Фото: Игор Бансколиев

МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Александар Димковски
(специјално за
„Нова Македонија“ од Криница-Здруј, Полска)

Одбрана на угледот на Полска и на Полјаците на меѓународната сцена беше една од дебатите на форумот во Криница-Здруј, во Полска, и повод да поразговараме со дел од учесниците и за случајот со Македонија, спогодбата со Грција и како тоа се рефлектира на домашен и меѓународен план. На тројца од панелистите по завршување на дебатата им поставивме три исти прашања


ПАВЕЛ ЛИСИЦКИ, ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК НА НЕДЕЛНИОТ МАГАЗИН „ДАЖЕЧЕ“

Никогаш не би се согласил со промена на името на мојата земја

Колку сте запознаен со случувањата во Македонија?
– Запознаен сум со случувањата во Македонија и, колку што знам, проблемот е помеѓу вашата земја и Грција и обидите на Грција да ја принуди Македонија на тие промени.

Дали барањето за промена на уставното име на една змеја со вековна историја и култура може да се смета за европска вредност и придобивка, но и од аспект на почитување на меѓународното право?
– Многу е тешко да се одговори и да се каже која солуција е исправна во една ваква ситуација. Тоа што Европската Унија единствено се обидува да прави е во насока да се надмине конфликтот меѓу двете држави.

Во една хипотетичка ситуација, дали би прифатиле промена на името на својата земја во насока на идна интеграција во некоја од европските структури?
– Никогаш не би се согласил со тоа и не би прифатил такво нешто. Но поентата е во тоа што не постои некоја друга земја што тврди дека се вика Полска. Тоа е разликата.


МАРЕК РУДНИЦКИ, ПРОФЕСОР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПОЛСКО- АМЕРИКАНСКАТА МЕДИЦИНСКА АСОЦИЈАЦИЈА

Доколку е потребно, би прифатил промена на името на мојата земја

Колку сте запознаен со случувањата во Македонија?
– Ги следам вестите и случувањата во врска со Македонија. Покрај тоа, сум бил таму и во регионот повеќепати, како во Скопје, така и во Приштина.

Дали барањето за промена на уставното име на една земја со вековна историја и култура може да се смета за европска вредност и придобивка, но и од аспект на почитување на меѓународното право?
– Сметам дека ќе биде многу тешко да се добие таа војна, бидејќи тука е и Европската Унија и не можете против неа. Тешко е да се борите во едни вакви услови, но дали ќе успеете да победите е друга приказна. Од друга страна, доколку луѓето сакаат да се случи нешто, тогаш сакаат. Не знам точно како моментално стојат работите и каков е балансот во вашата земја во врска со поддршката кон Европа.

Во една хипотетичка ситуација, дали би прифатиле промена на името на својата земја во насока на идна интеграција во некоја од европските структури?
– Доколку е потребно, секако дека би прифатил. Апсолутно да.


СТАНИСЛАВ КАРЧЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СЕНАТОТ НА ПОЛСКА

Одлуката е на граѓаните

Колку сте запознаен со случувањата во Македонија?
– Ги следам глобалните случувања и информиран сум и за настаните во Македонија.

Дали барањето за промена на уставното име на една земја со вековна историја и култура може да се смета за европска вредност и придобивка, но и од аспект на почитување на меѓународното право?
– Мислам дека тоа е одлука на граѓаните на Македонија и која одлука ќе ја донесат граѓаните, Полска тоа ќе го прифати како и политичките сили на Европа. Прашањето, секако, има и регионални консеквенции и се надевам дека проблемот за името на земјата брзо ќе биде решен.

Во една хипотетичка ситуација, дали би прифатиле промена на името на својата земја во насока на идна интеграција во некоја од европските структури?
– Не, не. Никој не чул за потребата ниту, пак, има таква дебата за промена на името на Полска. Ние како држава имаме други проблеми и други дебати што мора да ги решаваме. Кај нас нема проблем за името.