Внуката на Корчагин до премиерот Заев
Драги браќа и сестри Македонци! Живеев живот вон очите на јавноста и сакав така и да остане. Мислев дека моето семејство дало доволно крв за Македонија. Но, јас, како што верувам и секој од нас, секој чесен Македонец, не би можел да премолчи кога нечии политички игри му чепкаат во семејството, кажа Калина Јовчевска, внуката на народниот херој Раде Јовчевски – Корчагин, во нејзиното обраќање на денешниот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред Владата. Како што соопштија организаторите на протестот, тие излегуваат на улица затоа што премиерот Зоран Заев повторно излажал дека не преговарал за идентитетот.
Таа додаде дека премиерот Зоран Заев го навредил нејзиното семејство.
– Зоран Заев го навреди моето семејство. Зоран Заев ги навреди моите дедо и татко. Зоран Заев ме навреди мене. Го навреди и моето дете. Што јас да му раскажам? Како да ја пренесам личната, семејната историја? Како да го избришам семејното херојство, но и
преживеаниот терор на мојот народ? Зар треба да го кријам мојот дедо од сопственото дете? Потекнувам од семејство кое било директно вклучено во организирањето и борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор, како и за нејзино осамостојување. Раде Јовчевски- Корчагин е мој дедо, еден од основачите на двата скопски партизански одреди, кои биле формирани со цел да ја ослободат Македонија од окупаторот. Зарем Македонците тогаш не можеле да разликуваат администрација од окупација, па формирале партизански одреди за да се борат против оние кои пријателски убивале и вршеле злодела низ Македонија?! – кажа Јовчевска.
Поради неговите дела и борба за ослободувањето на Македонија од Бугарскиот
фашистички окупатор, Раде Јовчевски – Корчагин два пати бил осудуван со смртна пресуда во негово отсуство. А бил ладнокрвно убиен од Анто Георгиев – Антов, бугарски агент, по наредба на бугарската полиција, укажа Јовчевска пред владата.