СДСМ најавува дека мнозинството ќе обезбеди онлајн седници на Собранието, со или без опозицијата, откако ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива го блокираа предлог-законот со поднесување на над 3.000 амандмани.
Опозициските партии на тој начин ја блокираа работата на мандатно-имунитетната комисија, на која требаше да се расправа за измените на деловникот. Собраниските служби работат на предложените амандмани на предлогот за измени на деловникот за работа. Според телевизија „Алсат М“, досега се обработени околу 2.000 амандмани, додека илјада други треба да бидат технички разгледани од службите и преведени на албански и на македонски јазик.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат оти очекувале претходен дијалог за предлогот за онлајн седници, како и дека поднеле амандмани, бидејќи според нив, владата немала слух за нивните барања. ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето дијалогот за измена на деловникот да се води во рамки на иницијативата Жан Моне.
Со предвидените измени на деловникот, пратеник кој е заразен со коронавирус и поседува решение за изолација, ќе има право да се вклучи во собраниските седници и да гласа од дома.