Фото: Маја Јаневска-Илиева

Домашните компании беа на некој начин принудени со ширењето на заразата да започнат со работа од далечина, барем оние чии работни позиции го дозволуваат тоа. Колку ваквата работа ја подобри и ја зголеми продуктивноста на работниците, но и дали истата таа и понатаму се применува, разговаравме со неколку компании и претставници на бизнис-заедницата

ОПСЕЖНО ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА ЕФЕКТИТЕ И ЕФИКАСНОСТА НА РАБОТАТА ОД ДАЛЕЧИНА

Проблемите со пандемијата предизвикана од коронавирусот ги натераа работодавачите во светот да воведат работа од дома или од далечина за многу работни места и работни операции, кои пред пандемијата се реализирале од работните канцеларии. Иако голем дел од компаниите ниту размислувале за воведување работа од далечина, сепак, пандемијата го поттикна овој процес, кој според светските истражувања, дури резултира со поголема продуктивност. Домашните компании исто така беа на некој начин принудени да започнат со работа од далечина, барем оние чии работни позиции го дозволуваат тоа. Колку ваквата работа ја подобри и ја зголеми продуктивноста на работниците, но и дали истата таа и понатаму се применува, разговаравме со неколку компании и претставници на бизнис-заедницата. Забележително е што сите сметаат дека работните задачи се остварувале во согласност со плановите и потребите на работните позиции, а дополнително истото тоа резултирало и со идеја и во иднина да имаат можност работниците да ги извршуваат задачите од дома или онлајн.
Од „А1 Македонија“ посочуваат оти при првите регистрирани случаи на коронавирусот во Европа бил вклучен алармот во компанијата и првичната реакцијата била многу едноставна, а тоа е насочување кон обезбедување најдобри услови и превентива за заштита на вработените од можност за евентуална зараза, со што почнало приспособувањето кон новото нормално.
– Обезбедивме услови за непречено извршување на работата во вонредни услови, па и покрај тоа што дури 80 проценти од колегите работеа од дома, ниту еден процес не беше загрозен и не дозволивме корисниците да ја почувствуваат оваа промена. Истовремено, колегите во продажните салони претпазливо и со многу внимание кон себе и корисниците, останаа во првата линија работејќи посветено во интерес на нашите корисници, како и колегите од техника, кои беа целосно предадени на обезбедување на сите потребни услови за беспрекорно функционирање на мрежата – вели Стефан Јовановски, директор на Одделот за човечки ресурси во „А1 Македонија“.

Стекнување нови вештини за работа онлајн

Јовановски објасни дека никој немал очекувања дека животот и работата би се променилe на овој начин, но тоа било поттик Одделот за човечки ресурси во соработка со другите оддели да направи процена на потребните алатки и сценарија за работа од дома, преку обезбедување пристап до мрежата, совети и инструкции за работа од дома и техничка опрема за новиот „home office“.
– Свесноста дека ќе дојде момент кога целосно ќе работиме од дома ни даде можност да се подготвиме за промената и на тој начин се обидовме да ги подготвиме и нашите колеги. Вработените, водејќи се од грижата за своето здравје и здравјето на најблиските, позитивно ги прифатија овие промени, кои беа неизбежни. Уште од 2019 година промовиравме програма на флексибилно работно време и флексибилност на локацијата од која ќе се работи. Дополнително, предноста да се работи во „А1 Македонија“ е тоа што имаме агилен пристап на работа, кој ни овозможи лесно да се приспособиме со веќе постојното искуство на работа од дома и алатките на онлајн комуникација. Исто така, следејќи го развојот на состојбата со вирусот, уште во средината на февруари минатата година почнавме со организација на процесот за префрлање дома. Свесни дека само покривањето на техничкиот аспект во работењето од дома не е доволно во време на криза, се погриживме да воспоставиме и системи на поддршка што служеа за помош на вработените при оваа транзиција – објаснува Јовановски.
Тој посочува дека флексибилното работно место е секојдневие за вработените во „А1 Македонија“, па сега и вработените во компанијата имаат можност да работат од дома еден ден во неделата, според сопствени потреби.
– Досега докажавме дека работењето онлајн е возможно и ги дава посакуваните резултати, но дали и во каква форма ќе продолжи, ќе зависи од нашите истражувања и анализи, кои се во тек, а ги земаат предвид сите аспекти во постигнувањето висока продуктивност и добросостојба и благосостојба на вработените – потенцира Јовановски.
Дали овој нов вид работа влијаела позитивно на продуктивноста, според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, најмногу зависи од природата на работата што ја извршуваат вработените.
– Разните финансиски, сметководствени или ИТ-услуги едноставно можат да се извршуваат и од дома, но огромен број работни места во преработувачката индустрија, градежништвото и земјоделството немаат шанса да функционираат онлајн. Факт е дека нашиот Закон за работни односи недоволно прецизно ги дефинира овие работи. Одредбите од нашиот ЗРО и ОКД се од времето кога под „работа од дома“ се мислеше на времето кога некои машини се носеа кај работниците дома, а работодавачот ги снабдуваше со целокупниот основен и помошен материјал и ги преземаше готовите производи – вели Димитров.

Предности и мани во работењето од дома

Тој вели дека прашањата што е потребно да се доуредат кај работењето од дома се работното време, дали тоа ќе биде фиксно или варијабилно, прашањето за евентуалната прекувремена работа, средствата и опремата што ќе се користат при работата, безбедните услови за работа, комуникацијата со другите вработени во компанијата, мерење на ефектот на работникот и други прашања што се појавија во практиката.
– Може да се каже дека работата од дома или од далечина има свои предности и слабости. Како предности се избегнување на патувањето на работникот до работа и од работа, можноста за флексибилно работно време, можноста за контрола на домот и децата и поголема слобода на работникот. Како слабости можат да се наведат отежнатата соработка со колегите, неможноста за директен контакт со странките, отежната контрола од страна на претпоставените и мерење на ефектот на работникот – посочува Димитров.
Дали и колку работењето од дома придонело за зголемување на продуктивноста, споменува тој, зависи од гранка до гранка.
– Во оние гранки каде што работникот е самостоен во работењето, не му е потребна многу комуникација со претпоставените и колегите и каде што ефектот е лесно мерлив можеме слободно да кажеме дека работата од далечина дала позитивни резултати врз продуктивноста. Во оние гранки каде што е потребна честа комуникација со колегите и претпоставените, каде што е потребна тимска работа и чест контакт со клиентите, работењето од дома не ги дава посакуваните резултати – објаснува Димитров. Тој додава дека во секој случај и по завршувањето на пандемијата некои работни места ќе продолжат и понатаму функционираат од далечина бидејќи искуствата се позитивни.

И од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека работата од далечина има свои придобивки, но не секој вработен може да работи од дома и не на секоја компанија ѝ дозволува работниот процес да им овозможи на вработените да работат од дома.
– Работата од дома секако дека ги има своите позитивни страни, но треба да се има предвид дека не секој може да се адаптира во такви работни услови. Од друга страна, многу дејствија не може да се реализираат од дома, како што се: преработувачка индустрија, транспорт, градежништво, услуги, итн. и токму поради тој факт, сметаме дека е неопходно оваа тема да се среди и во правни и законски рамки – појаснуваат од СКСЗМ.
Според нив, освен оперативниот аспект на ефикасноста, тука треба да се има предвид и фактот дека за некои може да биде стимулативен начин на работа, но за другите ова може да предизвикува незадоволство бидејќи ќе сметаат дека администрацијата или менаџментот се привилегирани.
– Кризата од ковид-19 покажа дека приспособувањето со околностите треба да биде неопходна вештина што компаниите на модерниот економски пазар треба да ја поседуваат. Со цел овој начин на работа да биде перманентно функционален, треба да го усовршиме Законот за работни односи, во кој се предвидува работа од дома, но не се наведуваат потребните детали што ќе регулираат одредени параметри и нема да дозволуваат злоупотреба од страна на работодавачот и вработените, но и ќе спречуваат незадоволства кај истите тие – потенцираат од СКСЗМ.
Виктор Стојкоски, истражувач од здружението за истражување и анализи ЗМАИ објаснува дека работењето од далечина како нов начин на работа се наметна поради пандемијата и потребата од заштита на здравјето на работниците и воопшто на сите граѓани.
– Концептот на онлајн работење претставуваше единствен механизам за одржување на продуктивноста во некои индустрии откако се појави пандемијата. Интересен феномен претставуваше фактот дека и кога здравствените ограничувања се релаксираа, голем број од работниците продолжија со работа од дома. Ова е иницијален знак дека онлајн работењето не ја намалува продуктивноста на вработените од краток до среден рок. Сепак, тешко е да се процени долгорочниот ефект од онлајн работењето врз продуктивноста поради тоа што ваквиот начин на работење се карактеризира со многу поразлични општествени особини (во смисла на воспоставување контакт со луѓе), и поради тоа тој би требало да биде различен во зависност од функцијата на работникот – објаснува Стојкоски.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска