Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во последниве 14 месеци цената на бензините се зголемила за 21,5 денар, додека цената на дизелот за 17 денари. Како овие нагорни трендови на раст на цената на горивата влијаат врз другите производи и услуги, со оглед на тесната поврзаност токму на цената на горивата и транспортот со висината на цените на сѐ друго, особено врз цените на храната

КОНТИНУИРАНИОТ РАСТ НА ЦЕНАТА
НА ГОРИВАТА КАКО ПОВОД

Регулаторната комисија за енергетика на почетокот на неделава донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,04 отсто во однос на одлуката од 12 јули годинава.
Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 1,717 отсто, дизелот за 0,886 отсто, екстра-лесното масло за 1,285 отсто, а кај мазутот зголемувањето е за 1,197 отсто. За обележување се и информациите дека во последниве 14 месеци цената на бензините се зголемила за 21,5 денар, додека цената на дизелот за 17 денари.
Како оваа нагорна спирала на раст на цената на горивата влијае врз другите производи и услуги, со оглед на тесната поврзаност токму на цената на горивата и транспортот со висината на цените на сѐ друго? Изминатиот период, во екот на пандемијата на ковид-19, беше забележан бран на поскапувања на редица производи, особено кај цените на храната. Најеклатантен пример е маслото за јадење, кое во август 2020 година се продаваше по цена од 46 денари, а сега достигна цена од речиси 100 денари за литар. Економски експерти велат дека порастот на цените на нафтените деривати дефинитивно влијае на цените на храната, а можно е цената на бензините да има влијание на покачување на цената на јавниот градски превоз, меѓуградскиот и меѓународниот превоз.
– Оваа споредба од пред 14 месеци малку дава лош впечаток, бидејки споредбата е со најниското ниво на цени што го достигнале, и тоа можеби десет години наназад. Може да се споредат цените од пред дванаесет месеци и ќе видите дека се малку помали бројки. Дефинитивно има зголемување на цените на нафтените деривати, но тоа е бидејќи се следат цените на светските берзи.

Викендов ОПЕК плус се договори за намалување на производството, тоа значи дека цените на нафтата ќе се стабилизираат во следниот период. Исто така мора да се има предвид иако овие цени се малку повисоки од типичните, тие се доста пониски од перидот од 2010 до 2013 година, кои стигнуваа и до 80 денари за бензинот и 71 денар за дизелот. Треба да се види споредба со стапката на инфлација во тој период. Во периодот од 2011-та највисока беше стапката на инфлација 3,9 проценти. Да, ние имавме повисока, но, сепак, умерена инфлација од максимум 4 отсто. Но она што треба да се има предвид е дека и граѓаните и претпријатијата мора да преминат на порационално користење на бензините, бидејќи во поглед на климатскава криза не може до недоглед нафтените деривати да бидат поевтинети поради невклучување на еколошката цена во нив. И втора работа е она што исто така ќе има инфлаторен ефект врз Македонија и цените на храната, кои, пак, според индексите на ФАО, Програмата за храна на Обединетите нации, растат 13 отсто со ред, а што исто така е поврзано со климатската криза. Така што за очекување е пораст на инфлацијата, но тоа ќе биде и поради порастот на цените на нафтените деривати – вели универзитетскиот професор д-р Здравко Савески.
Дека постои голема опасност од почнување на инфлаторната спирала предупредува и Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Поскапувањето на бензините и поскапувањето на струјата ќе имаат директен импакт на инфлацијата и, како и секое зголемување на цените, директно ќе се одрази врз џебот на секој жител и на секој бизнис, а верижно ќе влијае и на угостителството. Цените на бензините директно ќе влијаат на зголемувањето на цените на храната, како и на зголемување на цените на сите други сегменти. Поскапувањето најмногу ќе ги засегне оние со ниски примања и пензионерите – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Цената на горивата има директно влијание на трошоците на превозните претпријатија, а одговорните оттаму велат дека цените на превозот се во директна врска со понудата и побарувачката.
– Цената на горивото директно влијае на зголемување на трошоците на превозните трговски друштва, затоа што нафтата е погонско гориво што во цената на превозот учествува од 40 до 60 отсто, во зависност од дестинацијата што се поминува и видот на стоката земена за превоз. Цените на превозот се во директна врска со понудата и побарувачката (пазарна економија), каде што во услови на забавен раст на економијата на светско ниво и намалена понуда на стоки за превоз, не постојат можности за зголемување на цената за превозот, што значи дека имаме само зголемување на трошоците на работењето. Конкуренцијата на европскиот транспортен пазар е немилосрдна, а македонските превозници имаат ограничен пристап до овој пазар и поради немањето доволен број меѓународни транспортни дозволи. Можноста за флексибилност и пристапност на транспортниот пазар е многу лимитирана. За разлика од превозниците, корисниците на превоз во цените на своите производи вградуваат претпоставени зголемувања на цената на превоз во согласност со движењето на цената на нафтата, но со тоа само остваруваат екстра-профит, затоа што цената на превозот не се менува, напротив, во овој период на пандемија истата таа е намалена од 10 до 20 отсто, во зависност од видот на стоката и релацијата што се поминува споредено со периодот до 20 март 2020 година – нагласува Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“.

Од фирмата „Макекспрес“, која е вклучена во јавниот градски превоз во Скопје, велат дека со оваа цена на бензините, која речиси секојдневно се менува, треба да добиваат и повисока цена од извозен километар.
Во јуни бевме исплатени по 66,30 денари за извозен километар и со оваа цена и ковид-состојбата, но и со летниот возен ред, односно саботен возен ред по кој сообраќаат нашите возила, еден автобус ќе измине 1.100 километри дневно. Ништо не можеме да постигнеме со оваа цена и не можеме да ги покриеме сите трошоци. Неколкупати баравме повисока цена од извозен километар, но од Град Скопје ни рекоа дека при склучувањето на договорите во времето кога Коце Трајановски беше градоначалник бил прифатен тој скалест систем и по него нѐ плаќале. Според нашите пресметки и цените на бензините за извозен километар, би требало да ни плаќаат за 30-35 отсто повисока цена од сегашнава – вели Милорад Димитриевски, еден од сопствениците и управител на „Макекспрес“.