Во насока на поефикасно справување со пандемијата на ковид-19, некои држави во светот, меѓу кои Грција и Израел, најавуваат можност за отпуштање од работа на работниците што не сакаат да се вакцинираат. Какви се размислувањата за оваа тема во Македонија и кои би биле последиците од евентуална ваква мерка?
ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19 И РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА
Има ли ризик работниците што не сакаат да се вакцинираат против ковид-19 да останат без своите работни места? Овие дилеми се актуелни во јавноста откако грчкиот министер за развој и инвестиции Адонис Георгијадис неодамна најави дека тамошната влада размислува да дозволи законско решение со кое работник може да биде отпуштен од работното место ако не се вакцинира.
– Ако некој вработен, со неговиот избор одлучи да не се вакцинира, тој ја става компанијата во опасност, а тогаш тоа е важна причина за работникот да биде отпуштен – изјави Георгијадис.
Министерот, сепак, појасни дека пред да стигне до отпуштање, компанијата ќе треба да ги исцрпи сите законски можности што стојат на располагање, како што е на пример да овозможи работа од дома.
Слични најави како од Грција пристигнуваат и од Израел. Тамошните власти планираат да извршат законски измени што ќе овозможат некои компании да забранат невакцинирани работници да влегуваат во канцелариите и во деловните простории на компанијата за која работат.
– Секој што не е вакциниран ќе биде изоставен од работното место – предупреди неодамна министерот за здравство Јули Еделштајн.
Сите овие случувања се интересни и од македонска перспектива, во период кога нашата држава се обидува да го стимулира и да го зголеми опсегот на вакцинирање на граѓаните, но и по најавите дека е возможно и кај нас да постојат одредени санкции за оние што нема да се вакцинираат.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека вакцинацијата против ковид-19, за жал, не е задолжителна, но дека мора да се размислува за некои рестриктивни мерки во иднина.
– Свесни сме дека можеби и покрај сè што правиме, интересот за вакцинација нема да се зголеми. Размислуваме за некаква форма на рестрикција, ние не можеме и нигде во светот вакцинацијата не е задолжителна. Затоа мораме да размислуваме за некои други алтернативни решенија – изјави Филипче.
Од друга страна, аналитичарите и експертите со кои се консултиравме велат дека вакцината е најдобро средство за превенција од пандемијата, сепак личната одлука за некој да не се имунизира може да го загрози здравјето на вработените во една компанија.
Миркобиологот Никола Пановски вели дека задолжителната вакцина во Македонија може да се наложи само за одредена категорија работници во земјата, пред сѐ здравствените работници и севкупниот медицински персонал.
Според професорот, најавите во светот, кои се сѐ позачестени на оваа тема, се многу проблематични.
– Најдобрата превенција за секоја болест е вакцината доколку постои, но истовремено тука има и тенка линија на настаните што вели дека не може да избркате некого од работа бидејќи тој одбил да се вакцинира затоа што на тој начин му ги рушите човековите права и слободи – објаснува Пановски.
Во нашата земја и во светот има веќе задолжителни вакцини редовни за децата и тие се практикуваат, но проблемот со пандемијата е таков што во моментов сѐ уште не може оваа болест да се вброи во преостанатите опасни заболувања поради кои задолжително се вакцинираме.
– Дополнително, ако навистина се наложи ваков услов како што заговараат грчкиот и израелскиот министер, тогаш на тој начин само ќе се поттикнат оние што се противат на вакцинирањето. На тој начин гласноговорниците на теориите на заговор можат да го подбуцнат населението и тоа да се дигне на протести, немири и револуции – вели Пановски.
Тој советува дека Македонија треба да е многу внимателна во решавањето на оваа здравствено-економска проблематика и не треба да се избрзува во одлуката пред остатокот на светот.
Бобан Кочовски, претседателот на движењето за социјална правда „Обединети работници“, вели дека работодавците во ниеден случај не смеат да отпуштаат работници поради тоа што тие не се вакцинирани.
Кочовски смета дека доколку би презеле такви дејствија, свесно или несвесно, тие би извршиле грубо кршење на Уставот и на законите на државата поради дискриминирачката природа на постапките.
Тој информира дека во Уставот во членот 32 став 2 се вели дека: „Секому, по еднакви услови, му е достапно работно место“, а од тука, според Кочовски, мошне јасно и прецизно се укажува на тоа дека сите граѓани, независно дали се вакцинирани или не, имаат право да работат на оние работни места што сметаат дека треба да ги работат.
Кочовски нотира дека во чл. 9 ст. 2 од Уставот на Македонија се предвидува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите на државата, а сето тоа е уште еден показател дека во нашата држава не постои можност граѓаните да се поделат во групи, при што едната група ќе биде привилегирана, а другата во подредена положба.
Во однос на законите, Кочовски потенцира дека Законот за работни односи прецизно го уредува работниот однос по оваа материја, односно предвидува забрана за дискриминација на работниците, во согласност со чл. 6 и чл. 7, при што доколку се воведе можноста работниците да ги губат работните места поради непримена вакцина, ќе се изврши сериозно законско прекршување.
Ова, според него, дополнително не би било прифатено од народот и би имало сериозни последици.
– Кога се работи за работниот однос, верувам дека во овој момент не постои законска одредба со која би се дозволила класична дискриминација на невакцинираните работници, па таквите откази лесно би се добивале во судска разврска во корист на работниците, доколку се случат – појаснува Кочовски.
Тој советува дека овие најави се сериозен процес, кој државните органи најпрвин мораат сериозно да го анализираат доколку сакаат да се впуштат во вакви дејствија, бидејќи последиците од несериозните наметнувања и условувања на работниците би биле страшни.