Фото: Архива

Печалбарството, иселувањето и миграциите низ времето се одвивале со различен интензитет и различни форми, но во денешна Македонија статистиките покажуваат дека последиците од оваа појава сериозно водат кон депопулација на населението и загрозување на државата. Неодамна и претседателот Стево Пендаровски јавно предупреди дека иселувањето е една од најголемите закани за националната безбедност, бидејќи се иселува нашата младост, неповратно заминуваат паметта, енергијата и креативноста на цели генерации

ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОПУЛАЦИЈАТА

На 11 јули (недела) се одбележува Светскиот ден на популацијата, во услови кога и нашата земја и редица други држави се соочуваат со феноменот на континуирано растечка миграција и одлив на населението од разни причини.
Како Македонија да го запре иселувањето на населението, кое од година на година зема сѐ поголем замав и постои ли начин да започне процес на враќање на иселените граѓани назад во државата? Овие дилеми се наметнуваат спроти 11 Јули, Светскиот ден на популацијата.
Иселувањето од државата од економски причини, заради подобар живот и подобра заработувачка, не е нов феномен во Македонија и во светот. Печалбарството, иселувањето или миграциите, како што некои истражувачи го нарекуваат овој феномен, низ времето се одвивале со различен интензитет и различни форми, но во денешна Македонија статистиките наведуваат дека последиците од оваа појава сериозно водат кон депопулација на населението.
Според податоците на Обединетите нации, над 500 илјади граѓани се иселиле од Македонија во изминатите години. Светската банка информира и дека невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08 проценти, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40 отсто од младите немаат работа и не се вклучени ниту во процесот на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледа надвор од државата.

Од друга страна, додека Светската банка, Евростат и Обединетите нации преку најразлични анализи, истражувања и студии изминативе години го третираат проблемот на иселувањето, кај нас сѐ уште нема релевантни податоци колкумина заминале од земјата и на кој континент најчесто се одлучиле да го започнат новиот живот. Надежите се дека со пописот наесен, на кој се чека веќе две декади, ќе се добие појасна слика и за дијаспората, а тоа ќе овозможи потоа земјата да изгради организирана стратегија за спречување на оваа појава.
Вицепремиерот Љупчо Николовски деновиве, објавувајќи податоци од анкета на јавното мислење на социјалните мрежи, наведе дека Владата го намалила иселувањето во Македонија.
– Целта е државата да стане подобро место за живеење, а намалувањето на иселувањето е навистина важно во процесот. Продолжуваме да работиме за што помалку спакувани куфери, изгубени другари, напуштени домови и исклучени светилки – напиша Николовски на Фејсбук.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во јавноста во повеќе наврати потенцира дека иселувањето е една од најголемите закани за националната безбедност.
– Се иселува нашата младост, независно од етничката или партиската припадност. Неповратно заминуваат паметта, енергијата и креативноста на цели генерации што имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење – алармира претседателот.
Тој побара сите партии да се обединат за да се најде решение за овој проблем.
Во меѓувреме, универзитетски професори и политиколози велат дека наоѓањето успешна формула за спречување на иселувањето од Македонија е тежок процес, кој подразбира и добро осмислена и применлива државна стратегија. Според нив, населението и младината во која било земја, вклучувајќи ја и Македонија, може да се мотивираат и да се задржат во земјата само со креирање и создавање адекватни услови за работа, усовршување и заработувачка како оние во Европа и во САД.
За амортизирање на состојбите, според Бетим Амети, асистент на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, се потребни сериозни реформски зафати, кои итно треба да се имплементираат:

– Искрата во мракот во Македонија во последно време е сѐ помалку видлива, но не смееме да го губиме оптимизмот. Клучниот проблем е што хронично сме соочени со недостиг од квалитетен кадар што треба да биде носител на тие големи промени. Потребни се итни мерки за превенција, а подоцна и промени. Најпрвин во образовниот систем, и тоа по сите нивоа, за да се произведува квалитетен кадар. За ова нормално дека треба и време. Дополнително, и државата треба да чепка што е можно помалку во приватниот сектор. Да има помалку регулативи, а повеќе поддршка на домашниот капитал за да се генерираат нови и стабилни работни места. А не како досега, фрустрации и стрес, кој на младите им го создава јавниот сектор, кој беше алатка на власта и ги понижуваше и искористуваше младите – поентира Амети.
Универзитетскиот професорот Марјан Бојаџиев вели дека зголемување на бруто-домашниот производ и намалување на иселувањето се успешно решение за намалување на иселувањето. Според него, доколку дополнително се разместат 145 илјади административци низ десетте големи града во Македонија ќе се спречи одливот на луѓе.

– Со тоа би се намалило иселувањето. Замислете го Кочани со 15.000 административци. Ќе биде регионален центар за Берово, Пехчево, Делчево и Виница и луѓето нема да имаат потреба да се иселуваат ако постојат магистрални патишта. Тие ќе можат да живеат во своето место, а да работат во Кочани. Тоа ќе го спречи иселувањето, кое е фрапантно – вели професорот Бојаџиев.
Политикологот Милан Стефаноски смета дека решението за состојбите е доста сложен и тежок процес, особено во актуелните услови на глобализација.
– Властите прават некои мерки, но тие може да дадат ефекти ама мали. Проблемот е генерално нерешлив, јас не сум песимист, но соочувањето со реалноста е нешто друго и ние мора да се соочиме. Мора да се направи нешто, сепак постојат т.н. нематеријални пориви и вредности што ќе бидат поттикнувани во таа материјална сфера. Да се создадат услови да не изумре надежта. Тоа е патот и друго не постои. Мора тоа да се разбуди и кога ќе заживее материјалниот момент, дел од вредните и способните ќе останат. Мора да има осмислена политика – коментира Стефаноски.

[email protected]