Големиот македонски празник со кој се одбележува почетокот на оружената борба за ослободување на државата им стана трн во око на одредени комисии и квазиисторичари од соседството, чија единствена тенденција е преиначување на историските факти. Во едни вакви околности се наметнува и клучното прашање до кога ќе се денационализира македонското национално ткиво
Ефектите од последниот (седми) состанок на мешаната образовно-историска комисија на Македонија и Бугарија, одржан минатата седмица во Софија, од двете страни е оценет како фијаско.
Од страна на бугарските политичари беше наметнат императивот за овој состанок дека треба да биде усогласен ставот за националната припадност на револуционерот Гоце Делчев, но се чини дека по оваа сесија, како тема на разгледување се вратени и некои периоди од историјата за кои беше констатирано дека се усогласени. Клучен спорен момент биле средниот век и поимите што ги користат бугарските историчари во своите учебници за територијата на Македонија. Претседателите на двата дела од комисијата, Драги Ѓеоргиев (на македонската) и Ангел Димитров (на бугарската), се согласни дека ваквата ситуација се должи на големите разлики во толкувањето на минатото и начинот на решавање на споровите.
По завршувањето на состанокот, еден од членовите на бугарскиот дел од комисијата, професорот Светлозар Елдеров, во интервју за бугарските медиуми откри дека главниот проблем на овој состанок бил што членовите на комисијата од македонска страна постојано ја бранат „позицијата на македонизмот“, а македонизмот е антипод на бугарската национална идеја. Разочарувањето од неуспехот на последната средба создава сомневања кај Елдеров дека ќе има нова средба на заедничката експертска комисија, во октомври, во Скопје.
– На 11 октомври е нивниот национален празник, Денот на народното востание, кое е востание против Бугарите, бугарското воено-административно управување во Македонија за време на Втората светска војна во 1941 година. На 23 октомври исто така имаат национален празник – Денот на македонската револуционерна борба. Односно основањето на бугарскиот македонско-одрински револуционерен комитет, а подоцна Внатрешната македонска револуционерна организација… – вели бугарскиот професор Елдеров.
Според него, договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија е „ученички расказ“, зашто во него нема конкретизирања.
Мешаната историско-образовна комисија е формирана како резултат на билатералниот политички договор за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, потпишан пред две години, за усогласување на историските гледишта во учебниците од образовната програма во двете земји, како и утврдување историски личности и настани, како предлог за заедничко одбележување. Досега се усогласени неколку историски личности од средновековниот период, за што е договорено заедничко одбележување, но како што се наближува до поновата историја, се чини дека сѐ повеќе се констатира разликата во гледиштата.
– Неодминливо е, кога-тогаш, членовите на комисијата (и од бугарска, и од македонска страна) да се соочат со историските факти што се на наша, македонска страна. Ние немаме проблем со нашиот историско-национален идентитет, Бугарите имаат проблем да ја прифатат реалноста дека македонизмот постои и е жив.
Македонизмот е жив од 1871 година, кога тоа го констатира Славејков, и тој никогаш не бил мртов. До одреден период, до одредена цел можеби сме имале заедничка историска развојна линија со Бугарија, но постои точка кога патиштата се разделуваат, и тоа е непобитен историски факт – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Спорниот момент со националниот идентитет на македонскиот револуционер Гоце Делчев не е надминат, а од бугарска страна веќе се најавува нова проблематична тема во т.н. заедничка историја – Втората светска војна, односно востанието од 11 октомври 1941 година.
– Во нивната официјална историографија, Бугарите никогаш не признале дека извршиле окупација на Македонија во 1941 година и постојано настојуваат да докажат дека тоа било ослободување од друга административна власт (Кралството Југославија). Иако во германските документи стои забележано дека во 1941 година е извршена окупација, тие никогаш не отстапуваат од „ослободителното гледиште“. И секогаш ги користат политичките моменти, кога ние Македонците не даваме соодветен научен и политички отпор, па поагресивно ги наметнуваат своите стари тези – вели историчарката Наташа Котлар.
Професорот Тодор Чепреганов, пак, вели дека основната тенденција на бугарската историографија е да се избрише 11 Октомври како празник на македонското востание против бугарската окупација и да се создаде историски впечаток дека тоа било Граѓанска војна на Бугари против Бугари, предизвикана од комунистите. Сѐ што било позитивно од таа борба на македонска страна би си го припишале себеси, за да го скријат соучесништвото на страната на фашизмот во Втората светска војна.
Во поглед на евентуалните последици од застојот на работата на мешаната експертска комисија, во однос на македонските евроинтеграции, односно изостанувањето на поддршката на Бугарија за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека бугарската страна во овој миг нема да го активира тој адут.
– Историјата секогаш се одразува на иднината, особено во нашето соседство, но мислам дека спорните историски прашања во овој миг, на октомврискиот самит на ЕУ, нема да бидат причина за Бугарија да не даде поддршка за добивање евентуален датум за почеток на преговори. Навистина, дискутабилно ќе биде дали ќе биде официјално добивање датум, или само работно отворање одредени поглавја, но овој пат нема да се користи историскиот адут. Но тоа не значи дека понатаму, во некое поглавје на преговорите, нема да се активира „историскиот притисок“, како од страна на Бугарија, така и на Грција – вели аналитичарот Пандов.
Историчарот Чепреганов, пак, смета дека историските комисии треба веднаш да престанат со работа, зашто нема ценкање со сопствената историја, а ниту политички не се продуктивни.
– Би го цитирал Черчил, „ако сакаш некој проблем да не се реши – формирај комисија“ – вели Чепреганов.