Ние како општество како ништо да не научивме. Само погледнете ја бугарската држава! Одлуката за вето врз Македонија не беше донесена од Бојко Борисов и неговата влада, туку со заеднички став и одлука на сите чинители во бугарското општество. Кај нас, пак, секоја влада, без разлика дали доаѓа од левицата или десницата, како по непишано правило ги носи одлуките и решенијата од национален и државен карактер без активно и реално учество на сите општествено релевантни чинители и на пошироката јавност. Ова е токму моментот на перипетија кога е потребно обединување на општествено-политичките сили. Не смееме да заборавиме дека во секоја сериозна држава стратегиските одлуки се носат со заедничко учеството и консултација. Само на ваков начин се избегнуваат поделбите и се наоѓаат трајни решенија во полза на нацијата.
Повеќе од еден век, „аграрот и класната диференцијација како суштина на цивилизацијата“ беа догма на историчарите, археолозите, филозофите, антрополозите и социолозите. Но ништо не е вечно, а тоа го покажаа откритијата во Чаталхујук и Гобекли Тепе, кои ја возбудија научната фела и соборија многу тези. Научниците беа обземени од чудење кога увидоа дека „цивилизацијата лежи врз принципите на егалитарноста, консензуалноста и заедничкиот труд“.
Чаталхујук на голема врата во светската наука влезе како еден од најстарите градови во светот. Овој протоград е изграден пред околу 7.000 години пред нашата ера, а научниците веруваат дека луѓето во Чаталхујук живееле во егалитарно општество во кое сите имале релативно еднаков статус. Истражувањата покажаа дека во Чаталхујук не постои објект со хиерархиска одлика (крал или главен религиски лидер), со други зборови општеството во Чаталхујук нема јасна хиерархиска поставеност.
Истражувачите не можеа да разберат како овие неолитски луѓе ги донесувале одлуките за проблемите со кои се соочувале, притоа не треба да се заборави дека Чаталхујук имал околу 8.000 жители. Светската научна јавност одново беше зачудена кога кај Гобекли Тепе беше откриен најстариот религиски комплекс во светот. Археолошките откритија покажуваат дека првите градби на овој локалитет започнале 9.600 години пред нашата ера, односно 7.000 години пред Кеопсовата пирамида во стариот Египет. Замислете, околу локалитетот не се пронајдени населби и сите наоди посочуваат дека ова комплексно дело е творба на неолитски ловци собирачи.
Соочени со оваа реалност, научниците одново започнаа да ја пишуваат човековата историја! Затоа германскиот археолог Клаус Шмит тврдеше дека организираната религија настанува пред појавата на земјоделството и другите форми на цивилизација. Не треба да заборавиме дека за ловците собирачи се карактеристични егалитарноста и флексибилноста на трудот, како и консензуалноста во носењето на одлуките. Со други зборови, цивилизацијата се појавува кога една заедница се обединува околу одредена идеологија (локус на општествена интеракција), како што се религиските верувања на луѓето до Гобекли Тепе. Притоа треба да се има предвид дека сите одлуки за проблемите што ги засегале заедниците во Чаталхујук и во Гобекли Тепе биле носени врз егалитарен и консензуален принцип. По сѐ изгледа во суштината на човековата природа е да соработува и да ја споделува одговорноста преку заедничко носење на одлуките и затоа не треба да нѐ зачудува што врз принципот на егалитарноста се раѓа човековата цивилизација.
Но што е егалитарноста? Наједноставната дефиниција гласи дека една одлука се носи со консензус и на сите членови им се овозможува што поголемо учество во процесот на донесување на самата одлука. Исто така, не смее да се заборави дека сите членови имаат можност да ги претстават своите видувања и предлози, но и да учествуваат во измените на предлозите. На овој начин најголемиот дел од заедницата учествува во донесувањето на одлуката, ја споделува одговорноста и создава трајна обединувачка врска меѓу членовите на самата заедницата. Кога една заедница, нација или држава се соочуваат со одредена егзистенцијална закана, сите општествено-политички чинители учествуваат во анализата на заканата и консензуално осмислуваат решение или одговор.
Но ние како општество, како ништо да не научивме. Само погледнете ја бугарската држава! Одлуката за вето врз Македонија не беше донесена од Бојко Борисов и неговата влада, туку со заедничко одлучување на сите чинители во бугарското општество. Затоа Бугарија успеа да го проблематизира влегувањето на Македонија во Европската Унија. Од друга страна, во Македонија стана традиција секоја влада, без разлика дали доаѓа од левицата или десницата, да ги носи одлуките и решенијата од национален и државен карактер без учество токму на релевантните општествени чинители: од институциите на државата, преку политичките субјекти на позицијата и опозицијата, највисоките академски интелектуални и творечки ентитети, истражувачки институти, бизнис-секторот, па и целокупната домашна јавност и дијаспората и поединци. Кога се носат одредени одлуки или решенија тоа треба да биде врз егалитарна основа, затоа што во спротивно предизвикуваат дополнителни општествени проблеми.
Од денешен аспект, кога Македонија се соочува со пандемијата на ковид-19, бугарското вето, економската стагнација итн., потребно е обединување на општествено-политичките сили! Не смееме да заборавиме дека во секоја сериозна држава стратегиските одлуки се носат со учеството и консултација на опозицијата, само погледнете го однесувањето на Грција или на Бугарија кога се соочуваат се некоја национална закана. Само на ваков начин се избегнуваат поделбите и се наоѓаат трајни решенија во полза на нацијата.