„Нова Македонија“, во консултација со стручните служби и со метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи, направи преглед за тоа какво време нѐ очекува до крајот на летото и почетокот на есента
Какво време нѐ очекува во септември? Со оглед на тоа дека учебната година ќе почне на 1 октомври поради корона-кризата и продолжениот распуст на учениците, месецот што е пред нас е можност за дополнително полнење на батериите и за одмор. Прогнозите ветуваат и убави и топли денови, иако летово беше препознатливо по мошне променливо време и врнежливи денови, со силни ветрови и поројни дождови, како и невремиња проследени со град.
„Нова Македонија“, во консултација со стручните служби и со метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи, направи преглед за тоа какво време нѐ очекува од септември.
Гледано на месечно ниво, по невообичаено врнежливото лето, во септември не се очекуваат значителни врнежи од дожд. Во првата декада од септември ќе има претежно стабилно време, со умерен северен ветер и со температури што ќе бидат во интервал од 23 до 32 Целзиусови степени. Од недела, 6 септември, до крајот на првата декада се очекува да има пораст на дневните температури за два-три степени, кои ќе бидат во интервал од 26 до 34 Целзиусови степени. Инаку, најтопол септември бил регистриран во 2015 и во 2019 година.
– Во почетокот на втората декада од септември ќе се задржи релативно топло време, со мал пад на дневната температура за два-три степени, но ќе има услови за честа појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи. Потоа до крајот на декадата ќе преовладува стабилно и топло време, со пораст на дневната температура, која ќе биде во интервал од 25 до 33 Целзиусови степени. Во третата декада ќе има претежно стабилно и релативно топло време, со температури што ќе бидат во просекот за овој период од годината – вели Рада Аврамовска, раководителка од Одделението за прогноза во УХРМ.
Есенва 2020 се очекува дека ќе биде со просечна температура на воздухот и помали количества врнежи од многугодишниот просек од 1981 до 2010 година.
Тримесечниот временски изглед за температурите на воздухот во Македонија за периодот септември – ноември се очекува да биде во рамките на просекот, со веројатност на отстапување од околу плус-минус еден Целзиусов степен. Се предвидуваат сушна есен и потпросечно количество врнежи. Поголема процентуална веројатност за негативното отстапување се очекува во западниот регион на земјава.
– Со оглед на тоа дека пробабилистичките модели за предвидување екстремни температури и врнежи покажуваат дека постои многу мала веројатност за надминување на екстремите, се очекува да се достигнат досегашните просечни вредности. Средномесечната температура за септември, октомври и ноември 1981-2010 година се движи во граници од околу осум Целзиусови степени во планинските предели до 16,9 Целзиусови степени, измерена во Гевгелија, а просечните есенски суми на врнежи се од 127 милиметри, измерени на метеоролошката станица во Штип, до 326,6 милиметри во Лазарополе – вели Александра Стефков, советничка во УХРМ.
Според метеоролозите во септември повеќето прогностички модели покажуваат голема веројатност месечната температура на воздухот да биде над просечните вредности со отстапување до еден Целзиусов степен.