Според експерти за теорија на политички системи, внатрепартиските избори се „тестот на демократската потентност на политичкиот систем во една држава“. Политичките партии се основните градбени единици на политичкиот систем и темелот над кој се надградува политичката демократија во општеството. Со внатрепартиските избори, кои треба да се олицетворение на базичната политичко-партиска демократија, всушност, пред сѐ, би требало да се спроведе разбивање на системот на „султански политички партии“ што имаат тенденција да се претопат со државните ресурси. Имено, политичката теорија тврди дека во партиите постојат концентрирани центри на моќ. Во таквиот контекст, спиралата води кон тоа поединци да ја узурпираат партијата, а партијата да ја узурпира државата. Така, доколку има отсуство на демократија во партиите, отсуствува и демократија во државата. Тогаш на површина излегува принципот – државата, тоа е партијата, а партијата, тоа е еден човек. Како е тоа во развиените демократии, а како кај нас? Дали политичките партии низ процесот на донесувањето одлуки, вклучувајќи ги и внатрепартиските избори, институционално се демократизираат?
Внатрепартиската демократија на македонската политичка сцена и онаа во развиените земји
Во државите на западните развиени демократии, при внатрепартиските избори, се препознава квалитетен демократски избор, само кога има повеќе кандидати. Имено, според тезата на повеќе експерти за политички системи, повеќе кандидати што се натпреваруваат за избор на некоја партиска функција е всушност непишаното правило на слободен, демократски избор во сите развиени земји од западните демократии.
Имено, внатрепартиската демократија и фракциите се нормална работа, а различните струи се борат за својот кандидат. Накратко, на пример, во САД постојат партиски конвенции на кои делегатите на Републиканската или Демократската партија истакнуваат свои кандидати и потоа следува внатрепартиско одмерување на силите. Процедурата е речиси идентична како при изборот на претседател на државата.
Слично е и во европските земји. Во Велика Британија и во Германија партиските лидери се избираат помеѓу неколку кандидати, што овозможува сите струи во партиите да номинираат свој кандидат.
Како се отсликува тој принцип во Македонија?
Нивото на внатрепартиската демократија во политичките партии на македонската политичка сцена, соговорниците сѐ уште го оценуваат со непреодна оцена.
Без оглед на новите статути и најавите на поголемите политички партии во земјава дека се залагаат за почитување на демократскиот принцип „еден член, еден глас“ во постапката за избор на партиски лидери, тоа обично не резултира со поголемо ниво на внатрепартиска демократија, туку во принцип се сведува на плебисцитарно изразување поддршка на само еден кандидат.
Повеќе професори и аналитичари во врска со ваквата нивна теза, како пример за потврда, ги истакнуваат практиките на нашите најмногубројни политички партии. Имено, како што беше тоа со неодамнешниот избор на партиски лидер на СДСМ изминатиот викенд, на кој единствен кандидат беше актуелниот претседател на партијата, слична практика имаше и во ВМРО-ДПМНЕ, каде што однапред се знаеше идниот лидер, а евентуалниот противкандидат повеќе имаше епизодна улога на глумење конкуренција отколку на реални внатрепартиски иницијативи. Во ДУИ ситуацијата е уште подрастична, каде што еден човек раководи со партијата веќе 20 години и најверојатно на таа позиција ќе остане до пензионирањето, а неговиот наследник многу веројатно сам ќе го назначи.
Во една таква ситуација, конкурентноста на членовите на партиите како принцип е елиминирана, партиципацијата на обичните членови во носењето одлуки за иднината на партиите е никаква, а високиот степен на моќ останува и натаму да биде концентриран во рацете на еден или неколку луѓе блиски до претседателот на партијата.
Сево ова остава впечаток дека партиите во земјава само декларативно се изјаснуваат за демократски, иако во реалност тие се екстремно централизирани.
Токму тоа е погубно за напредокот на земјата бидејќи не овозможува партиите да станат демократски расадник на конкурентни политики и идеи, на иновација и креативност, компетентност и посветеност во полза на граѓаните и државата, туку сè се сведува на замислите на лидерите, од тоа кој ќе биде министер, кој ќе се најде на изборни листи, кој ќе биде директор на јавно претпријатие, обвинител, судија, кандидат за градоначалник…
Партиската демократија никогаш вистински не профункционирала
Некои од аналитичарите сметаат дека партиската демократија никогаш вистински не профункционирала во земјава.
– Откога постои времето на плурализмот во Македонија, никогаш немало внатрепартиска демократија, па затоа немаме ниту демократија во државата – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, партиските лидери постојано ги диктирале политиките и не оставале простор за демократија внатре.
– Сè се тоа султан-партии, без оглед дали е голема или мала партија. Од тие причини немаме демократски процеси и државата пати токму поради тоа што во партиите нема демократија – категоричен е Давитковски.
Професорот Живко Андревски смета дека моделот на функционирање на нашите политички партии е поставен така што тие треба да имаат лидер и тој е универзален.
– Сите партии ако се земат изминатите 30 години, ќе се види дека за цело време имале максимум по тројца лидери. Не се пројавувале други членови, иако постои претседателство на партија, централен одбор, има општински тимови, но никој од нив не се пројавува. Јас не знам дали некој знае кој е претседател на разгранок на некоја од поголемите партии во Битола, во Охрид, во Штип, или во кој било друг град во земјава. Едноставно тие луѓе се во втор план, не одлучуваат ништо бидејќи сите одлуки ги носи партискиот лидер – вели Андревски.
Тој додава дека ваквата поставеност е на штета и на партиите, но и на државата.
– Тоа е на штета на партиите во смисла на решавање на големите проблеми на општеството, но и на општествениот напредок. На пример, го имате Кожуф за тема, реагира централата од Скопје, имате тема за Охрид, повторно реагира централата од Скопје. Не се појавува лидерот на партијата од Гевгелија или од Охрид, туку централата веднаш знае што треба да се прави и на тој начин се уништува креативниот потенцијал во политичките партии – истакнува Андревски.
Според него, партиите воопшто не покажале капацитет да се носат со проблемите што се исправале пред државата.
– Партиите врз основа на овие модели и практики на функционирање, но и современи теории за партиско дејствување во плурален систем во општества како нашето, не покажаа капацитет да се носат редовно, долгорочно и развојно со проблемите и тешкотиите – констатира професорот Андревски.