Гафовите на политичарите привлекуваат внимание, предизвикувајќи потсмев, критики и поделени мислења во јавноста, а истовремено отвораат и сериозни прашања, особено за нивните последици, односно за тоа како ќе се одразат врз оној што ги искажал. Токму таков е примерот со невкусната изјава на премиерот Зоран Заев, но и со актуелната кандидатура на Џо Бајден за претседателската номинација на Демократската партија во САД, меѓу кои може да се направи паралела.
Демократите кои се надеваат дека претседателскиот кандидат Џо Бајден би можел да го победи Доналд Трамп во трката за Белата куќа, сметаат дека последната низа гафови на искусниот политичар претставува знак за автентичност, па дури и допадливост. Од друга страна, оние кои се сомневаат во лидерските способности на 76-годишниот политичар, ја посочуваат неговата склоност за правење вербални грешки како знак дека не е кадарен за големиот предизвик што го носи претседателската трка.
Јавните настапи на поранешниот американски потпретседател во текот на кампањата беа исполнети со некоректни изјави, но Бајден останува во водство според анкетите, што е во спротивност со тврдењата дека гафовите скапо ќе го чинат.
– Сиромашните деца се исто толку бистри и талентирани како и белите деца – кажа Бајден зборувајќи за американското школство.
Важната улога на социјалните мрежи во денешното информирање исто така го смени начинот на кој јавноста реагира на несоодветните изјави. А демократите кои во изминатите три години го напаѓаат Трамп за неговиот избор на зборови сега се наоѓаат во чудна ситуација во која не можат да ги игнорираат несоодветните изјави на Бајден, кој самиот се нарече „машина за гафови“.
Светските медиуми истакнуваат дека се наоѓаме во ера на политички гафови, во која се истакнуваат американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот бразилски колега Жаир Болсонаро, како и новиот британски премиер Борис Џонсон, па можеби ваквата ситуација влијае и врз намалувањето на значајот од гафовите.
Во случајот на Заев, пак, може да се забележи дека неговиот гаф, а потоа и извинувањето, веројатно ја ставија во втор план и аферата „Рекет“, макар накратко, исто како и сите други актуелни прашања. Реакциите се поделени, а допрва треба да се види колку долго изјавата на премиерот ќе го задржи вниманието на јавноста и какви ќе бидат последиците. М.Ж.