Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според истражувањето на специјализираниот портал за еколошки теми „Сејв енерџи“, најголеми заштитени региони во Европа имаат Германија, или 17.654 километри, Шведска, со 15.254 километри, и Швајцарија, со 10.423 километри. Од државите на Балканот, убедливо предничи Словенија, која има заштитено речиси 72 проценти од својата територија

ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДНИТЕ БОГАТСТВА

Колку европските и балканските држави се грижат за своите природни богатства и колкав дел од нивната територија е под заштита од штетни дејства против природата и екологијата? Одговор на ова прашање нуди истражувањето на британскиот специјализиран портал за еколошки теми „Сејв енерџи“, во кое е направено и рангирање на европските земји во однос на тоа колку тие се грижат за нивните природни богатства.
Во обемната анализа на медиумот, која се однесува на изминатата 2020 година, се наведува дека има пораст на еколошката свест за време на периодот на пандемијата на ковид-19.
Според истражувањето, најголеми заштитени региони во Европа имаат Германија, или 17.654 километри, Шведска, со 15.254 километри, и Швајцарија со 10.423 километри.
Во делот на истражувањето што се однесува на Балканот се истакнува дека пред сите држави од опкружувањето, убедливо предничи Словенија, која има речиси 72 проценти од нејзината територија каде што се применува еколошки надзор и се спречуваат урбанизација и уништување, недозволен лов и риболов и неконтролирана експлоатација на шумските и водните површини.

Македонија, од друга страна, се наоѓа на долниот дел од листата на државите од Балканот, со приближно 9 проценти од нејзината територија што е обележена дека е природно богатство што е заштитено со закон од државата во форма на национални природни паркови и природни обележја. Зад нас во рангирањето се единствено Србија, со 7 проценти заштитена еколошка територија, и Босна и Херцеговина, со 4 проценти.
Според порталот, во европски рамки Македонија е на нивото на Португалија и Унгарија, кои го имаат истиот процент на заштитена еколошка територија во европски рамки.
– На својата вкупна територија Македонија има 73 заштитени подрачја и области – се истакнува во публикацијата.
За потсетување, нашиот весник повеќепати во свои натписи и анализи предупредуваше за опасностите и ризиците по екологијата и живиот свет.
Токму деновиве во едно од нашите изданија посочивме дека во моментов се врши немилосрдно истребување на рибниот фонд во Охридско Езеро, со нелегален риболов и шверц кон Албанија.
Универзитетскиот професор Александар Трендафилов во својот осврт за актуелното истражување за „Нова Македонија“ вели дека податоците во истражувањето се екстремно точни и додава дека во своите аспирации за членство во ЕУ, Македонија ќе мора да ја зголеми територијата на заштитените природни богатства и да биде процентуално многу поголема отколку што е во моментов.

– Имено, секоја идна членка на ЕУ има одреден критериум што треба да го исполни во овој правец, имајќи ги на ум определбите на европската „зелена зделка“, која е официјална политика на Унијата. Па, во тој правец, Македонија ќе мора, сакала или не, да работи повеќе во интерес за заштита на своите природни богатства. Работите на терен се раздвижени и навистина верувам дека од овие услови на ЕУ ќе излезат и многу добри работи за нашата природа, народ и држава. Имено, во моментов сме сведоци дека има голем број иницијативи за прогласување на Шар Планина и на Јабланица за природни паркови, а истото тоа треба да се случи и за теченијата на некои одредени реки и езера – вели професорот.
Тој додава дека ако сакаме да го достигнеме европското ниво, па дури и регионалното што е опишано во оваа анализа, ние треба да ги исфрлиме политиката и економијата од дејствувањето на земјата во делот што се однесува на заштитата на природата.
– Корупцијата е голема, а и природните богатства се на удар од тоа. Па, ако се оттргнат штетните дејства и политичките влијанија, може многу подобро да се дејствува во овој правец. Со исфрлање на политиката, инспекторите непречено ќе си ја вршат својата работа и ќе евидентираат и спречуваат нарушувања на шумскиот фонд, на исцрпувањето на водните ресурси и на уништувањето на живиот свет во нив – вели Трендафилов.
Тој констатира дека Словенија очекувано е на врвот од регионот, бидејќи оваа земја традиционално спроведувала строги еколошки политики уште од времето на 1990-тите години, по прогласувањето на нејзината независност од Југославија.

– За да се подобрат состојбите кај нас, потребни се и кампањи за издигнување на свеста на населението за природата што ни се наоѓа во Македонија. Токму времето минато во пандемија ни покажа дека нашата земја има свои природни богатства што може да бидат прибежиште за народот и да се искористат за прошетки и одмори. Но, истовремено, свеста треба да ни е многу висока да не ги уништуваме шумите, реките и езерата додека одмораме таму. Дополнително, економското експлоатирање на ресурсите во делот на рудниците и шумите е проблем, па и тука треба да се најде добар институционален механизам како да се одвива сето тоа, без притоа битката да ја губи природата – резимира професорот.
Биологот и екологист Кирил Арсовски-Пржо смета дека лошото управување со заштитените подрачја во Македонија може лошо да се одрази и на економијата на земјата, на населението, но и на живиот свет во природата.
Тој истакнува дека системот на заштитени подрачја во Македонија е составен од различни поголеми и помали подрачја, кои вклучуваат различни типови живеалишта и различни ретки ендемични или реликтни видови.
– Речиси сите подрачја се прогласени за заштитени од 50-тите до 70-тите години на минатиот век. Овие подрачја се управуваат според Законот за заштита на природата. Но најголемата опасност за нив произлегува од ниското ниво на имплементирање на националните легислативи и документи за просторно планирање – вели Арсовски.
Екологистот советува да се применуваат законите, бидејќи на тој начин заштитените подрачја нудат социјални, еколошки и економски придобивки за луѓето и локалните заедници и во Македонија и насекаде во светот.


Процент на еколошки заштитени региони во државите на Балканот

1. Словенија 72 проценти
2. Грција 20 проценти
3. Албанија 17 проценти
4. Бугарија 16 проценти
5. Хрватска 13 проценти
6. Црна Гора 13 проценти
7. Косово 13 проценти
8. Македонија 9 проценти
9. Србија 7 проценти
10. Босна и Херцеговина 4 проценти

Извор: „Сејв енерџи“

[email protected]