Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огромното загадување на воздухот во урбаните средини предизвикано токму од загревањето на домовите со години предизвикува сериозни здравствени проблеми кај луѓето што резултира и со зголемена смртност, а сега во време кога светот се бори со ковид-19, загадениот воздух може само дополнително да ја искомплицира ситуацијата. Сепак, во услови кога струјата е поскапена, а гас нема, граѓаните едноставно се оставени без избор

ОГРЕВНОТО ДРВО И ПОНАТАМУ ПРВ ИЗБОР НА ГРАЃАНИТЕ

Поголем дел од населението во земјава и натаму дрвото го гледа како единствена алтернатива за загревање на домовите, така што повторно се наметнува прашањето како ќе се води ефикасна борба со загадувањето ако голем дел од луѓето не се подготвени да го променат традиционалниот начин на загревање во текот на зимата.
Огромното загадување на воздухот во урбаните средини предизвикано токму од загревањето на домовите со години предизвикува сериозни здравствени проблеми кај луѓето што резултира и со зголемена смртност, а сега во време кога светот се бори со ковид-19, загадениот воздух може само дополнително да ја искомплицира ситуацијата.
За десетина дена започнува грејната сезона, а она што во моментот им е на располагање на граѓаните се дрвата, централното греење во неколку дела на Скопје и Битола, како и греењето на струја, но се чини дека ова последново по најновото поскапување на цената на електричната енергија дејствува демотивирачки врз граѓаните, без оглед што државата дава субвенции за замена на котлите на дрва со еколошки грејни тела, пред сè, набавка на инвертери.

Гасификацијата на домаќинствата доцни, а со оглед на постојаниот раст на цената на гасот на светските пазари прашање е колку ќе биде исплатлив и овој енергент ако за гасификација на домаќинствата поминат уште пет и повеќе години.
Системот за централно греење е најзастапен во Скопје, но покрива многу мал дел од градот и ретко се инвестира во ширење на мрежата.
Кога ќе се согледаат сите наведени факти, тогаш и не изненадува зошто граѓаните продолжуваат да го гледаат огревното дрво како главен енергент за загревање на домот, но прашањето е како да се постави државата доколку сака да овозможи здрава животна средина за своето население.
– Нормално е луѓето да купуваат дрва за греење бидејќи едноставно алтернативите што им се нудат не се функционални. Јас имам куќа од 120 квадратни метри, на два ката и единствена опција да ја затоплам е котел на дрва. На струја не смеам ниту да помислам да се греам оти сметките би ми биле до небо. Пелетот би ме чинел нешто поскапо од дрвата, дополнителен трошок ќе ми биде набавка на нов котел без оглед на субвенциите, гас нема на повидок, а нема ниту можност за приклучок на централно греење, кое очигледно во Скопје е резервирано само за станбените блокови, додека населбите што се на пет километри од центарот се заборавени – вели Мишко Каевски, жител на Трнодол.

Според него, за да се откажат луѓето од греењето на дрва треба да им се понуди реална опција, која ќе биде прифатлива за сечиј џеб.
– Гасификацијата треба да се забрза. На крајот од краиштата, ако не можат да стигнат да донесат гас до секој дом, нека направат гасни топлани во секоја населба и преку топловоден систем нека донесат греење, а државата нека субвенционира местење радијатори во куќите во населбите што се блиску до централното градско подрачје, а кои сега се греат на дрва и придонесуваат за загадувањето во голема мера – предлага Каевски.
Екологистите сметаат дека државата мора порешително инфраструктурно да настапи за да понуди алтернативи на греењето на дрва.
– Државата најпрво мора да им понуди алтернатива на луѓето, а потоа целосно да го забрани дрвото за греење во урбаните средини. Првенствено мислам на гасификацијата. Бесплатен приклучок за сите, како и социјални пакети за греење на ранливите категории бидејќи во најголем дел тие луѓе користат нееколошки средства за греење бидејќи немаат пари да си купат дрва и најмногу влијаат на загадувањето – вели Тодор Иванов, планинар и еколошки активист.
Тој додава дека треба да се искористат и сите капацитети што во производствениот процес ослободуваат топла вода што може да се користи за греење.

– Ако не се лажам, РЕК „Битола“ може да грее делови на Битола, во Скопје тоа е веќе случајот со Железарница, некаде има и геотермални води, така што сè може да се искористи ако се има план и визија – нагласува Иванов.
Поранешната државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, вели дека државата нема многу механизми да ги преориентира граѓаните што веќе се греат на дрво на други еколошки горива, но смета дека може да ја издига свеста на луѓето како помалку да загадуваат ако веќе дрвото им е единствена опција за загревање на домовите.
– Државата нема други инструменти, освен да се издига свеста на граѓаните за штетноста при набавката на влажно дрво, кое има многу поштетни емисии отколку сувото дрво, потоа директивата за екопроизводи, која предвидува да се применуваат печки со внатрешно согорување со висока ефикасност, кои понатаму ќе влијаат на помало загадување, значи тоа се алатки што ги има државата на располагање и кои треба да ги промовира пред граѓаните – вели Ана Петровска, поранешна државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Таа додава дека она што е важно се субвенциите, издигањето на свеста на граѓаните за штетноста на влажното дрво, како и набавка на печки што ќе го согоруваат дрвото со висока ефикасност.

Според неа, ако веќе граѓаните се одлучиле, сепак, да се греат на дрва, треба да водат сметка тоа да е жигосано, односно да е набавено преку легална сеча.
– Набавувајќи дрво со жиг, тие нема да ги охрабруваат дрвокрадците да ги пустошат шумите и да им продаваат поевтино и неквалитетно дрво. Ако е набавено од дива сеча, ние всушност ја поттикнуваме онаа штета што се случува во шумите. Друга работа, граѓаните што се греат на дрво можат да придонесат за зачувување на почиста животна средина и со тоа што редовно ќе ги чистат оџаците. Дрво со лош квалитет, комбинирано со некои други средства што се согоруваат, придонесуваат за зголемувањето на штетните честички во воздухот – нагласува Петровска.
Како и да е, државата мора да ги забрза инвестициите во гасоводната инфраструктура за да овозможи масовно приклучување на домаќинствата на гасот како најдобро решение за загревање на домовите, а потоа да почне да ја ограничува употребата на огревно дрво во поголемите урбани средини. Само на тој начин ќе се избегнат енормните концентрации на штетни честички во воздухот, кои директно им го загрозуваат здравјето на луѓето, тврдат екологистите.