Во ризичните групи се и верските претставници, но засега не се размислува за нивно организирано одење во странство. Црквата во моментов е фокусирана на тоа да им посочи на верниците дека вакцинацијата е корисна и не е спротивна на теологијата. Во соседството, на пример, православни свештеници веќе се дел од јавната кампања за издигање на свеста за имунизација
Како да се дојде до вакцина против ковид-19 е клучниот предизвик за македонските граѓани, кои веќе го губат трпението дека наскоро државата ќе обезбеди масовна вештачка имунизација на населението. Дали индивидуалните случаи што досега се вакцинираа во соседството сега се трансформира во групи по професии што бараат спас од вирусот? Сѐ почести се најавите за организирано вакцинирање во Србија и барањето начини како да се дојде до вакцина.
Меѓу ризичните професии има и други, а неофицијално и разни здруженија веќе размислуваат да побараат други алтернативи додека во државата не стигнат првите дози вакцина. Во ризичните групи се и верските претставници, но засега не се размислува за нивно организирано одење во странство.
Црквата во моментов е фокусирана на тоа да им посочи на верниците дека вакцинацијата е корисна и не е спротивна на теологијата. Во Грција, на пример, свештеници веќе се дел од јавната кампања за издигање на свеста за имунизација.
Отец Бобан Митевски, свештеник и шеф на кабинетот на архиепископот г.г. Стефан, вели дека не преговарале за вакцинација надвор од земјата.
– Свештеници и владиците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија спаѓаат во ризичната категорија професии, со оглед дека вршат верски обреди на кои често присуствуваат повеќе луѓе. За таа цел, според нашите анализи, голем дел од свештениците и вработените во црквата би се вакцинирале кога ќе пристигнат вакцините во земјава. Се надеваме дека ќе бидеме во приоритетните категории граѓани со ризични професии – додава тој.
Според него, засега МПЦ ги испочитувала мерките на здравствените власти за време на сите поголеми верски празници во текот на изминатата година.
Црковната теологија нема дилеми дека проблематиката со вакцините не е прашање на црквата, туку на научните медицински институции.
За таа цел и владиката Партениј неодамна јасно посочи дека сосема непотребно е да се прави некаква „теологија“ за вакцинирањето. Проблемот, вели, е чисто научнички, а црквата како заедница на верните отсекогаш ги поттикнувала и развивала позитивните научни сознанија и ги инкорпорирала во своето живеење.
Митрополитот Јеротиј е меѓу првите во Грчката православна црква што беа вакцинирани, забележува дека во војната против пандемиите, вакцините се едно од оружјата.
– Пандемијата низ која поминуваме е невидлива војна што ги става луѓето во болници, убива, ги уништува социјалните врски, ја ограничува црквата, ги затвора универзитетите и училиштата, создава економски проблеми, го парализира пазарот.
Во оваа војна, едно од најважните оружја е вакцинацијата, која го враќа општеството во нормала. Во таква војна, реакциите на вакцините се поопасни од можните несакани ефекти на вакцината. Оние што ги советуваат христијаните да не преземаат мерки на претпазливост се одговорни за болеста и смртта на луѓето и за нивното страдање – вели грчкиот владика.
Пред неколку дена почна и вакцинацијата на монасите на Света Гора со вакцината на „Фајзер“. Се вакцинирале првите 36 монаси, како и вработените – соработници на манастирите, додека вакцинирањата ќе продолжат денес и утре.
Помеѓу монасите владее олеснување од фактот дека започнало вакцинирањето, а карактеристично е што побарале да се вакцинираат дури и монаси што го прележале коронавирусот.
И покрај тоа што монашката држава е во карантин и влезот е забранет за поклоници и верници, монасите се плашат, особено бидејќи живеат во мали простории, се црквуваат сите заедно и одат заедно на трпеза, што овозможува лесно пренесување на вирусот. Постои уште и значителен број монаси што се во поодмината возраст и имаат хронични заболувања.
Вкупно четворица монаси, од различни манастири, во изминатиов период завршиле со компликации од коронавирусот и околу 10 биле хоспитализирани во критична состојба.
Според најавите од механизмот „Ковакс“, министерот Венко Филипче рече дека две пратки на вакцини од „Астра Зенека“ треба да стигнат на 31 март и 15 април, но укажа дека може да има и доцнење, истото тоа го истакна и за кинеските вакцини, кои исто, според најавите на производителот, се очекуваат да стигнат на крајот од месецот.