Во рамките на новинарското истражување на „Нова Македонија“ во врска со македонското прашање и Македонија од поновата историја, дојдовме до повеќе ексклузивни доверливи извештаи од архивата на американската разузнавачка служба ЦИА
Во претходно објавениот факсимил на ЦИА во нашиот весник, југословенската држава и ВМРО договараат заемна поддршка на заедничкиот проект – конечно формирање семакедонска држава, за што склучуваат и писмен договор. Тој документ беше исклучително интересен, бидејќи содржи елементи каде што се констатира одделен, засебен и посебен македонски национален супстрат, прифатен како реалност од страна на југословенската држава и ВМРО, на чело со Ванчо Михајлов, а што е најзначајно и од страна на САД.
Уште повеќе, американската администрација го потврдува постоењето на македонскиот народ во рамките на грчката и бугарската држава. Тогашниот југословенски претседател Јосип Броз-Тито бил во тек со сите овие настани и ги одобрувал. Токму во денешното продолжение е документот каде што југословенските власти планирале офанзива за ослободување на Пиринска и Егејска Македонија.
Што пишува во извештајот на ЦИА од 1950 година
Од извештајот на ЦИА од март 1950 година дознаваме дека Комунистичката партија на Југославија планирала офанзива за ослободување на Пиринска и Егејска Македонија. Организирањето им било доверено на Кочо Киров и на Миса Керамиџија (поранешен мајор во Народноослободителниот фронт – политичка и воена организација на Македонците во Егејска Македонија во текот на Грчката граѓанска војна).
Силни манифестации на незадоволство на Македонците поради пасивноста на југословенската влада за планот за семакедонско обединување
Две години подоцна, во извештај на ЦИА, кој е во континуитет со претходните, за истата политичко-безбедносна проблематика, се изнесуваат драматични податоци за македонската власт и нејзиниот однос со централната, југословенската власт, како последица од нереализираните ветувања и непреземените планирани активности на централната власт за семакедонско обединување.
Имено, според извештај од април 1952 година, ЦИА информира дека македонската република во рамките на Југославија била најпроблематична. Се истакнува дека во Македонија југословенските власти ја немале целосната власт. Според извештајот: „националистичките сентименти на младите луѓе преовладуваат над другите размислувања, и македонските интелектуалци даваат практично изразување на овие чувства, во кои се придружија и десницата и левицата“. Во овој период, Македонија била најнестабилната република, бидејќи имало многу повеќе саботажи отколку во другите републики.
Кога и зошто Тито го променил својот став за обединување на Македонија и Македонците?
Ако внимателно се анализираат документите до кои дојдовме, се дознава дека во март 1950 година, југословенското раководство и понатаму ја поддржува идејата за обединета Македонија. Но поради пасивноста во спроведувањето на мерките и активностите на централната југословенска власт во врска со семакедонското обединување, Тито и властите на Југославија се судриле со реакција на македонските водачи, а Белград немал целосна контрола врз состојбата во југословенска Македонија. Во извештаите на ЦИА е нагласено дека македонските политички сили од десницата и левицата се обединиле и му предизвикувале главоболка на Тито. За издвојување од извештаите на ЦИА е и информацијата дека во истиот период, покрај македонските водачи во Скопје, ВМРО продолжила да ја изразува идејата за независна Македонија.
Клучното политичко свртување на Тито во врска со Македонија и Македонците е периодот на Информбирото. Имено, Тито поради судирот со советскиот диктатор Јосиф Сталин бил политички изолиран. Ако се земат предвид тогашната сериозно напната политичко-безбедносна состојба и можноста од воена инвазија на источноевропските комунистички држави врз Југославија, Тито бил принуден да бара нови сојузници. САД (ЦИА) го советува дека единствен сојузник во таа ситуација би му била Грција, што Тито и прифаќа. Но за да ги продлабочи односите со САД и да воспостави релации со Грција, Тито се откажал од идејата за обединување на Македонија. На тој начин, полека но сигурно, биле преземени конкретни мерки за прекратување на агитацијата за обединување на Македонија, а истовремено Тито се пресметал со македонските водачи во југословенска Македонија, кои се стремеле кон поголема самостојност и независност. Ова отстапување на Тито во однос на македонското прашање, од страна на ВМРО било оценето како предавничко.
САД влијаеле врз Тито да го промени својот став кон македонското прашање
Во документот на ЦИА од октомври 1952 година дознаваме за конкретни мерки што ги презема Тито во март 1952 година, каде што се гледа дека тој веќе зазема став – против агитацијата за обединување на Македонија во една држава што би влегла во рамките на југословенската федерација. Според извештајот, САД влијаеле врз Тито да го промени својот став кон македонското прашање за да ги подобри односите со Грција. Скорашната забрана на пропагандниот весник „Гласот на Егејците“ е само еден чекор во оваа нова политика.
Според извештајот, менувањето на политиката на Тито кон македонското прашање ја довело во прашање неговата безбедност, ЦИА има индикации за организирање атентат од страна на ВМРО врз југословенскиот лидер.
Екипа на „Нова Македонија“