Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Собранието постојат шест специјални кабини за гласење, каде што пратениците што имаат решение за изолација ќе можат да гласаат. Според аналитичарите, сепак, работењето на пратениците може да се одвива и онлајн од дома, за непречено функционирање на законодавната власт

КОВИД-19 ПРЕДИЗВИК ЗА РАБОТАТА И НА МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

Случајот со пратеникот Арбен Зибери од ДУИ на денот на гласањето за избор на новата влада покажа колку е кревко и ранливо новото мнозинство во македонскиот парламент и колку функционирањето на Собранието е тесно поврзано со ангажманот и активноста на сите пратеници во него, но и на секој поединечно. За да може да биде избрана новата влада, пратеникот Зибери, кој здравствено не се чувствувал добро, морал да биде изолиран во друга просторија во парламентот и оттаму да гласа за изборот на Владата.
Но ова е само еден случај што ја наметнува дилемата за функционирањето на Собранието во иднина, особено во периодот што следува, во кој, токму во есенските и зимските денови, се очекува раст на бројот на нови случаи на ковид-19, а со тоа и ризик дека може да бидат заразени и некои од пратениците.

Што при такви случаи? Дали вирусот може да ја блокира работата и на законодавната власт и да го закочи носењето на неопходните реформски решенија? Има ли Собранието предвидено протоколи за вакви непредвидливи околности, за навремено и непречено функционирање на парламентот и на пратениците? Што доколку повеќемина пратеници се инфицираат и треба да бидат во изолација? Како ќе се одрази тоа на работа на Собранието и носењето на законите и дали, всушност, пандемијата го прави тенкото мнозинство и најранливо?
Јавноста се прашува и дали во овој период, кога многу компании ја пренасочија својата работа од дома преку интернет-комуникација, може да се примени сличен метод и за работење на пратениците, доколку се јави таква потреба.

Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести, вели дека протоколите за работа на Собранието, кои предвидуваат и протокол за вакви случаи, уште пред еден месец биле испратени до собраниските служби и, според нив, постојат шест такви кабини за гласење, каде што ќе можат да гласаат пратениците што имаат решение за изолација.
– Работењето на пратениците може да се одвива и онлајн од дома, како и со нивно изолирано присуство во кабините. Оставени им се повеќе можности за функционирање што подразбираат соодветна здравствена заштита на пратениците, како и на сите вработени во Собранието – посочува епидемиологот Стојанов.
Собраниските служби вчера објаснија дека Зибери воопшто не присуствувал на седницата, зашто лично не се чувствувал добро, а не бил ниту тестиран на ковид-19, ниту, пак, имал решение за изолација.

Тој го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека не се чувствува добро, пред сѐ, од колегијален аспект.
Џафери, пак, преминал на примена на протоколот за вакви случаи што Собранието го добило од Комисијата за заразни болести.
Тој протокол предвидува во случај некој да има сомнеж и да не се чувствува добро, укажувајќи на знаци од можна зараза од ковид-19, Собранието да биде подготвено со посебен простор за негова изолација и можност да гласа оттаму.
Собраниските служби велат дека на горниот кат постои кабина за превод, која е пренаменета за вакви случаи, со сите здравствени протоколи.
Според тоа, Зибери дошол во Собранието пред моментот на гласањето и директно од своето возило се качил во лифтот во објектот на Собранието и заминал во кабината, од каде што по гласањето по истиот протокол заминал од Собранието во своето возило. Тој немал контакт со никого, а лифтот и кабината веднаш биле дезинфицирани.

Претседателот на Собранието, Џафери, целосно и доследно ги почитувал протоколите дадени од Комисијата за заразни болести.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека иако во сите ситуации за работа на парламентот не е потребно да има мнозинство од 61 пратеник, сепак, за да има функционално собрание со соодветна здравствена безбедност е потребно да се најдат протоколи со кои пратениците ќе можат да ја извршуваат работата и онлајн.
– Во многу од ситуациите кога ќе се одржуваат комисиите и работата на другите тела во Собранието, пратениците ќе можат да ги одржуваат онлајн. Но присуството на пленарните седници мора да биде потврдено со физичко присуство. Пратениците имаат и картички за идентификација при влез во Собранието, со кои се пријавуваат дека се присутни на седниците. Тоа ќе мора да се реши некако ако од следните месеци се случи повеќе пратеници да бидат во изолација или, пак, да бидат позитивни на коронавирусот – објаснува Арсовски.

Според него, Собранието со вакво тесно мнозинство секако ќе биде пред голем предизвик во ситуација на корона-криза, иако ако еден пратеник е позитивен на вирусот, по 15 дена, според новите протоколи, ќе може да биде во функција за работа и за физичко присуство.
– Не сум видел искуство од другите земји. Но мора да се најде алтернатива, каде што еден пратеник ќе може да работи од дома, да се идентификува онлајн, да ги следи седниците, да се пријавува за збор, како и на тој начин да гласа – посочува Арсовски.
Аналитичарот Сашо Клековски вели дека ако може Советот на Европската Унија да се состанува и одлучува со телеконференција, со употреба на модерни начини на комуникација и на гласање, секако дека тоа и кај нас технички и технолошки е можно.

– Не знам дали тоа е предвидено во деловникот за работа на Собранието, но секако дека ваква состојба не можело да се предвиди. Но не е лошо да се воспостави процедура каде што пратениците ќе можат да гласаат онлајн. Треба да се видат и искуствата на другите парламенти, зашто сите ќе бидат во вакви ситуации – посочува Клековски.

[email protected]