задржи синџирите на снабдување на клучните пазари, продавајќи ги своите производи и индустриски компоненти пред сѐ во Германија и во ЕУ, надоместувајќи ги притоа во голема мера сите последици од кризата со ковид-19. Иако идеолошки се оддалечени, колку поенергично некој и да се обидува да ги раздели германските и европските партнери толку посилно расте економската привлечност меѓу Германија и Кина. Зошто е тоа така?
И покрај пандемијата, Кина и Германија развија еден стратегиски нов продлабочен заемен однос
Сега станува наполно очигледно: дури и во услови на голема американско-кинеска трговска војна и постојан трговски притисок на САД врз Германија и ЕУ, вклучувајќи и голема економска криза поттикната од пандемијата на ковид-19, германската и кинеската економија едноставно не можат една без друга.
Кинеските геоекономски и геополитички опции засега не се под некое големо влијание на разгорената американско-германска трговска војна, како ни под влијание на директната интервенција и заканите на Вашингтон за санкции против секого што соработува со Кина. Економските интереси на земјата, која во целиот свет е признаена под името Кина, освен за американските политичари што инсистираат таа да се вика „Комунистичка партија на Кина“, не се загрозени ниту од британско-американскиот притисок во врска со Хонгконг, како ни од сѐ почестите најави за можен голем решавачки оружен судир меѓу САД и Кина, нагласуван во геополитичките анализи на водечките американски и европски аналитички центри. Имено, станува збор за влијателни институции, гласноговорници и индиректно креатори на надворешните политики на САД и на европските сили. Нивните анализи несомнено влијаат врз економијата и конкретните одлуки на државите и корпорациите. Впрочем, по правило, секое спомнување на можноста за војна на одредена територија директно влијае врз тамошното стопанство и економија. Капиталот е плашлив „ѕвер“ што бега од конфликти, а оружјето и војната ги сака само кога создаваат нов профит.
Американско и европско натпреварување и надмудрување со Кина
Во случајот на Кина, јавно изнесените процени за можна војна во која таа би можела да влезе, последниве неколку месеци добија речиси хистерични размери, така што оној што не ги следи редовно американското и европското натпреварување и надмудрување со Кина (а проучувајќи го сѐ она што беше објавено во последно време), лесно може да добие впечаток дека војната на САД и нејзините сојузници со Кина веќе е започната во Индопацифичкиот Регион. Во една ваква ситуација, никој „не би бил луд“ да размислува за економска соработка и унапредување на трговските врски со Пекинг, а камоли таму да инвестира. Меѓутоа, корпоративниот и банкарскиот свет сепак располагаат со сопствени моќни извори на информации, кои не наседнуваат лесно на проѕирни политички блефови. Во секој случај, кинеската економија не само што успеа да опстане на површината туку, почитувајќи ги постојните ризици, рационално продолжи со својата експанзија. За ова постојат само две можни објаснувања. Првото објаснување се однесува на верзијата на настаните, според која, заради заштита на својата економија, Кина целосно подготвена ја дочекала пандемијата на ковид-19 и, за разлика од САД и од Европа, ефикасно одговорила на нејзините предизвици. Успеала во тоа поради врвно организираниот здравствен систем и општеството во целина, или, пак, однапред знаела каква биолошка чума се подготвува. Доколку тоа е вистина, тешко ќе биде да се негираат сомнежите што упорно ги истакнува американската политика, според кои, глобалната пандемија на коронавирусот била, на овој или на оној начин, иницирана токму од страна на Кина.
Втора причина за кинеската економска издржливост
Втората причина за кинеската економска издржливост во однос на глобалната пандемија на ковид-19 и нејзините економски последици, лежи во несомнениот факт дека Кина, со својата економија и финансиската моќ на своето население, се искачи на едно сосема ново, повисоко ниво на геополитичката и геоекономската игра. А токму тој факт навистина ги загрижува американската и сојузничката политика, впрочем, многу повеќе од можноста Кина случајно или намерно да го „пуштила во промет“ вирусот на ковид-19.
Имено, високото ниво на кинескиот економски развој се темели врз тоа што, во моментите на создавањето на кризата, нејзиниот пазар на глобално ниво беше премногу голем, за некој да се обиде да го напушти или занемари. Уште повеќе заради фактот што, во миговите на катастрофален застој на американските и европските простори, извозот и вложувањата во кинеските пазари, за жал на многумина, станаа едно од главните упоришта за економско опстојување и идно закрепнување. Германската политика, особено деловниот сектор и стопанските комори, не се составени од група залутани ликови со сомнителни дипломи, туку од долгорочно организиран и стабилен систем со врвни експерти. Сакала или не, без оглед на разидувањата со Кина во однос на политички и економски прашања, германската економија процени дека во постојните услови, таа мора да ја одржува врската со онаа на Пекинг. Поради обемот на својот извоз и продолжувањето на светската економска криза, како најмоќна европска економија – а наедно и сите членки на ЕУ, кои практично зависат од неа – Германија во овој момент едноставно не е во состојба да ја прекине релацијата со кинеската економија, ниту пак да се обиде да ја ограничи зависноста од соработката со неа. Напротив, единствениот директен излез го наоѓа во уште поголемото економско поврзување со Кина. Обидот на Берлин за диверзификација на своите патишта за набавка и префрлањето од кинески увоз на другите азиски пазари, пред сѐ оние во Виетнам, како уште една азиска економија во подем, едноставно се покажаа само како делумно ефикасни. Економската поврзаност со Кина е преголема за една ваква постапка да може да биде спроведена во релативно краток период од неколку години. Во овој момент, никој друг освен САД не може да обезбеди толку голем пазар за германските и европските производи, колкав што нуди Кина, пишува Марио Стефанов во својата анализа за „Геополитка њуз“.
Американските даноци за германските и за европските производи останаа во сила, а Кина?
Во однос на Вашингтон, европската политика сѐ уште се обидува да ги реши трговските спорови со САД, наследени од мандатот на Доналд Трамп. Тие во основа претставуваат типична трговска војна, која ако не по својата надворешност, тогаш суштински е речиси еднаква со онаа што САД ја водат со Кина. По победата на Џо Бајден на американските претседателски избори, следуваа изливи на братска љубов и меѓусебни ветувања за враќање на добрите економски и трговски релации во рамките на трансатлантската заедница. Но зборовите се една, а делата сосема друга работа. Американските даноци за германските и за европските производи останаа во сила, а прашањето за необјаснетиот одлив на вакцини за ковид-19, нарачани и однапред платени од страна на ЕУ, сѐ уште претставува темна сенка што се надвиснува над меѓусебните економски односи. Згора на тоа, економиите на секундарните земји-членки на ЕУ никако не успеваат да излезат од кризата и се наоѓаат во континуиран пад. Мерките за закрепнување, донесени од страна на Унијата, сѐ уште не функционираат поради тромоста на државните администрации, но и поради условот за инвестиции во зелената економија, паралелно со напорите за излез од кризата. Лесно може да се случи (во блиска иднина) паралелното спасување од кризата и обидот за транзиција кон зелената економија да се покажат како комплетно неразумен чин. Како и да било, Кина е меѓу ретките држави во кои германскиот извоз во 2020 година остана на исто ниво како и претходната, а во текот на 2021 дури и расте. Истовремено, и покрај кризата, минатата година кинескиот извоз во Германија забележа пораст.
За Германија, Кина стана втор по големина пазар, веднаш по САД, а пред Франција. Според германскиот Сојузен завод за статистика, вкупниот германски извоз во јануари 2021 година забележал пораст од 1,4 отсто во однос на декември минатата година, додека увозот паднал за 4,7 отсто. Вкупниот германски извоз во јануари 2021 година изнесувал 98,1 милијарди евра. Но спореден со јануари 2020, пред почетокот на корона-кризата, германскиот извоз е за 8 отсто помал. И покрај падот на вкупниот германски скор, извозот на Германија во Кина во јануари 2021 година пораснал за 3,1 отсто во однос на јануари 2020 година. Во истиов овој период, германскиот извоз на американските пазари опаднал за 6,2 отсто, додека, споредено со јануари 2020 г., извозот во другите земји-членки на ЕУ во јануари опаднал за 6 отсто. Оттука, кинескиот пазар се покажа како клучен стожер на германската извозна економија во време на криза, или, како што со едноставни зборови објасни еден од водечките луѓе на консултантската мрежа „Ернст и Јанг Глобал лимитид“: „рапидното кинеско закрепнување е среќна околност, особено за германските компании“.
Автомобилската индустрија на релацијата Германија – Кина предничи во соработката
Следствено на овој тренд, како и на „среќната околност“ со брзото кинеско закрепнување од кризата, трговската соработка на германските производители со Кина и понатаму расте. Ова се однесува особено на компаниите од германската автомобилска индустрија, кои не само што ги задржаа производствените капацитети во Кина туку ги преселија во Кина и своите истражувачки и развојни активности. Така, во декември минатата година „Фолксваген“ отвори развоен центар за е-мобилност во кинескиот Хефеи, град од речиси осум милиони жители, познат како административен и финансиски центар на провинцијата Анхуи. Како компанија вклучена во ДАКС-индексот (составен од 30-те најголеми и најликвидни германски компании), „Фолксваген“ е една од петте германски компании за кои Кина стана најголем поединечен пазар, поголем дури и од домашниот. Имено, 41 отсто од вкупната продажба на „Фолксваген“ отпаѓа токму на Кина. На второ место по заработувачка е БМВ, кој во Кина остварува 32 отсто од својата вкупна продажба, а на трето место е „Дајмлер“, со 29 отсто. И покрај корона-кризата и огромниот пад во продажбата на автомобили на европските и на американските пазари, во текот на изминатата година „Дајмлер“ оствари профит од околу 4 милијарди евра, што во најголем дел се должи на речиси 12 отсто зголемената продажба во Кина. И надвор од сферата на автомобилската индустрија, во услови на економска криза, германските произведувачи својот опстанок им го должат повторно на кинеските пазари.
Така, германскиот електронски гигант „Инфинеон“, кој вработува 50.000 луѓе, во Кина остварува дури 39 отсто од вкупниот промет и само 11 отсто во сопствената држава. Кинескиот удел во трговскиот промет на „Силтроник“ изнесува 27 отсто, а во „Ајкстрон“ дури 59 отсто. Во време на здравствена и економска криза и остатокот од германската индустрија се обидува да преживее соработувајќи со Кина – така, „Адидас“ 22 отсто од продажбата остварува во Кина, „Пума“ 16 отсто, „Бајер Ковестро“ 19 отсто, „Кнор Бремсе“ 17 отсто, а индустрискиот џин „Сименс“ реализира дури 14 отсто од својот огромен промет токму во Кина. Повеќето од германските компании, и покрај очигледно неуспешниот план за намалување на германската и европската економска зависност од Пекинг, решија да не ја напуштаат Кина – особено оние што на територијата на Кина произведуваат стока за кинеските пазари. Таквите компании, според известувањето на Европската трговска комора во Кина, чие седиште, индикативно, е сместено во комплексот на германската „Луфтханза“ во Пекинг и која поседува канцеларии во клучните кинески економски центри – Нанјинг, Шангај, Шенјанг, Тијанјин – како и посебни оддели за јужна и југозападна Кина, уште повеќе го зајакнуваат своето присуство на кинескиот пазар. Со своите 1,4 милијарди потенцијални купувачи, овој пазар далеку ја надминува бројката на вкупно население во ЕУ (450 милиони) и во САД (330 милиони). Факт е дека поголемиот дел од заработката на европските компании се должи на деловната соработка со Кина. Според податоците на Европската трговска комора во Кина, дури 39 отсто од европските компании што работат во Кина и членуваат во комората, постигнале и до 20 отсто продажен раст.
Што всушност значи сеопфатниот договор за инвестиции (ЦАИ) склучен помеѓу ЕУ и Кина
Континуираното зајакнување на германската и на европската економска соработка со Кина, кое се покажа како еден од клучните инструменти за излез од економската криза и одржување на гигантските германски извозни зделки од кои зависи опстанокот не само на германската економија туку значи и достоинствено преживување на сите членки на ЕУ, во практика се гарантира со начелниот сеопфатен договор за инвестиции (ЦАИ), склучен помеѓу ЕУ и Кина на 30 декември 2020 година. Со овој договор, Кина се обврза да им даде на инвеститорите од ЕУ поголем пристап до својот пазар од порано. Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, постигнатиот договор „им овозможи на европските инвеститори досега незабележан пристап до кинескиот пазар, а следствено на тоа, раст на нашите компании и отворање нови работни места“. Германската и европската економска соработка со Кина носи уште една предност – намален притисок од страна на американската политика врз германската и европската економија. Непобитен факт е дека САД под новата администрација (подискретно и поодмерено од порано) и понатаму се обидуваат да го елиминираат или барем да го намалат постојниот трговски суфицит во корист на Германија.
Реално е да очекуваме дека оваа американска политика ќе продолжи и дека Германија, а со тоа и Европската Унија, ќе бидат принудени во извесна мера да го урамнотежат својот трговски биланс во однос на САД. Дотолку повеќе што САД се најголемиот германски и европски воен и политички сојузник, па оттука, отстапките во областа на економијата и усогласувањето на интересите се нешто што се подразбира. Но од друга страна, таквите активности имаат своја конкретна финансиска цена. Токму поради сево ова, можноста за раст на економската соработка со Кина – визави сите политички и економски пречки и стапици што таа ги носи со себе – и во наредните години ќе остане важен економски безбедносен вентил, но и инструмент за одржување на германската и европската економска моќ, заклучува Стефанов во анализата за „Геополитика њуз“.