Од Стопанската комора на Македонија велат дека пред да се пристапи кон какви било промени во даноците и воведување нови даноци, неопходно е да се обезбеди секој да ја исполнува својата обврска и да го плаќа својот дел од данокот
Потребна е даночна реформа што ќе обезбеди раст на приходите, но притоа нема да има штетни ефекти по социјалната кохезија, односно истовремено со раст на приходите да се обезбеди и намалување на нееднаквоста. Искуството со враќањето на прогресивниот данок во 2019 година, кој сега е ставен во мирување, покажа дека вработеноста се зголеми, платите продолжија да растат, дури и во најплатените сектори, како информатичката технологија, буџетските приходи пораснаа повеќе од очекуваното, а и економската активност се забрза. Според економистите, тоа не значи дека не треба да се внимава и дека прогресивниот данок не може да направи штета во економијата, ако промената е преголема, но сепак, доколку е умерена, како што беше кај нас во 2019 година и во другите земји од Источна Европа од изминатите години, нема причини за стравување. Но прашањето е дали сериозно да се размисли за промена на одредени даноци и за воведување некои нови, дали треба да се прифатат европските и светските практики во врска со некои нови даноци, како прогресивен данок на добивка за фирмите, дигитално оданочување, данок на рециклирана пластика, данок на богатство итн.
Според Здравко Савески, економски аналитичар, во Македонија 30 години се води даночна политика што овозможува концентрација на богатството во мал број раце и ја лишува државата од можноста преку финансиските средства што им ги остави на богатите, да им помогне на најранливите категории граѓани.
– Тоа и некако можеше да функционира во периоди на стагнација, но во услови на криза, како сега, тоа веќе ги покажува своите негативни страни. За да ги ублажи последиците од кризата, државата енормно се задолжи со долгови чии основици и камати ние, граѓаните, со години ќе ги враќаме, а можеби и со децении. Притоа, сите достапни информации кажуваат дека токму за овој период дополнително порасна богатството на најбогатите – вели Савески.
Тој нагласува дека привилегираната даночна политика за богатите мора да престане, таа, спротивно од неолибералната пропаганда, не доведе до подобрување, до благосостојба.
– Треба да се воведе прогресивен данок на доход, прогресивен данок на добивка, да се укине привилегијата најбогатите да плаќаат само дел од придонесите од плата, треба конечно да се оданочува богатството, да се воведе нова даночна стапка на ДДВ за луксузните стоки – објаснува Савески.
Како што истакнува тој, еколошките даноци се проблем сами за себе, бидејќи значителна сума се прибира по основа на еколошки даноци, но таа во многу мал дел се троши за еколошки намени.
– Сметам дека има простор за зголемување на некои еколошки даноци, на пример, за литар бензин се плаќаат 0,08 денари, а за литар дизел уште помалку 0,03 денари. Овие еколошки даноци се толку смешно мали што дури и нивното трикратно зголемување повторно дава екстремно ниско ниво на оданочување – нагласува Савески.
Тој додава дека придобивките од новата, кризна, даночна политика би биле тоа што товарот на кризата нема да биде исклучиво врз работниците и сиромашните, туку и врз најпривилегираните припадници на општеството. Исто така, ќе ја ослободи и државата и сите нас барем делумно од потребата од дополнително заглавување во долгови.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека пред да се пристапи кон какви било промени во даноците и воведување нови даноци, неопходно е да се обезбеди секој да ја исполнува својата обврска и да го плаќа својот дел од данокот, според постојната регулатива.
– Неопходни се ефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување данок и зајакнат институционален капацитет. Справување со сивата економија, која создава нелојална конкуренција на „здравите компании“, кои редовно, во согласност со закон ги исполнуваат своите обврски кон државата мора да е врвен приоритет на државата, пред какви било реформи на системот – објаснуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека сегашниот даночен систем во областа на директните даноци се карактеризира со пропорционално и еднакво оданочување на личниот доход и добивката, и двата данока се оданочуваат според стапка од 10 отсто.
– Обидот да се воведе прогресивно оданочување на личниот доход резултира со избегнување на даночните обврски преку отворање сметки во соседните земји и префрлање на доходот во друга држава или префрлање на доходот на други блиски лица, кои сѐ уште не го достигнале прагот за прогресивно оданочување. Ваквото однесување на даночните обврзници покажува дека во услови на неподготвеност на системот за реформи, ефектите од даночните реформи нема да го дадат посакуваниот резултат – истакнуваат надлежните од комората.
Тие споменуваат дека позитивни практики од одредени држави може да се прифатат, но секако по детална и соодветна анализа, со намера предвидените решенија да кореспондираат со локалните прилики.
– Имено, можно е да се подобри законската рамка во врска со зеленото оданочување со намера преку оданочувањето да се влијае позитивно на еколошкиот амбиент во државата и намалување на загадувањето на животната средина. Тоа не мора да значи воведување нови даноци, туку може вакви цели да се постигнат и преку одредени даночни повластици и стимулации – сметаат од СКМ.