Политичките лидери во земјава на денот на гласањето сите заеднички оценија дека станува збор за исклучително важни избори, кои се одржуваат во услови на пандемија, избори што треба да го потврдат демократскиот капацитет на државата
Стево Пендаровски: Учесниците да си подадат рака и да си честитаат
– Очекувам, како што ѝ прилега на една европска демократска држава, сите учесници во изборниот процес вечер, по завршувањето на гласањето, да си подадат рака и да си честитаат еден на друг – изјави по вчерашното гласање претседателот Стево Пендаровски.
Според него, она што е важно е што изборите се одвиваат со максимално почитување на здравствените протоколи, а тие мора да бидат фер, транспарентни и демократски.
Оливер Спасовски: Сериозен предизвик и голема одговорност
Премиерот Оливер Спасовски гласаше во Куманово, истакнувајќи дека станува збор за исклучително важен ден за земјата и дека како влада покажале дека може да се организираат фер, демократски, слободни избори и во услови на сериозна здравствена криза.
– Ова е сериозен предизвик, бидејќи и времињата се сериозни и одговорноста на секој граѓанин во Северна Македонија е голема, за да се воспостават институции што се ефикасни, институции што се со полн легитимитет и што ќе можат да носат одлуки во наредниот период за зачувувањето на здравјето, да носат одлуки што ќе значат подобрувањето на економската состојба во државата – изјави Спасовски по гласањето во Куманово.
Талат Џафери: Преземени се сите мерки за заштита од коронавирусот
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, гласаше во родното Форино, од каде што посака изборниот процес да се заврши регуларно и без проблеми.
– Мило ми е што се преземени сите мерки за заштита од коронавирусот и тоа е она што треба да следува во текот на денот. На сите што учествуваат во изборите им посакувам успех – порача кратко Џафери.
Зоран Заев: Отворени се сите патишта пред државата
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, од Струмица истакна дека државните институции покажале капацитет да се организираат вакви специфични избори со почитување на сите здравствени протоколи, кои треба да им овозможат на граѓаните да излезат и да ги дадат својот глас и определба.
– Верувам дека таа чест и одговорност ќе ја употребиме максимално во интерес на граѓаните, заради тоа што со таквата одлука зависи кој ќе води грижа за здравјето на граѓаните, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со Европската Унија, но уште поважно е кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Република Северна Македонија. Јас сум убеден дека таа чест и одговорност, како една посебна во времето во кое живееме, е неповторлива шанса, зашто ни се отворени сите патишта пред нашата земја, дека ќе успееме да ја искористиме за добробит на сите граѓани – истакна Заев.
Христијан Мицкоски. Повеќе нема време за импровизации
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по гласањето рече дека народот е подготвен на голема промена.
– Народот масовно излегува на избирачките места и од она што можеме да го забележиме, она што се коментира меѓу граѓаните, е дека народот е подготвен за голема промена, која ќе се случи токму денеска, на 15 јули. Сè што се случуваше изминатите денови, многубројните нерегуларности ќе остават сериозна трага, која ќе биде вид дамка на целиот овој изборен процес – истакна Мицкоски.
Според него, повеќе нема време за импровизации.
– Мојата порака е: вразумете се, граѓаните слободно, по своја волја, да го изразат своето мислење, да го дадат својот глас зашто нема веќе време за импровизации. Важно е дека доаѓа промената, граѓаните масовно одлучуваат да гласаат за промена – подвлече Мицкоски.
Али Ахмети: Победниците имаат историска одговорност да ги исполнат условите за ЕУ
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, изјави дека посакува регуларен процес и да се почитуваат здравствените упатства, посочувајќи дека овие избори се многу битни ако се знае, како што рече, дека досега се завршени многу значајни процеси важни за регионот и за мирот воопшто.
– Се отвора нова страница на историјата на оваа земја, за зачленување во Европската Унија, при што победниците имаат историска одговорност да ги исполнат потребните услови за ЕУ. Ќе треба да се работи на подигање на стандардот за подобар живот, подобро образование и здравство. Значи, ќе има голема работа за да се исполнат барањата и очекувањата на народот. Јас сум убеден дека ќе успееме во тоа. Се знае нашата платформа, очекувам победа во албанскиот кампус – изјави Ахмети.